Изминатата недела засилено се пишуваше за појавата на бразилскиот сој во Србија, а со тоа се засилија и претпоставките дека тој е веќе стигнат и во С. Македонија. Она што до денеска (21.4.2021) со сигурност го знаеме е дека ниту во Србија ниту во С. Македонија, сè уште нема потврден случај на заразен со корона-вирусот кој е носител на бразилскиот сој. Но, тоа не ги спречи некои медиуми, како во Србија така и во С. Македонија, неосновано да шират стравични сценарија и да креваат паника меѓу населението, преку сензационалистички наслови чија цел е да соберат кликови, а не точно да ја информираат јавноста
Пишува: Симона Атанасова
Во изминатиот период се појавија нови мутирани соеви на корона-вирусот кои дополнително ја вознемируваат светската јавност, како стравот, паниката и вознемиреноста поради појавата на овој нов вирус да не беа доволно присутни изминатата цела година.
За дел од овие мутации првичните истражувања велат дека се поопасни, дека полесно и побрзо се шират, дека се посмртоносни, дека побрзо предизвикуваат посериозни компликации како и дека почесто напаѓаат помлади лица и луѓе без претходни болести. Исто така, сè уште се испитува како вакцините делуваат и колкава е нивната ефикасност на новите соеви.
Досега се откриени повеќе соеви на корона-вирусот, но во последно време актуелни се три, именувани според тоа каде првпат се појавиле – британски сој, бразилски сој и јужноафрикански сој.
СТРАВУВАЊА, ПРЕТПОСТАВКИ, СЕНЗАЦИОНАЛИЗАМ
Тоа што со сигурност го знаеме е дека британскиот сој е детектиран во С. Македонија и веќе е станат доминантен. Во јануари, оваа мутација беше откриена во приватна лабораторија за генетика и перосонализирана медицина на клиниката „Жан Митрев“, кај 46-годишен маж и оттогаш се потврдува дека сè поголем број од новозаболените се заболени со овој сој.
Она од што стравува македонската јавност е појавата на другите два соја за кои се претпоставува дека се многу поопасни – бразилскиот и јужноафриканскиот. Изминатата недела засилено се пишуваше за појавата на бразилскиот сој во Србија, а со тоа се засилија и претпоставките дека тој е веќе стигнат и во С. Македонија. Она што доденеска (21.4.2021) со сигурност го знаеме е дека ниту во Србија ниту во С. Македонија, сè уште нема потврден случај на заразен со корона-вирусот кој е носител на бразилскиот сој. Но. тоа не ги спречи некои медиуми, како во Србија така и во С. Македонија, неосновано да шират стравични сценарија и да креваат паника меѓу населението, преку сензационалистички наслови чија цел е да соберат кликови, а не точно да ја информираат јавноста.
СОМНЕВАЊА ВО СРБИЈА
Српски медиуми, пред една недела, пренесоа изјава од директорката на Ковид болницата во Батајница, во Белград, Татјана Аџиќ Вукичевиќ, која за РТС изјави дека има индикации дека бразилскиот сој на вирус се појавил во Србија. Но, дел од медиумите тоа го објавија ударно и сензационалистички и го преставија како навистина да се случило, а не како што е реалната ситуација – дека се работи само за сомневања.
- U Srbiji i brazilski soj virusa (Во Србија и бразилски сој на вирусот)
- STIŽE NAM NOVA PRETNJA: Brazilski soj stiže u Srbiju! Masovna vakcinacija jedino može da zaustavi širenje NAJOPASNIJEG mutanta! (НИ СТИГНУВА НОВА ЗАКАНА: Бразилскиот сој стигнува во Србија! Единствено масовна вакцинација може да го запре ширењето на НАЈОПАСНИОТ мутант!)
- BRAZILSKI SOJ STIŽE U SRBIJU! Ovo nam je jedini spas da se izborimo protiv najopasnijeg mutanta! (БРАЗИЛСКИОТ СОЈ СТИГНУВА ВО СРБИЈА! Ова ни е единствениот спас да се избориме против најопасниот мутант!)
- BRAZILSKI SOJ STIĆI ĆE U SRBIJU, PITANJE JE DANA! Dr Šekler: Mutirani virus NIJE OPASNIJI, ali ima jednu VEOMA OPASNU osobinu! (БРАЗИЛСКИОТ СОЈ ЌЕ СТИГНЕ ВО СРБИЈА, ВО ПРАШАЊЕ СЕ ДЕНОВИ! Др Шеклер: Мутираниот вирус НЕ Е ПООПАСЕН, ама има една МНОГУ ОПАСНА особина!)
ПАНИКА ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Потоа, македонските портали ги преземаа текстовите од српските и кренаа паника.
Се објавуваа телевизиски прилози кои ударно почнуваа со „Бразилскиот сој влезе во Србија, а со тоа е несомнена опасност и за Македонија“. Притоа, во дел од медиумите имаше појаснувања дека станува збор за непотврдени податоци, односно само за сомневања. Но, тоа не беше јасно нагласено во насловите и воведниот дел на текстовите, односно прилозите. На таков начин фактички се манипулираше јавноста, која беше наведена да донесе погрешен заклучок.
- Во Србија пристигнал бразилскиот вирус
- Д-р Аџиќ: Бразилскиот сој на коронавирусот е веќе во Србија
- И бразилскиот сој на вирусот е пристигнат во Србија
- Во Србија пристигнал бразилскиот сој, лекарите велат дека е многу опасен и смртоносен
- Oвa ce дeтaлитe: Hajoпacниот coj кopoнавиpyc пpиcтигнa вo coceдcтвото?
- Бразилскиот сој е многу пострашен, вели директорката на ковид болницата во Белград и се сомнева дека е пристигнат во Србија
- ПОСТОЈАТ ИНДИКАЦИИ ДЕКА ВО СРБИЈА ПРИСТИГНАЛ БРАЗИЛСКИОТ ВИРУС: МНОГУ МЛАДИ СЕ НА РЕСПИРАТОРИ
Па, така дел од порталите објавуваа прашални наслови со кои поттикнуваа шпекулации дека овој сој веќе го има во С. Македонија, притоа додавајќи застрашувачки податоци во самите наслови, како „најопасна мутација“, „млади на респиратори“…
- Дали во Македонија има бразилски сој на Ковид-19?
- Најопасната мутација на Ковид-19: Дали во Македонија е присутен бразилскиот сој?
- Можно ли е бразилскиот сој на корона-вирусот да се појави во Македонија?
А други пак, нè плашеа дека опасноста нè демне од зад аголот.
- Бразилскиот сој на ковид-19 е сè поблиску до Македонија
- „Бразилска мутација нема во Македонија, но постојат шанси“ – позаразен и посмртоносен
По изјавата на докторката Аџиќ Вукичевиќ дека има назнаки дека бразилскиот сој се појавил и кај српската популација, д-р Тања Јовановиќ член на Кризниот штаб и вирусолог, потоа дообјасни дека покрај британскиот вид на коронавирус, во Србија не се докажани други заканувачки варијанти на вирусот.
И ова го преземаа македонските медиуми без притоа никој од нив јасно и гласно не потенцира дека нема бразилски сој ни во Србија ни во С. Македонија, оставајќи простор за дилеми и шпекулации.
Еден портал отиде и чекор понатаму па ситуацијата во Србија ја престави како да се случува во С. Македонија, при што текстот доби целосно неточен наслов дека вирусот не само што го има во Македонија, туку и дека веќе се шири.
Во текстот е цитирана изјава на д-р Марија Гњатовиќ, соработник на Институтот за примена на нуклеарна енергија во Србија и таа говори за ситуацијата во Србија. Никаде во текстот не е спомната С. Македонија, како што ударно се вели во насловот. Независно дали се работи за намерна или ненамерна грешка на порталот, сепак и четири дена по објавата, овој наслов сè уште е активен и грешката не е поправена. Освен што грешно е објавен на веб-страницата на порталот, овој лажен наслов се споделува и на социјалните мрежи и дополнително ги подгрева стравовите кои и така веќе постојат кај луѓето.
БРАЗИЛСКИОТ СОЈ СÈ УШТЕ НЕ Е ПОТВРДЕН
Вчера и министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар на прес-конференцијата со својот македонски колега Венко Филипче, изјави дека бразилскиот сој сè уште не е потврден во Србија.
Ние официјално сÈ уште го немаме потврдено бразилскиот сој на вирусот, што не значи дека тоа нема да се случи многу брзо. Кога и да се појави некој сој, дали тоа е британскиот или некој друг, вирусот не познава граници. Не велам дека го нема, само дека не сме го потврдиле, но се однесуваме како тој да е во Србија.
Иако, сомневањата за присуството на бразилскиот сој потекнаа од официјално медицинско лице, сепак медиумите неосновано кренаа паника и предизвикаа страв. За да може категорично да се тврди дека овој нов сој е присутен во Србија или С. Македонија, тоа треба да биде потврдено со детални анализи во официјални лаборатории. Засега, оваа мутација не е присутна ниту во Србија ниту во С. Македонија. Ниту, пак, значи дека ќе се појави во овој редослед којшто го наведуваат медиумите. Сосема е возможно да се појави прво во земјава, па во Србија, исто како што е возможна и обратната ситуација.
Појавата на овој сој кај нас не е исклучена, но, сепак, тензиите и паниката треба да се сведат на минимум и медиумите да објавуваат само точни и потврдени информации од официјални институции, а без притоа да го заплашуваат населението, водени од желбата за собирање што повеќе кликови.