[Рецензија: Кучко, краво – негувателка во гевгелиска градинка го смирува расплаканото дете (видео)]
Текстот што е предмет на оваа рецензија е нецелосен и необјективен. Имено, написот се повикува единствено на статус и видео објавени на социјалната мрежа „Фејсбук“, што не е доволен извор, односно недостига втората страна.
Линк до оригиналниот напис: Кучко, краво – негувателка во гевгелиска градинка го смирува расплаканото дете (видео)
Датум и време на објавување: 6.8.2018
Датум на рецензирање: 8.8.2018
Рецензент: Ана Анастасовска
Насловот самиот по себе е бомбастичен и со сигурност ќе ги привлече читателите да кликнат на него.
Кучко една, краво… Вака воспитувачки и негувателки ги смирувале расплаканите деца во гевгелиска градинка. На социјалните мрежи е објавено видео од детска градинка, на кое се слуша плач на дете. Според коментарот на девојката што го постирала видеото, детето плачело два часа, додека се слушало викање од негувателките – краво, кучко…
Во текстот се наведува дека негувателки во градинка во Гевгелија смирувале расплакано дете обраќајќи му се со погрдни зборови. Во прилог на ваквата информација е постирано и видеото. И тука завршува сè.
Прво, видеото е многу нејасно и, освен детски плач, не е разбирливо што негувателката му вели на детето. Поради тоа и не може да се тврди дека тоа било така, туку треба да се остави на читателот самиот да слушне и да процени. Во текстот ја нема целосната објава на „Фејсбук“ на која се повикува, туку е ставено само видеото, па оттука читателите не можат да видат што објавило лицето што го постирало видеото.
Во написот ја нема другата страна на приказната, негувателката или директорот на градинката, ниту има информација дали воопшто е побарано такво нешто.
Нема ни став од надлежна институција, во случајов Министерството за труд и социјални работи.
Едноставно, имаме само видео за во кое се тврди дека се слуша како негувателка навредува дете и тоа е сè. Дали е тоа навистина така, не може да се утврди од написот.
„Фејсбук“ не е доволно релевантен извор на информации за написот да биде целосен и професионален. Социјалните мрежи може да бидат извор на информации, но мора да се проверат од сите можни страни пред да ѝ се пласираат на јавноста. Вака како што е објавен, текстот е нецелосен и нерелевантен.