Груба манипулација со твитот на еврокомесарот

 

[Рецензија: Хан на „Твитер“ откри дека Тодоров и Богојески гласале „за” промена на името]

 

Со текстот се прави груба манипулација и лажна интерпретација на твитот на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Твитот на Хан за средбата на маргините на самитот на ЕПП со дел од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа исклучени од партијата, е недоволно јасен. Но, тоа не му дава право на авторот на текстот сам да си донесува заклучоци и да го интерпретира твитот како што му одговара, а со цел манипулација на јавноста.

Линк до текстот: Хан на „Твитер” откри дека Тодоров и Богојески гласале „за” промена на името

Датум на објавување: 9.11.2018

Датум на рецензирање: 12.11.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Написот тврди дека поранешните фукнционери од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров и Петар Богојески гласале „за“ на референдумот за Договорот од Преспа.

Како единствена поткрепа на овој манипулативен заклучок е твитот на еврокомесарот Хан. Но, во твитот на Хан нема ни „р“ од референдум, ниту конкретна изјава дека Тодоров и Богојески гласале „за“.

Во твитот се вели „Ја поздравувам нивната храброст и одлучност за гласањето за Договорот од Преспа“. Но, никаде не вика дека тие гласале „за“ на референдумот.

Дел од манупулацијата е тоа што на сликата ја има, а и се спомнува и во твитот, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова која, всушност, гласаше „за“ Договорот од Преспа, но не на референдумот, туку за време на собраниската седница на која пратениците гласаа за потребата од уставни измени. Александрова е дел од осумте пратеници на опозицијата што гласаа „за“ потребата од уставни промени. Всушност, на нив се однесува и последниот дел од твитот во кој тој порачува да престанат заканите кон нив. Богојески и Тодоров не се предмет на закани и на полициска заштитата.

Во текстот не е застапена втората страна на приказната. Донесен е заклучок без притоа да се прашаат засегнатите лица дали тоа е вистина. Авторот не ги прашал дали навистина гласале „за“ на референдумот и на што се однесува твитот, ниту побарал став од еврокомесарот Хан да го дообјасни твитот. Претходно и Тодоров и Богојески се изјаснија дека ќе гласаат на референдумот, но дека ќе заокружат „против“.

Постовите на социјалната мрежа „Твитер“ се со ограничен број карактери. Често, во обидот да се заштеди место, а притоа да се каже што повеќе, напишаното е недоволно и непрецизно објаснето. Сепак, тоа не е причина за извлекување погрешни заклучоци. Работа на новинарот е пред да напише и објави нешто, да го провери тоа од минимум два извора и да ги консултира засегнатите страни, а не да манипулира со јавноста.