Деновиве низ Битола се шири демантирана дезинформација според која професорка од средното медицинско училиште наводно била на пат со директорката на скопската клиника, која се вратила од Италија инфицирана со новиот корона-вирус ковид-19.
Со ваквите дезинформации, промовирани преку локални групи на „Фејсбук“, се нарушува угледот на вработените во училиштето и се поткопува довербата во институциите на системот.
Во Општинското средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола настава посетуваат неколку стотинци ученици и дезинформацијата има предизвикано паника кај нивните семејства, како и кај пошироката заедница.
За да ја информира јавноста, директорката на училиштетото преку официјална фејсбук-страница го објави следното соопштение – демант (снимка):
Почитувани родители и ученици. Чувствувам обврска да одговорам на лажните вести и клеветите Што се шират низ порталите. Никој од вработените во нашето училиште не беше на скијање во Италија или на ризични места. Некој сака непотребно да шири паника и да наштети на угледот на училиштето. Со почит, в.д. директор Наташа Илиева.
Во врска со случајот забележлива е и појавата дека совесни граѓани се спротивставуваат на ширењето на лажната вест со тоа што споделуваат предупредувања за неа.
Во Битола се шират лажни вести дека професорка од средното медицинско била заедно со директорката од Скопје во Италија.
Ретко кој го видел демантот на школото. Родителите паничат. Општ хаос. И се тоа од поривот на една личност да си сподели лажна вест.— Штрумфета (@shtrumfeta_) March 11, 2020
Во ситуации на кризи и општа опасност, ангажманот на граѓаните, кои се трудат да ги спречат ширењето на паника и поттикнуваат јавна дебата врз основа на проверени податоци, е исклучително важен.
Случајот на заразената директорка на Клиниката за дерматологија во Скопје, која неколку дена била на работното место, наместо да ги применува правилата на Министерството за здравство според кои лицата кои се враќаат од ризични земји, како Италија, треба да отседат дома 14 дена во карантин и да информираат ако забележат симптоми, веќе беше злоупотребуван во пропагандни цели.
Прочитајте ги проверките на факти со кои се разоткриваат и тие дезинформации, претходно објавени од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“:
- Директорката болна од коронавирус не била на свадба кај Љупчо Николовски
- Текст од портал намерно ја претставува докторката Цаца Биљановска „миленичка“ на Филипче
Помогнете во спречувањето на дезинформациите и паниката со тоа што ќе ги споделувате проверените информации засновани врз проверка на факти од професионални новинари.