Фејсбук објава манипулира дека „авионско засејување“ значи штетно прскање од авиони

Фејсбук објава лажно тврди дека небото над Македонија се прска и манипулира дека за тоа има докази. Како потврда за овој заклучок, кој се објавува ударно и сензационалистички за да привлече што поголемо внимание, е објавен договор за јавна набавка.

Во договорот за јавна набавка, кој е склучен помеѓу Управата за хидрометеоролошки работи и Аероклуб Скопје, стои дека услугата која треба да се изврши е „модификација на време со авионско засејување“.

Од овој договор за јавна набавка е извлечен заклучок дека авионите ќе ги прскаат граѓаните со непозната течност.

Што всушност значи авионско засејување?

Авионското засејување е систем за заштита од елементарни непогоди којшто предвидува контрола на климатските услови со што се постигнува поквалитетна и порационална заштита на земјоделските посеви од град преку реагенси како сребрен јонид. Со оваа метода зрната град што се формираат во засеаниот облак ќе имаат помала димензија, а при паѓањето во топлиот сектор на облакот ќе се стопат пред да паднат на земјата.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека климатските промени се сериозна закана за земјоделското производство за кои Министерството и Комисијата за штети при Владата на Република Северна Македонија, исплаќа во просек три и пол милиони евра годишно, на основ штети од временски непогоди.

Нема никакви докази дека овој вид на заштита на земјоделските поседи од елементарни непогоди е било како штетно за луѓето.

Освен тоа, ваков вид на засејување, не е нешто што ново и што сега прв пат ќе се прави. Ваков начин на заштита на земјоделските посеви во Македонија се практикувал и претходната година, а во светски рамки се практикува од 1946 година.

Ќе гледаме дека се прска и кога е сончево и кога е топло, наутро и навечер – постојано, во текот на целата година.

Ова исто така не е точно. Авионското засејување не се практикува и кога е сончево и топло, ниту, пак, постојано, туку се користи при определени временски услови, односно за спречување да падне град врз земјоделски површини.

Во постот, исто така, се вели:

Сакаме да влеземе во Европа, па според тоа, ќе се прилагодуваме на нивните барања да ги купуваме нивните ГМО семиња, бидејќи се поиздржливи на разни неповолни климатски екстреми, ќе ги купуваме нивните запрашувачи против пестициди, бидејќи се поефикасни против штетниците (ама изгледа и нас луѓето не вбројуваат во „штетници“, бидејќи се знае дека составот на пестицидите е опасен за луѓето).

И ова не е точно, Европската унија има најсилна легислатива и други мерки против генетски модифицираната храна и семиња од било која држава или блок држави во светот. Во ЕУ постои ефективна забрана за одлгедување и трговија со ГМО. Дури 19 земји имаат воведено комплетна забрана за трговија и одгледување на генетски модифицирани производи, а такви забрани постојат и во уште редица региони во државите кои немаат целосна забрана. Кај државите кои немаат воведено целосна забрана, пак, трговијата и одгледувањето на ГМО е строго контролирана и дозволи за такви економски активности се добиваат многу ретко и после строги процедури. Така што, комплетна невистина е дека ќе треба да ги „купуваме нивните ГМО семиња“. Особено што, во ЕУ одлуките за тоа како државите ќе се постават во однос на ГМО се донесуваат на национално ниво, така што земјава како членка на ЕУ во иднина ќе може самостојно и суверено да носи одлуки и закони поврзани со оваа проблематика.

Оваа објава, преку неточни информации и заклучоци ги измамува корисниците на социјални мрежи и притоа крева страв и паника меѓу населението дека авионите ќе прскаат со нешто што е штетно за луѓето.

 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.