Дескоска не се враќа во ресорот образование

 

[Рецензија: Дескоска се враќа во образование, во Правда кадар на ДУИ, власта размислува за размена на ресори?]

Текстот што го рецензираме е „празен“, тој се базира исклучиво на шпекулации за смената или рокадата на министрите во Владата што ја најави премиерот Зоран Заев. Наводното враќање на министерката за правда, Рената Дескоска, во нејзиниот претходен ресор, Министерството за образование, е шпекулација, која министерката ја демантира.

Линк до оригиналниот напис: Дескоска се враќа во образование, во Правда кадар на ДУИ, власта размислува за размена на ресори?

Датум и време на објавување: 7.5.2019

Датум на рецензирање: 9.5.2019

Рецензент: Силвана Жежова

 

Рената Дескоска се очекува да се врати во Образование, а со Правда ќе раководи кадар на ДУИ. На списокот со институции каде се очекуваат промени на кадри се споменува и МНР. Неофицијално, Никола Димитров бара да замине од министерската фотелја, но причините не се откриваат.

Тврдењето на текстот дека министерката за правда се очекува да се врати на нејзиното претходно министерско место во ресорот образование го демантира Дескоска.

Да се вратам јас во Образование, немам намера, сепак, јас не сум Никола Тодоров да ги шетам сите ресори. Единствено место каде што би се вратила е Правниот факултет, одговори министерката Дескоска. На новинарско прашање во врска со реконструкцијата на Владата и враќање во Министерството за образование.

Не се потврдени ниту информациите за министерот за надворешни работи, Никола Димитров, дека, наводно, барал да замине од министерската фотелја. За оваа шпекулација, која во повеќе наврати се појави во јавноста низ повеќе медиуми, можел да се исконтактира и самиот министер и да се праша, особено што информацијата се однесува дека тој наводно барал, а не е по предлог на Владата. Министерството за надворешни работи поднесе жалби за објавување невистинити новинарски текстови во однос на неговото заминување.

Посочените текстови се служат со неточно и нефер известување, пристрасност во информирањето, незастапена втора страна, навреда и клевета. Притоа ги прекршуваат основните новинарски начела за одбраната на човековите права, достоинството и слободата, почитувањето на плурализмот на идеите и ставовите. Воедно, таквото известување е во спротивност со низа принципи утврдени во Кодексот на ЗНМ, се вели во соопштението од МНР.

Имајќи го предвид интересот на јавноста во однос на најавената „метла“ од страна на премиерот Заев за министри, директори, раководители, секоја шпекулација може да придонесе за погрешно „подгревање“ на јавноста и дезинформирање. Во трката кој прв ќе објави за смената на министрите, се нарушуваат основните правила на новинарството, бидејќи настрана брзината, поважна е точноста.

За министрите за кои медиумот има одредени сознанија дека би можеле да бидат сменети, можело да се земе став од Владата или од самите министри. Одлуките за смени и за реконструкција ќе ги објави Владата и иако, можеби, нема најпрво да бидат обелоденети во медиуми, сепак во новинарскиот текст треба да ја има и втората страна на која се однесуваат тврдењата. Во овој текст се работи за рекла-кажала, направен е во стилот: сме начуле кој ќе биде сменет, но не сме сигурни.