Пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во 2012 година на 3 март, е вирален и има достигнато над 35 илјади прегледи, 19 илјади допаѓања и над 300 коментари. Содржината на постот е составена од текстуален дел и од фотографија на дете. Се тврди дека детето е болно од рак и се повикуваат граѓаните односно корисниците на социјалната мрежа да му помогнат на начин што ќе ја лајкуваат објавата и ќе ја споделуваат.
За секој еден лајк Фејсбук донира по два денари. За секое споделување Фејсбук донира пет денари, се тврди во објавата.
Меѓутоа, основната цел на ваквата објава е да се собираат лајкови и да се достигне поголем број следачи на страницата што ја објавува, притоа злоупотребувајќи ја добрата намера на корисниците да помогнат. Не е вистина дека Фејсбук донира пари за споделувања и допаѓања на фотографија.
Тоа може најпрецизно да се увиди и од прашањата и одговорите кои Фејсбук ги дава на корисниците, кои прашуваат за вакви и слични објави.
Гледам дека многу луѓе споделуваат фотографии и видеа, велејќи дека ќе дадете финансиски средства на личноста која се наоѓа на таа фотографија или видео поради споделувањето. Дали е ова вистина?, прашува корисник на што добива негативен одговор од тимот за поддршка на Фејсбук.
Фејсбук не оперира лотарија. Изгледа дека известувањето што сте го добиле е измама. Спамерите и измамниците понекогаш креираат сомнителни мејлови или постови кои изгледаат како да ги креирал Фејсбук. Овие известувања може да бидат многу убедливи. Ако постот ви делува сомнително, не кликнувајте на него и ве молиме пријавете го кај нас на следната адреса, одговара тимот за поддршка.
Портпаролот на Фејсбук за сервисот за проверка на факти на АФП изјавил дека нема вистина во тврдењето дека социјалната мрежа донира во добротворни цели секој пат кога ќе се сподели објава. За ова веќе пишувавме во претходна рецензија.
Со пребарување во пребарувачот Гугл, за конкретната фотографија, се доаѓа до сознанието дека таа воопшто не е поврзана со Македонија. Објавувана е на повеќе веб страници меѓу кои и на страницата на Американската асоцијација за бели дробови во текст кој зборува за деветте најлоши болести кои може да ги добиете од чадот од цигари. Објавена е и во текст кој зборува за астмата кај бебињата.
Истражувањето не донесе до оригиналната објава на оваа фотографија. Првпат е поставена на интернет во 2008 година на 18 јули. Линкот до оригиналната фотографија може да го посетите овде.
Авторот под име Jaqy ја опишува оваа фотографија со зборовите „синооко бебе со руса коса прима терапија за дишење со маска небулизатор“. За која медицинска состојба конкретното бебе на фотографијата користело небулизатор, во оригиналната објава не е обзнането.
Оваа маска го претвора течниот медикамент во многу мали капки кои што пациентот може да ги вдише низ маска на лицето. Кога се зема лекот на ваков начин, тоа овозможува тој веднаш да отиде до белите дробови и респираторниот систем каде што е потребен.
Кога се користи оваа маска? Лекарите вообичаено ја даваат кај луѓе кои имаат астма, хронична опструктивна белодробна болест, цистична фиброза, бронхитис.
Фотографијата прошетала на многу платформи, на арапски може да се пронајде на сајтот ЕлТаби.ком (доктор.ком).
Во текстот се зборува за поврзаноста меѓу астмата и загадувањето на воздухот кај децата. Во втор текст со истата фотографија се зборува за администрирање биолошка терапија кај деца со астма.
Не успеавме да пронајдеме ниту еден единствен пост или објава на пребарувачот Гугл, каде што оваа фотографија од бебето, на било кој начин е поврзана со болеста канцер. Сепак, во постот кој го рецензираме и оценуваме како невистинит, се тврди дека Фејсбук ќе донира на ова бебе, доколку ја споделите или лајкувате објавата. Не е вистина дека Фејсбук донира за споделување и допаѓање.