!„Фејсбук“ ги менува своите интерни правила со вклучување на негирањето на холокаустот во дефиницијата на говор на омраза, откако неколку години трпеше критики дека не презема доволно силни мерки за спречување на тој облик на дезинформации, јави агенцијата „Мета.мк“
Моника Бикерт, потпретсетаделка на „Фејсбук“ за јавни политики за содржини, на 12 октомври објавила блог-пост со најава дека платформата ги надградува правилата за говор на омраза со забрана за какви било „содржини со кои се негира и искривоколчува холокаустот“.
„Фејсбук“ ја донел одлуката врз основа на зголеменото ниво на онлајн-насилство од групи што промовираат омраза и расизам, а на кои веќе реагирале со отстранување на над 22,5 милиони такви содржини од платформата во второто тримесечје на 2020 година.
Бикерт го посочи и неодамна објавеното истражување за кое извести „Мета.мк“, кое покажало дека младите во САД имаат исклучително ниско знаење за историјата поврзана со холокаустот, како и дека имаат усвоено низа неточни ставови промовирани од неонацистичката пропаганда.
Сметајќи дека едукацијата за холокаустот е клучна во спречувањето на разните форми на расизам, меѓу кои и антисемитизмот, Бикерт најави и дека освен забрани, „Фејсбук“ ќе ги поттикнува своите корисници да читаат проверени информации преку додавање линкови кон кредибилни историски извори на сајтови вон „Фејсбук“ во резултатите од пребарувањата.
„Мета.мк“ во септември извести дека групи бранители на човековите права бараат од „Фејсбук“ да го третира негирањето на холокаустот како говор на омраза во рамките на својата политика за забранети типови содржини. На пример, организацијата Конференција за еврејски материјални барања до Германија во јули покрена кампања во која преживеани жртви на холокаустот објавија видеопораки до основачот на „Фејсбук“, објаснувајќи зошто е важно да се направи оваа промена во интерните правила на компанијата.
#Day75 of #NoDenyingIt &
Mark Zuckerberg has not met w/survivors
& let them explain why #Facebook MUST remove#Holocaust denial
We know, his time is tight…
However, Holocaust survivors’ time is also dear
Plz watch & share this compilation of survivor messages to Mark Zuckerberg pic.twitter.com/WplTr5mVp2— Claims Conference (@ClaimsCon) October 11, 2020
Иако негирањето на холокаустот, како форма на геноцид, е кривично дело во низа земји низ светот, меѓу кои и Германија, Франција и Русија, матичната држава во која е регистриран „Фејсбук“, САД, нема федерални закони против говорот на омраза.
Јавното негирање, минимизирањето, одобрувањето или оправдувањето на геноцид и воени злосторства е опфатено и со член 407-а од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Основачот на „Фејсбук“, Марк Зукерберг, во 2018 година се обидел да појасни дека наспроти тоа што лично го смета негирањето на холокаустот за одвратно, сметал дека компанијата не треба да воведе нови правила, бидејќи за дел од тие мислења не може да се докаже зла намера, туку може да се работи и за недоразбирања. Две години потоа, со нов пост на „Фејсбук“ ја објаснил промената на својот претходен став.
– Се соочив со внатрешна борба поради тензијата меѓу залагањето за слобода на изразување и штетата што се нанесува преку минимизирање или негирање на ужасите на холокаустот. Моето лично мислење и нашите пошироки правила за говор на омраза еволуираа поради увидот во податоци што покажаа зголемување на антисемитско насилство. Повлекувањето на вистинските линии помеѓу тоа што е и тоа што не е прифатлива форма на говор не е еднозначно, но со оглед на тековната ситуација во светот, верувам дека постигнавме вистинска рамнотежа – напишал Зукерберг.
Меѓународната еврејска организација од Њујорк „Анти дефамејшн лиг – АДЛ (Anti Defamation League) во јули, преку кампања наречена „Запретете ја омразата за профит“ (#StopHateForProfit), поддржана од над 1.200 фирми и непрофитни организации, повика на бојкот на огласувачите. Целта на кампањата беше да се присили „Фејсбук“ да се погрижи за групите во кои се провлекува огромно количество содржини што го негираат холокаустот или промовираат шовинизам, расизам и дезинформации, а кои, бездруго, би требало да бидат отстранети според интерните правила со кои се забранува антисемитистички говор на омраза.
Извршниот директор на АДЛ, Џонатан А. Гринблат, на 12 октомври изјавил дека чувствува олеснување што „Фејсбук“ решил да го забрани негирањето на холокаустот. Гринблат додал дека АДЛ од 2011 година упатувала барања до „Фејсбук“ да го класифицира негирањето на холокаустот „систематското убиство на околу 6 милиони Евреи и неколку милиони други луѓе во текот на Втората светска војна, кое е еден од најдетално изучуваните и најдокументираните геноциди во историјата“.
Според Гринблат, „Фејсбук“ сега треба да покаже како ќе ја исполнува оваа заложба, меѓу другото, и преку објавување редовни извештаи за конкретните преземени мерки.
Потегот на Фејсбук го поздравија и академски институции што се борат за зачувување на сеќавањето на масовните злосторства од минатото како средство да се спречи геноцид во иднината. Така, Музејот на холокаустот на Илиноис на „Твитер“ објави изјава дека решението на „Фејсбук“ да ги отстранува сите форми на негирање на холокаустот од нивната платформа го смета за „важен чекор во едукацијата на овој важен дел од историјата и залагањето за свет без антисемитизам“.
Illinois Holocaust Museum celebrates Facebook’s decision to remove all Holocaust denial from its platform. As we continue to educate on this important history & advocate for a world without antisemitism, this is an important step. @ClaimsCon @YahooNews https://t.co/n8yrS5caLS
— Illinois Holocaust Museum (@ihmec) October 12, 2020