Дезинформација е дека се правел погреб на починат од ковид-19 со празен ковчег во Уганда

 

 

Пост на „Фејсбук“ тврди дека се правеле лажни погреби на луѓе починати од ковид-19. Постот се повикува на случај во Уганда. Нашата проверка покажа дека ова е дезинформација.

КОРОНА ЗАКОП БЕЗ МРТОВЕЦ

Вознемиреност и гнев на населението спрема властите, што се случува со “корона жртвите”…. празен мртовечки сандук со скафандер церемонија???, се вели во објавата.

Постот споделува текст за случај во Уганда каде, наводно, жители на селото Касезе откриле шокантен чин на погребување жртва на корона-вирус, откако насилно го отвориле ковчегот и го нашле празен без тело. Станува збор за случај од 14 јуни. Во објавата се наметнува и прашањето „што се случува со корона-жртвите“, а ваквото прашање подолу во коментарите плете приказни за продажба на човечки органи.

„Вистиномер“ го побара овој случај на интернет и дојдовме до сознание дека станува збор за дезинформација, односно погреб на починат од ковид-19 имало, а ковчегот не бил празен, односно не се правеле никакви „скафандер церемонии“, како што се тврди во објавата што ја анализираме.

За овој случај има и видео што е доста споделувано на социјалните мрежи и кое е злоупотребено со цел ширење лажни вести дека ковид пандемијата е лажна.

 

Видеото, снимено на гробишта за време на церемонијата, покажува работници облечени во лична заштитна опрема, носејќи бел ковчег, додека насобраната толпа ги прекинува и им дофрла на локален дијалект. Околу 40-та секунда од видеото, човек облечен во темносина маица се приближува до гробот и набрзина му се придружуваат и други.

Сè помногубројната толпа го нарушува спуштањето на ковчегот и бара тој да се отвори. Некој се придржува и го отстранува капакот, но слабиот квалитет на сликата на видеото отежнува јасно да се види што има во ковчегот.

Иако снимката е нејасна, сепак, на 1:50 во видеото се гледа како изгледа врвот на главата од телото.

Пред да се отвори ковчегот и да се повлечат чаршафите што го покриваат телото, луѓето во толпата може да се слушнат како извикуваат на луконзо, локален дијалект: „Тие треба да ти го покажат тебе, нека ти го покажат! Нека ти го покажат татко ти, да, нека ти го покажат татко ти!“, пренесува Сервисот за проверка на фактите на Агенцијата Франс прес (АФП).

Откако ќе се отвори ковчегот и ќе му се открие лицето на мажот пред толпата, може да се слушнат луѓето како велат: „Ах, тој е тој, тој е вистинскиот!“ Потоа: „Тој е тој, тој почина од корона“.

Медиумите во Уганда објавија дека хаотичниот погреб се случил во село Бунијсва во западна Уганда. Сервисот за проверка на фактите на АФП разговараше со ќерката на починатиот човек, која потврдила дека нејзиното семејство навистина го закопало.

Она што се тврди, дека празен ковчег бил закопан од владата, не е точно. Како семејство, го погребавме неговото тело и треба да се игнорира разговорот за празен ковчег и работата да се стави во мирување, изјавила Имакулате Масика за АФП.

Од сето ова може да се заклучи дека веста за лажен погреб на човек починат од ковид-19, односно погреб со празен ковчег, е лажна. Пандемијата од ковид-19 е реална, таа не е измислена и досега одзеде над 3 милиони животи. Ваквите и слични вести се дел од познатите теории на заговор, кои од почетокот на пандемијата се споделуваат на социјалните мрежи.

 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.