Да престанат претпоставките – да зборуваат фактите

 

Може кривично да се гони. Може да биде уапсен. Може да се казни. Може, може, може… Тоа се заклучоци што не се толерираат во новинарски производ, кој има цел да ја информира јавноста, но тоа се случува кога текстот се заснова на претпоставки, а не на најмалку два аргумента.

Линк до оригиналниот напис: Уште еден поранешен министер може да заврши во Шутка поради малверзации?!

Датум и време на објавување: 4.12.2018

Датум на рецензија: 6.12.2018

Рецензент: Џенис Сулимани

 

 

 

 

 

 

 

Точноста не може да се базира на претпоставки

Текстот што го рецензираме денес има тенденција да постави претпоставки што не се засновани на факти. На самиот наслов се поставени сомнежите, но без да се поткрепат со аргументи. Наместо да одговори на прашањето што е покренато, тој уште повеќе го зацврстува  прашалникот.

„Поранешниот заменик-премиер за економски прашања Владимир Пешевски, порталот ’Доказ‘ го споменува како човек замешан во офшор-компании, сомнителни тендери, малверзации, отворање фирми во Кипар, во Турција, а потоа и во Македонија.“

Написот почнува и завршува со порталот Доказ и со зајакнување на сомневањата.

 

Обврска на новинарот е да ги потврди сомнежите!

Работата на авторот на текстот е да им даде можност да се искажат на страните што се наведени во оригиналниот текст.

Специјалното јавно обвинителство е отворено за медиумите и би дало одговор за овој случај. Требало да биде побарана изјава и од лицето споменато во текстот, а не како што е направено конкретниот случај – да се цитира негова стара изјава.

 

Со факти се враќа довербата во медиумите

Со информации како оваа што ја рецензираме кај јавноста се продлабочува уверувањето дека медиумите, особено порталите, служат само за етикетирање и обвинувања. Читателот треба да научи дека таквите текстови не се вести и оти новинарскиот производ нема цел да обвинува и оцрнува луѓе, туку да ја пренесе вистината и само вистината.

Новинарскиот производ во целосна смисла на зборот, сомнежите за малверзации ги базира на аргументи.

Новинарот не информира, ниту суди без аргументи. Сомнежите се наведуваат само кога се проследени со факти, бидејќи сомнежите доведуваат до вистината. Сепак, сомнежите поставени врз претпоставки лесно преминуваат во клевета и производи што имаат за цел да добијат повеќе „кликови” отколку да информираат точно. Затоа, кај информациите каде што не се вклучени споменатите („обвинетите“) страни, читателот лесно може да ја препознае манипулацијата.