[Рецензија: „Челниците на ВМРО ДПМНЕ слават роденден спротивно на препораките за заштита од корона-вирусот“]
Невистинита информација дека висок функционер на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ ги прекршил вонредните мерки против корона-вирусот и организирал приватна забава со повеќе гости во еден скопски локал беше објавена, па потоа демантирана. Не само што донесува невистинити тврдења, овој напис е преполн со произволности, неточности и заборавени правила на новинарското изразување. Медиумот кој го објави и написот и извинувањето, побрза да се пофали со сопствената професионалност и одговорност, но си дозволи селективно да им се извини само на дел од актерите во приказната, а притоа не ја избриша сторијата за која призна дека направил грешка.
Линк до оригиналниот напис: „Челниците на ВМРО ДПМНЕ слават роденден спротивно на препораките за заштита од корона-вирусот“
Датум и време на објавување: 17.3.2020
Датум на рецензирање: 20.3.2020
Рецензент: Југослава Дуковска
Фотографија од роденденска забава на поранешниот вице-премиер од редовите на опозиционата ВМРО ДПМНЕ, Васко Наумовски, на која се гледа дека бил присутен и лидерот на партијата, Кристијан Мицковски, била единствената основа на која се темели објавената информација дека, во екот на забраната на масовни собири поради епидемијата на корона-вирусот во земјава, на опозиционерите им е до славење.
СЛАВЕЛЕ ЛАНИ – ОБВИНЕТИ ДЕКА КРШАТ ЗАБРАНА ГОДИНАВА
Некоректниот пристап кон информирањето за темата се гледа најпрвин во категоричното тврдење во самиот наслов дека „Челниците на ВМРО ДПМНЕ слават роденден спротивно на препораките за заштита од корона-вирусот“, иако самиот напис, освен приложената фотографија, не содржи изјава или друг вид на потврда дека ова тврдење е точно. Иако нема потврда дека фотографијата е навистина сликана во периодот од кога трае забраната за масовни собирања и престој во ресторани и кафулиња, тоа не го спречило медиумот да ја пласира шпекулацијата дека Наумовски со своите гости ја кршеле забраната поради славењето на неговиот 40 роденден во неименуван локал. Патем, во написот се вели „препораките“, но всушност, на денот на објавувањето на текстот веќе три дена на сила беше забраната за собири.
Истиот непрофесионален пристап се гледа и во главата на веста која, спротивно на стандардите на пишувањето вест, почнува со констатација за лицемерието на челниците на ВМРО-ДПМНЕ. Од втората реченица, пак, дознаваме дека целиов напис се темели само на фотографија која се појавила на социјалните мрежи:
Лицемерието на челниците на ВМРО-ДПМНЕ се гледа на секој нивни чекор. На социјалните мрежи се појави фотографија од поранешниот директор на Секретаријат за европски прашања и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Васко Наумоски, како го прославува својот 40 роденден во широко друштво.
Истиот ден пристига и демант од локалот, кој иако не спомнат со име, веројатно бил препознаен според фрагментот од ентериерот кој се наѕира на фотографијата.
„Three“ Bar &Kitchen категорично ја отфрла содржината во насловот и текстот на прилогот „Челниците на ВМРО-ДПМНЕ слават роденден, спротивно на препораките за заштита на корона вирусот“, објавен на 17.03.2020г на порталот frontline.mk….
се вели во демантот од локалот „Three“ Bar&Kitchen
Ве известуваме дека „Three“ Bar&Kitchen целосно ги почитува мерките на Владата на Република Северна Македонија за справување со коронавирусот, вклучително и оние кои се однесуваат на скратено работно време, односно на подоцнежната забрана за работење на угостителските објекти. Согласно тоа, локалот не работи од 14.03.2020г, еден ден пред стапувањето на сила на Забраната за работење на угостителските објекти на Владата. Фотографијата која Вашиот портал ја сподели е направена во локалот “THREE” Bar &Kitchen уште минатата година, а сега била споделена на социјалните мрежи со намера за честитање на роденден, а не покажување присуство на забава која воопшто не се случила,
истакнуваат во својот демант од „Three“ Bar&Kitchen.
По ова уследи делумното извинување од редакцијата.
Во врска со демантот од „Three“ Bar&Kitchen за фотографијата преземена од социјалните мрежи и објавена на Фронтлајн, упатуваме извинување до локалот, како и до нашите читателки и читатели, за настанатата грешка.
Фотографијата, како што се наведува и во демантот од локалот, е објавена во текот на претходниот ден, но е направена една година порано.
КОЈ ТОА НЕ ГО ПРОЧИТАЛ НОВИНАРСКИОТ КОДЕКС?
Но, дури ни после признаената грешка, дека е објавена неточна информација, не е постапено докрај коректно, бидејќи за главниот актер на приказната за роденденската прослава, спомнатиот Васко Наумовски, нема никакво извинување.
Ова е школски пример на флагрантно непочитување на Новинарскиот кодекс во чијашто прва реченица дословно стои основниот постулат на професионалното новинарство:
Да ја проверува точноста на информациите од секој извор и да биде крајно претпазлив за да не прави грешки од невнимание. Намерното искривување на фактите е апсолутно недозволиво,
и каде не случајно понатаму стои и дека новинарот мора:
Да води сметка да не пласира искривени факти и да не создава погрешна слика во насловите, во тизерите и во промотивните материјали, во фотографиите, во видео и аудио инсертите, во графичките прикази, во тонските парчиња и во цитатите,
како и дека секогаш треба
Да си ја признае грешката и веднаш да ја коригира.
Добро е да се запрашаме – што добил медиумот кој објавил неточна информација, бил фатен во лага и, многу арогантно, само делумно се извинил? Освен негативен имиџ кај својата читателска публика – апсолутно ништо. Освен ако ова не ги натера да си го препрочитаат Новинарскиот кодекс за да не ги повторуваат грешките.