Ние ја славиме Новата година како шанса за нов почеток, а за повеќето од нас оставањето на 2020 година претставува олеснување. Во 2021 година човештвото почнува да се бори против ковид-19 со огромна кампања за вакцинација. Европската унија координираше и обезбеди набавка на 300 милиони дози вакцини од „Бионтек“- „Фајзер“ и повеќе од 1 милијарда дози вакцини од други пет компании – откако ќе заврши клиничкото тестирање. Една од нив, британско-шведска „Астразенека“, го покани рускиот институт „Гамалеја“ за тестирање на комбинација на вакцините од двете компании. Секако дека сè уште не сме надвор од шумата, но има причина за претпазлив оптимизам. Оваа – 2021 година може да биде година на соработка, надеж, промени, пишува „Еувсдисинфо“.
Но, некои работи не се менуваат: „Про-Кремљ медиумите продолжуваат да ги поддржуваат теориите на заговор околу пандемијата, како „Големото ресетирање“ и продолжуваат да сугерираат дека пандемијата е инструмент на „елитите“ за да се воспостави светска влада, наметнувајќи целосна контрола на населението. Руските државни медиуми продолжуваат да се занимаваат со примери за проблеми со вакцината на „Фајзер“, внимателно избегнувајќи вести за несаканите ефекти на руската вакцина „Спутник V“.
И покрај соработката помеѓу „Астразенека“ и Институтот „Гамалеја“, про-Кремљ медиумите продолжуваат да тврдат за кампања, дури и за војна, против вакцината „Спутник“. Про-Кремљ медиумите дури тврдат дека „Западот“ е повеќе преокупиран со борбата против вакцината отколку со вирусот и оти некористењето на „Спутник V“ е сигурна смрт.
И во 2021 година про-Кремљ медиумите најверојатно ќе продолжат папагалски да го повторуваат изразот „нема докази!“ – било да се работи за случајот MH17, труењето на Навални или мешање на Русија во странски избори. Од друга страна, истите извори ќе продолжат да тврдат, без да презентираат никакви докази, дека САД создаваат биолошко оружје во лабораториите близу до границите на Русија.
Можеме да очекуваме про-Кремљ медиумите да ја продолжат оваа традиција во 2021 година, прикажувајќи го „Западот“ како регион во морален и социјален колапс, кој полека се движи кон тиранија. Овие наративи имаат многу длабоки корени во традицијата на дезинформации; „Загрозените вредности“ се еден од основните наративи на про-Кремљ медиумите, пишува „Еувсдисинфо“.