Постот што го рецензираме е со пропуштен контекст, односно настанот на видеото навистина се случил – станува збор за прослава на навивачите на шкотскиот фудбалски тим Ренџерс, но тој во оваа објава на „Фејсбук“ намерно е претставен погрешно – како прогласување на крај на некаква лажна пандемија. Со самото тоа што во постот се премолчува дека станува збор за фудбалско славење во време на пандемија и наместо тоа настанот го прогласува за „крај на лажната пандемија“, се врши манипулација
Пишува: Мирослава Бурнс
Рецензираме пост на „Фејсбук“, кој е споделен во група „Вистината на дело“, со следниот опис:
Шкотска.
Доста е од лажната пандемија
Под постот се наоѓа видеоматеријал на кој се гледа голема група на луѓе кои се движат на улица и скандираат нешто. Само од вака објавеното видео, без да се каже за што се однесува ваквиот собир, се добива впечаток дека граѓаните решиле да ги бојкотираат мерките за заштита од корона-вирусот. Освен тоа, пандемијата се нарекува лажна, што не е вистина. Во Шкотска се регистрирани 207 илјади случаи на корона-вирусот и 7.461 починато лице.
Но, собирите во Шкотска, кои се случиле на 7 март годинава, немаат никаква врска со пандемијата од корона-вирусот. Станува збор за собири и прослави на навивачи и поддржувачи на Ренџерите, фудбалски тим кој е прв во премиерлигата на Шкотска.
Шкотската влада остро ги осуди собирите од страна на Ренџерите, односно навивачката група и најави дека пред следните натпревари ќе осигури некои построги мерки за да се спречи повторно вакви собири да се случуваат.
Владиниот претставник Џон Свини, еден ден по овие органиизрани собири во Шкотска, како што може да се види од видеоматеријалот во продолжение, ги нарече срамни, а владата упати остри и тешки зборови за фудбалските фанови, кои решиле да прославуваат на ваков начин, без почитување на мерките за заштита, без маска, без дистанца. (Изјавата на Свини може да се види од 27 секунда на видеото во продолжение).
Тој вели дека ваквите собири се срам и непочитување на сите што се придржуваат на правилата и не се среќавале со семејството и пријателите, мерки што овозможиле бројките да бидат под контрола во Шкотска.
Меѓутоа, во описот на споделеното видео, само се вели дека пандемијата е лажна и со самото тоа што не се објаснува дека споменатите собири се осудени од владата и претставуваат грубо кршење на мерките што се во сила во Шкотска, настанот се претставување во лажен манипулативен контекст!
Пандемија има, владата на Шкотска ги осудува овие собири, ги оценува како срамни и го осудува и фактот што фудбалскиот клуб пропуштил да им се обрати на своите поддржувачи да се воздржат од масовни прослави, какви што, впрочем, се одржаа. Полицијата уапсила 28 лица, а парично казнила седуммина. Причините за апсењата вклучуваат напад врз полициски службеници, прекршување на правилата за заштита од корона-вирусот, нереди и немири, употреба на пиротехнички материјал и нарушување на јавниот ред и мир.
Дел од граѓаните на Глазгов, се разочарани и затоа што во овие славења биле уништени меморијални споменици на починати граѓани на Глазгов…
Доктор Џорџ Смит рекол дека благодарение на овие нереди ќе следуваат лавина инфекции.
Мислам дека има голем и реален ризик да видиме скок во инфекциите наредниот период како резултат на овие настани што се случија викендов.
Постот што го рецензираме е со пропуштен контекст, односно, иако настанот на видеото навистина се случил, во оваа објава на „Фејсбук“ тој е претставен погрешно, како прогласување крај на некаква лажна пандемија. Иако во Шкотска има официјални мерки за заштита од корона-вирусот и нивното кршење наиде на остра осуда од владата медицинските професионалци оценија дека благодарение на овие собири ќе има зголемен број случаи од корона-вирусот.
Со самото тоа што авторот на постот премолчил дека станува збор за фудбалско славење во време на пандемија, и, наместо тоа, настанот го прогласува за „крај на лажната пандемија“, врши манипулација.
Впрочем, за тоа дека видеото се злоупотребува за манипулирање на јавноста говорат и некои од оние што коментираат под самата објава. Такви се, на пример, овие коментари:
- Ова се навивачите на Глазгов Ренџер и слават титула, не пишувајте глупости!!!
- Глазгов Ренџерс освоија титула…Слават навивачите..Ќе одете на бан.
- …не е коректно и да ја лажат јавноста со извртени видеа..Слават навивачите на Ренџерс, а не е протест против корона..Тоа ми беше целта..Доста е со лажни вести, не знаеме веќе шо е лага а шо вистина.