Фотографија на Меркел од посетата на моделот „ербас А350“ злоупотребена за „кемтрејлс“ дезинформации

Фотографијата на германската канцеларка Ангела Меркел, прикажана во постот, е направена седум години пред почетокот на пандемијата со корона-вирусот.  Снимката е од мај 2014 година на Меѓународната изложба за авијација во Берлин,  a канцеларката е снимена при посетата на новиот модел на „ербас“ – А350. Оригиналната фотографија може да се најде на веб-страницата на „Ербас“, а слична фотографија од истиот настан е објавена на веб-страницата на германската влада. Специјализираната веб-страница Aero.de во напис што се однесува на прототипот „ербас А350“, којшто го посети Меркел, објаснува дека бурињата (прикажани на фотографиите на „Фејсбук“) се резервоари за баласт што се користат во текот на пробните летови

 

Уште една од низата теории на заговор за наводно масовно труење – „запрашување“ од воздух, познато како „кемтрејлс“ (chemtrails) и сето тоа поврзано со пандемијата со корона-вирусот, деновиве повторно се шири на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Во овој манипулативен пост, комбиниран со колаж од неколку фотографии, се тврди:

Со забрана на летови над нашето небо би се решила короната за 14 дена!

Ова, се разбира не е точно.

На некои од прикачените фотографии се гледаат авиони и трагите од кондензацијата на издувните гасови од млазните мотори што ги oставаат во воздухот. Исто така, прикажани се фотографии со буриња, кои наводно претставуваат внатрешност на Chemtrail авион, а на една од нив ја има и германската канцеларка, Ангела Меркел.

Сето ова е претставено како „доказен материјал“ дека авионите испуштаат опасни хемикалии со кои од воздух се труе населението, па затоа, постот сугеруира да се забранат авионски прелети со што ќе се реши проблемот со опасниот вирус!

Ваквите тврдења се податливи за манипулации и сеење паника кај граѓаните дека од небо се „запрашуваат“ со биолошки и хемиски отрови, но тие немаат никаква научна поткрепа.

Истражувачите од Универзитетот „Харвард“ од САД, кои проучувале вакви заговорнички теории, не нашле „ниту еден веродостоен доказ дека „кемтрејлс“ постои“.

Во врска со оваа тема и магазинот „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот „Ирвин“, Калифорнија, никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да им се наштети на здравјето на граѓаните. 

Фотографијата, пак, на германската канцеларка Ангела Меркел во авионот e стара и е направена многу години пред почетокот на пандемијата со коронавирусот. Снимката е од Меѓународната изложба за авијација што се одржа на 20 до 25 мај 2014 година во Берлин, a канцеларката е снимена при посетата на новиот модел на „Ербас“ – А350. Оригиналната фотографија може да се најде на веб-страницата на „Ербас“, а слична фотографија од истиот настан е објавена на веб-страницата на германската влада.

Што се однесува до бурињата што се прикажани на сликите, тоа се, всушност, резервоари за баласт, кои ја симулираат тежината на патниците при тестирањето на  летечките својства на авионите. Специјализираната веб-страница Aero.de во напис објавен на 20 мај 2014 година, а се однесува на прототипот „ербас А350“, којшто го посети Меркел, објаснува дека бурињата се резервоари за баласт кои се коиристат во текот на пробните летови.

Вакви фотографии со буриња се објавени во повеќе книги од шеесеттите и од деведесеттите години на минатиот век и како што може да се прочита во нив, тие воопшто не содржат никакви хемикалии, туку симулирале патници на некои рани тест-летови во втората половина на минатиот век.

Така што, прикажаните фотографии во постот немаат ама баш никаква врска со некакво воздушно масовно труење, ниту, пак, со корона-пандемијата и во конкретниот случај тие се искористени за манипулирање на јавноста. Ваквите тврдења не само што се погрешни, туку се и опасни. Да се пласираат вакви невистини во ситуација кога пандемијата зема замав, а во болниците буквално се моли за кревет и секојдневно битката со ковид-19 ја губат по над 30 луѓе, е крајно неодговорно, па дури и нечовено.

Инаку, ваквите „кемтрејлс“ дезинформации, досега се разоткриени од повеќе сервиси за проверка на факти, меѓу кои чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz.српскиот сервис istinomer.rs , како и во рецензии на „Вистиномер“. Со разоткривањето на оваа заговорничка теза речиси една деценија се занимава британскиот истрaжувач Мик Вест (metabunk.org), кој уште во јули 2012 година дебанкирал постови на „Фејсбук“ кои шират фотографии кои, наводно, покажуваат внатрешност на „кемтрејл авиони“.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.