[Рецензија: Северна Кореја егзекутира едно лице заразено од корона-вирус за да спречи понатамошно ширење ]
На македонските медиуми не им избега сензационалната вест за наводен случај на заболен од корона-вирус во Северна Кореа, кој, наводно, бил застрелан од тамошните власти кога го прекршил правилото за карантин и заминал во јавен тоалет. Според краткото истражување во пребарувачот „Гугл“, првпат на македонскиот интернет-простор ваквата вест е преведена на 13 февруари, а прв медиум што ја објавил или меѓу првите е Мајмунче.мк. Вистината е дека оваа информација за наводната егзекуција на пациентот, е непотврдена, неверодостојна и нема како да се провери.
Линк до оригиналниот напис: Северна Кореја егзекутира едно лице заразено од корона-вирус за да спречи понатамошно ширење
Датум на објавување: 13 февруари 2020
Датум на рецензирање: 1 март 2020
Рецензент: Мирослава Бурнс
Веста што ја рецензираме не се повикува на ниеден извор. Тоа не е чудно, затоа што за оваа конкретна информација, дека е егзекутиран носител на ковид 19 во Северна Кореја, нема ниту една потврда. Како тогаш една таква информација заврши како вирална и многу споделувана на социјалните мрежи и дојде до македонските медиуми?
Сѐ почнало, кога неидентификуван корисник на „Твитер“, кој се претставува како Тајниот Пекинг (Secret _Beijing), а кој себеси се опишува како општествен набљудувач и аналитичар за Кина и поширокиот регион – објавува дека е убиен првиот човек со корона-вирус во Северна Кореја. Авторот на твитот не кажува кој му е извор за информацијата за наводната егзекуција, но ширењето на веста на глобален план покажува дека гладот за сензационализам за вести од земјата полна тајни, Северна Кореја, е голема.
Твитот на „Тајниот Пекинг” е споделен 960 пати откако е постиран. Неговата содржина гласи: „Најново, лицето што е првиот потврден случај на корона-вирус во Северна Кореја е убиено, извештај“. Нема други детали, ниту се одговорени прашањата на другите твитерџии за тоа кој е изворот на информацијата.
Потоа твитот го видел IB Times од Сингапур, медиум за кој личи дека целата своја сторија ја базирал на единствениот твит. Потоа информацијата од IB Times заврши на блогот Zero Hedge и од таму со илјадници споделувања на социјалните мрежи до целиот свет, па и во Македонија.
Во светските медиумски кругови сторијата првпат се појавува на сингапурската верзија на веб-страницата „Тајмс“, со наслов: „Прв потврден случај на пациент со ковид 19, кој е застрелан и убиен”.
Во овој текст се вели дека лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, ја одобрил егзекуцијата на првиот заболен во земјата со ковид 19.
Но, британскиот национален сервис „Би-би-си“, во своето издание за мониторинг, прави детална вивисекција на тоа како веста се раширила на глобално ниво и уверливо потенцира дека нејзината точност не може да се верифицира, односно потврди.
Со оглед на тоа што Пјонгјанг веројатно нема ниту да ја потврди ниту да ја демантира информаицијата, приказната, најверојатно, ќе се шири како вирус по сите медиуми гладни за информации од Северна Кореја, пишува „Би-би-си“.
Како што додава британскиот јавен сервис, барањето вести од Северна Кореја, значи дека и вести добиени од извори што се недоволно поткрепени често се земаат здраво за готово. Тие никогаш не стигнуваат до степенот да бидат демантирани или потврдени, туку само се шират како оган. Доведувајќи ги во прашање кредибилноста и начинот на пласирањето на новинарски производи во Северна Кореја, „Би-би-си“ наведува дека особено во севернокорејските таблоиди, анонимни приказни и трачеви се доволни за да се формираат вирални наслови. Во минатото, приказните дека Ким Јонг Ил, наводно, е зависен од сирење или дека егзекутирал некого со графички описи, добија глобална експанзија и покрај тоа што имаше или многу малку или воопшто поткрепувачки извори за нив.
Како што додава „Би-би-си“, поради комплетната државна контрола врз информациите и вестите во Северна Кореја, вистинската и целосна слика за корона-вирусот таму веројатно никогаш нема да биде доловена. Официјалната верзија на државните власти е дека таму нема заболени од ковид 19. Во овој контекст, државните медиуми, кои инаку одбегнуваат да пренесуваат интернационални вести, во случајот со корона-вирусот посветуваат огромен простор за да прикажат како вирусот се шири на глобално ниво, а во многу краток медиумски простор информираат за состојбата во нивните граници.
Затоа, сите тврдења од Северна Кореја за ковид 19 не можат да се верифицираат, односно потврдат, а надворешните извори можат само да шпекулираат за вистинската слика во границите на земјата. Самото ова е доволно за заклучокот дека сите вести што доаѓаат од Северна Корјеа треба да се доживуваат со резерва, вклучително и непотврдената – дека земјата го егзекутирала првиот заболен од ковид 19.