Пред неколку дена на Инстаграм се појави профил со име @so.srce.za.simona, кој вели дека е наменет да помогне во собирањето средства за малата Симона од Штип, на која ѝ е диjагностицирана леукемија и потребни се парични средства за да се лекува во странство. Во објаснувањето на профилот имаше напишано „колку повеќе следбеници ќе добие профилот толку поскап ќе биде и полесно да се продаде и сите пари ќе бидат донирани“.
За кратко време профилот го доби вниманието на инстаграм-корисниците во државава и беше споделен од речиси сите инстаграмџии, инфлуенсери, пејачи, водители…
Инстаграм се крена на нозе и профилот за само неколку дена собра речиси 100 илјади следбеници. И ова ќе беше одлична позитивна приказна за тоа како луѓето се сплотија за заедничка хумана цел – да му помогнат на едно 4-годишно девојче, но, за жал, излезе дека се работи за измама. Излезе дека профилот е направен не со намера да му се помогне на девојчето, туку за лична добивка (голем број следбеници или парична заработка).
Инстаграмџијата @darkovlogs објави видео на својот IGTV, во кое објаснува дека стапил во контакт со профилот и со компанија што сакала да го купи профилот за 3.000 евра. Компанијата сакала да му ги донира парите директно на семејството на девојчето, но профилот ја одбил оваа понуда барајќи парите да се испратат прво на сметка на профилот, па потоа сопственикот на профилот да ги испрати кај семеството. Во своето видео Дарко ги споделува со јавноста информациите што ги дознал од разговори со луѓе што ги познаваат сопственикот на профилот и таткото на Симона.
Профилот во моментов е деактивиран.
По овој профил излегоа и неколку нови профили што ја имаат истата цел.
Инфлуенсерите апелираат граѓаните кои сакаат да помогнат, да не потпаѓаат на вакви измами. Кој сака да помогне може да го направи тоа со донација на официјалниот број отворен за донации за корисниите на А1-мрежата 143 460 или на трансакциска сметка
Примач
Симона Хаџи Тошев
Транс- за донации 270-7000448932.95
Халкабанк АД Скопје
(Пренесено од мета.мк)