Одредени граѓански организации на Балканот, како Фондацијата „Метаморфозис“, пред скоро цела деценија почнаа да ги разгледуваат ефектите од дезинформациите, спиновите и пропагандата, но овие појави тогаш не беа препознаени како сериозна закана за демократијата. Владата нема ексклузивно место во борбата со појавата на дезинформациите, теориите на заговор и манипулациите, туку во таа битка треба заедно да настапат сите општествени чинители. Ова е заклучокот од денешната онлајн-дискусија на тема пристапи во борбата против дезинформации, со посебен акцент на дезинформациите поврзани со пандемијата на ковид-19.
Дискусијата беше организирана во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“, а како дел од годинашните Денови на медиумската писменост.
Извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари, посочи дека во процесот на промоцијата на доброто владеење пред десетина години било неопходно организацијата да се вклучи во делот на тоа какви информации им се достапни на граѓаните за да можат целисходно и рамноправно да се вклучат во каков било дијалог со државните институции.
„Ние многу рано почнавме да ги разгледуваме ефектите од дезинформациите, спиновите и пропагандата и уште тогаш забележавме дека се присутни, но не беа препознаени како сериозна закана за демократијата“, рече Јашари.
Тој додаде дека процесот бил многу сложен, бидејќи медиумите во тој период беа под влијание на тогашната власт и единствен слободен простор против девијациите во медиумите беа социјалните мрежи и интернетот.
„Токму и така почнува борбата на Метаморфозис“, вели Јашари. „Прво со создавањето на ‘Вистиномер’, кој прави анализа на изјавите и ветувањата на политичарите, а потоа со работа почнува и Сервисот за проверка на факти кој се занимава со fact checking на содржини во медиумите чија цел не е само разоткривање на дезинформациите, туку и едуцирање на граѓаните за присуството на говорот на омраза, дезинформациите и слично“, додава тој.
Според него, како што поминувало времето, така еволуирала и методологијата и пристапот, но забележливо било дека проверката на факти, иако е суштински дел од борбата против дезинформации, не била доволна за справување со негативните и опасните ефекти од нив.
„Еден од заклучоците до коишто дојдовме тогаш е дека медиумската писменост и критичкото мислење стануваат сè поважни“ вели Јашари, додавајќи дека без оглед на возраста на човекот, потребни се дигитални вештини кои ќе му помогнат безбедно да сурфа и да користи социјални мрежи, притоа критички да се аналзиираат добиените информации, да се процени нивниот квалитет и врз база на тој контекст да се формира свое мислење.
„Дезинформациите земаат замав, притоа тие немаат граници, вестите се пренесуваат од една во друга држава, дури некои се спрецифични за одредени теми во кризни моменти. Никој не може да биде сам во борбата со дезинформации, неопходни се повеќе напори бидејќи ова не е нешто што ќе се реши, постојано ќе има некои агенди кои ќе ги користат сите алатки што им се на располагање за да ги постигнат своите цели и да влијаат во процесите. Меѓусебната соработка е неопходна за намалување на негативните ефекти од овие појави, кои можат и да го загрозат човечкиот живот“, дециден е директорот на Фондацијата „Метаморфозис“.
Советникот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за медиумски реформи, Зоран Бојаровски, на дискусијата истакна дека Владата е максимално транспарентна и отворена за соработка со сите медиуми, медиумски организации, поединци, но нема ексклузивно место во борбата со појавата на дезинформациите, теориите на заговор и манипулациите. Тој посочи дека Владата апсолутно, има свои важни обврски со кои треба да учествува во таа заедничка борба со сите засегнати страни во општеството, но факт е дека во ова сме вклучени сите заедно.
„Овие денови интензивно ми се враќа една мисла, која ме враќа назад во 2000 година кога на хоризонтот можности што ги нудеше интернетот го гледавме врвот на една санта мраз и не можевме да претпоставиме што сè се крие под површината на морето. Денеска станува јасно што има и што се крие под сантата мраз со која ние силно се судираме со сите последици што ги носи“ рече Бојаровски, посочувајќи дека сега се соочуваме со ситуација која е перманентна, континуирана борба со сите лажни информации, дезинформации, манипулации, погрешни и злонамерни концепти кои се промовираат, застапуваат, шират и кои им нанесуваат огромни штети на сите, вклучувајќи поединци, организации, влади, меѓународни организации итн.
Бојаровски се осврна и на тоа како Владата во изминатите неколку години, а особено и сега во текот на пандемијата се справуваше и се постави со таканаречената епидемија на лажни вести и дезинформации. Тој е дециден дека плодно поле каде што се развиваат овие појави се токму во периоди кога државата е во „клизни периоди“ и кризните ситуации. Како клучни периоди во нашата држава, кога Владата требала директно да се соочи со последиците од ширењето на овие појави, ги истакна периодот со референдумот за промена на името, како и актуелниот период со ковид-кризата.
„Уште на 12 март, еден ден по прогласувањето на првата вонредна состојба, Владата преку соопштенија, а потоа и на прес-конференција потсети дека ширењето на лажни вести е казниво според актуелниот кривичен законик. Ова не беше закана, туку беше факт и ние тоа го направивме имајќи ги предвид претходните искуства со кои се соочивме и само сакавме да потсетиме за овој член од законот. Реалноста што потоа следуваше ни покажа дека сме во право на однос на тоа“ изјави Бојаровски, потсетувајќи на креирањето официјален комуникациски канал на кризниот штаб за справување со кризата од каде што луѓето може да се информираат со тековните настани и активности поврзани со корона-вирусот.
Тој исто така ги спомена и секојдневните прес-конференции што придонеле за одговор на сите прашања од страна на медиумите и граѓаните, со цел да се избегнат манипулации. Бојаровски не изостави да ја спомене и соработката со медиумите, но и со глобалните мрежи како „Фејсбук“, „Јутјуб“ и „Вибер“ кои овозможиле Владата да се приближи до граѓаните и да ги информира за активностите поврзани со ковид-19.
Извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, се согласи со Јашари и Бојаровски истакнувајќи дека борбата со дезинформации е нешто во кое треба да се вклучат сите чинители, осврнувајќи се на работата на СЕММ, кој 5 години следи како и дали медиумите се држат до етичкиот кодекс. Тунева истакна дека во актуелната состојба со ковид-19, прво реагирале со соопштенија и повици до медиумите да се избегнува сензационализмот, а воедно побарале отвореност и транспарентност од државните институции.
„Она што го забележа нашата пракса во изминатиот период е дека се интензивираше продуцирањето на лажни вести од февруари до јули, имајќи предвид дека се одржаа и парламентарните избори, што беше огромен предизвик за новинарите. Во однос на статистиката, бројот на претставките од јануари до јули се однесуваат на известување за пандемијата и тоа 46 отсто од нив се поврзани со член 1, односно објавување точни информации, како и околу 30 отсто поврзани со член 8 – во врска со сензационалистичкото известување, исто така имаше и претставки поврзани со непостоење дистанца од политичките партии“ појасни Тунева, додавајќи дека во текот на пандемијата, борбата со дезинформации ги опфатила и високоразвиените земји, кои се соочиле со слични проблеми.
- Истражување на СЕММ: Најчести прекршувања на новинарските стандарди за време на пандемијата
Збор на панел-дискусијата имаше и Љупчо Петковски, истражувач при Центарот за европски стратегии – „Евротинк“, кој истакна дека дезинформациите не се нова појава, но дека нормализирањето на теориите на заговор ќе ни покаже колку овој проблем е сериозен, без притоа да ги карактеризираме како „болест“, „канцер“ или слично.
Петковски накратко ги презентира прелиминарните податоци од истражувањето на „Евротинк“, поврзано со инфодемијата, потенцирајќи дека 34,8 отсто од испитаниците веруваат во 2 од 4 теории на заговор. Во истражувањето се опфатени неколку клучни прашања поврзани со корона-вирусот, за тоа како настанал, дали 5Г-мрежата е поврзана со вирусот, дали властите кријат информации поврзани со вирусот и слично. Истражувањето ќе биде јавно објавено во текот на следните денови.
На крајот, се обрати и Владимир Петрески, уредник на „Критинк“ и „Вистиномер“ при Фондација „Метаморфозис“, кој зборуваше за начинот на којшто функционираат овие медиуми. Петрески појасни и за неодамнешната соработка со социјалната мрежа „Фејсбук“, односно начинот како се одвива разоткривањето лажни вести, теории на заговор, манипулации, пропаганда, а кои се поврзани со објави на „Фејсбук“.
Медиумски известувања за настанот:
- Телма ТВ: Во битка со пандемија и инфодемија
- Мета.мк: Дезинформациите не беа навреме препознаени како закана за демократијата
- Meta.mk: Disinformation wasn’t recognized on time as a threat to democracy
- Опсервер: Во борбата против лажните вести потребни комбинирани напори меѓу сите чинители и институции
- Civil Media: Дезинформациите не беа навреме препознаени како закана за демократијата
- PortAlb.mk:Dezinformatat nuk u njohën me kohë si kërcënim për demokracinë
Медиумски најави
- МИА: Дебата и истражување за борбата против дезинформациите со ковид-пандемијата
- Опсервер: Дебата и истражување за борбата против дезинформациите со ковид-пандемијата
- Независен: Дебата и истражување за борбата против дезинформациите со ковид-пандемијата
- 24 инфо: Дебата и истражување за борбата против дезинформациите со ковид-пандемијата
- Frontline.mk: Дебата и истражување за борбата против дезинформациите со ковид-пандемијата
- Канал 5: Дебата и истражување за борбата против дезинформациите со ковид-пандемијата
- MakPress: Дебата и истражување за борбата против дезинформациите со ковид-пандемијата