Фотографијата со мртви птици во Индија е стара 10 години и нема врска со прскање од авиони

Пребарувањето на оваа фотографија на „Гугл“ покажува дека таа е стара 10 години. Направена е во 2011 во Бихар, една од сојузните држави во Индија. Според Шраван Кришнан од „Спасувачите на дивиот свет“, птиците умреле откако изеле семе во кое имало голема доза на пестициди. Тоа значи дека овој помор на птици нема никаква поврзаност ни со авиони, кои наводно прскаат отрови, ниту со Обединетите нации и некоја нивна агенда, која воопшто не е ни објаснета во објавата што се шири на „Фејсбук“

 

Статус, кој вклучува и фотографија од стотици мртви птици, се споделува на социјалната мрежа „Фејсбук“ со тврдење дека умреле, бидејќи ги отруле „кемтреилс“ авиони по наредба на Обединетите нации.

Индија,помор на птиците.

Хемтреилс авионите по наредба на ООН,

продолжуваат со својата Агенда,

тровење на секое Божјо создание на оваа Планета…

 

Не е точно дека поморот на птиците од фотографијата, објавена на „Фејсбук“, се случил поради прскање од авиони и тоа авиони во сопственост на Обединетите нации заради некоја нивна агенда.

Исто така, нема апсолутно никакви докази дека појавата наречена „кемтреилс“, на која се повикува авторот на објавата, е вистина.

Теоретичарите на заговор ги нарекуваат „кемтреилс“ трагите што ги испуштаат авионите и сметаат дека тоа, всушност, е прскање со хемиски и биолошки агенси. Името „кемтреил“ (Chemtrail) е англиски сложен збор кој настанал со спојување на зборовите „chemical“ (хемиски) и „trail“ (трага).

Според овие теории на заговор, владите или други страни се вклучени во тајна програма за додавање токсични хемикалии во атмосферата од авионите на начин што формира видливи траги на небото за да предизвикаат стерилизација, намалување на животниот век, контрола на умот или контрола на времето.

Научниците не се согласуваат дека има големи заговори од страна на владите за ширење хемикалии низ целиот свет. Истражување на оваа тема од 2016 година на Институтот за наука „Карнеги“ и Универзитетот Ирвин во Калифорнија, вклучува 77 водечки атмосферски научници и геохемичари. Сите научници, освен еден, не пријавиле докази за тајна програма за големи прскања во атмосферата.

Пребарувањето на фотографијата на „Гугл“, пак, покажува дека таа е стара 10 години. Направена е во 2011 во Бихар, една од сојузните држави во Индија. Според Шраван Кришнан од „Спасувачите на дивиот свет“, птиците умреле откако изеле семе во кое имало голема доза на пестициди.

Тоа значи дека овој помор на птици нема никаква поврзаност ни со авиони, кои наводно прскаат отрови, ниту со Обединетите нации и некоја нивна агенда, која воопшто не е ни објаснета во објавата.

Но, теоретичарите на заговор сè почесто може да се забележат на социјалните мрежи како шират лажни вести. Иако некоја објава може на прв поглед да се чини вистинита, особено ако текстот во објавата е ударен и сензационалистички, многу често станува збор за измама. Затоа, пред да споделите или искоментирате на некоја објава за која не се понудени докази, проверете и доколку не можете да ја потврдите информацијата од неколку извори, најдобро би било таквите содржини воопшто да не се споделуваат, а уште подобро да се никакви други интеракции (какви што се допаѓањата или коментирањата) со нив.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.