Група лекари од Канада шират дезинформации за корона-вирусот

 

Лекарите што се појавуваат во видеото се лиценцирани доктори во Канада, но не се епидемиолози, ниту експерти за корона-вирусот за да изнесуваат вакви тврдења за кои нема докази. Препораките на Светската здравствена организација (СЗО) се сосема спротивни од ова што го тврдат неколкумината канадски лекари. Мерките што ги преземаат поголемиот дел од државите, а се базирани на советувања од епидемиолози и инфектолози, се на иста линија со она што го препорачува СЗО

 

Група лекари од Канада тврдат дека корона-вирусот не е опасен и поради тоа не треба да се почитуваат мерките што се применуваат за да се намали ширењето на вирусот. Исто така, апелираат луѓето да не се вакцинираат, бидејќи, наводно, вакцините „менуваат гени“. Ширејќи вакви невистинити и манипулативни тврдења, оваа објава на „Фејсбук“, која води до напис на портал, е прилично вирална и во моментот на нашата рецензија има 58 споделувања, ја доведува јавноста во заблуда.

Слава Му на Бога има уште
многу нормални лекари.
Стоп за маските, ПЦР тестовите и лагите во медиумите! – Канадски лекари зборуваат против КОВИД мерките од владата и ја повикуваат да ги запре „веднаш“!, се вели во постот на „Фејсбук“ во којшто е линкуван текст со истиот наслов

Текстот е, всушност, превод на соопштението за јавноста објавено од Канадската коалиција за слобода (Liberty Coalition Canada), од каде што ја повикуваат канадската влада веднаш да престане да промовира мерки. Тие објавуваат и 12-минутно видео наречено „Канадските лекари зборуваат гласно“, коешто тврди дека ги нуди главните причини да не се плашиме од ковид-19. Ова видео, полно со еднострани заклучоци, е споделено и во текстот што е предмет на оваа рецензија.

Во видеото и во соопштението, овие лекари, меѓу другото, апелираат дека треба да се укине физичкото дистанцирање, да не се користат маски, да не се мијат раце и да се чистат површини, се противат и на карантин за асимптоматските случаи, а велат дека и ПЦР-тестовите се неточни и непотребни. Освен за мерките, овие доктори велат дека вакцините се недоволно тестирани и оти менуваат гени и затоа не смеат да бидат одобрени. Поради ова, тие тврдат дека не треба да бидат затворени јавни објекти и да не се ограничуваат деловните активности.

Но, препораките на Светската здравствена организација (СЗО) се сосема спротивни од ова што го тврдат неколкумина лекари од Канада. И мерките што ги преземаат поголемиот дел од државите, а се базирани на советувања од епидемиолози и инфектолози, се на иста линија со она што го препорачува СЗО.

Маските се клучна мерка за спречување на пренесувањето на вирусот, а со тоа и за спасување животи. Според СЗО, маските треба да се носат секогаш кога сте покрај други луѓе. Соодветната употреба, складирањето и чистењето на маските е неопходно за тие да бидат што е можно поефикасни.

Од СЗО апелираат дека треба да се одржува најмалку 1 метар растојание помеѓу себе и другите за да го намалите ризикот од инфекција која може да се добие при кашлање, кивање или зборување. Растојанието треба да е поголемо кога се работи за затворен простор. Колку поголемо растојание толку подобро.

Рацете треба редовно и темелно да се чистат со вода и сапун или со триење на алкохол за да се елиминираат микробите, вклучително и вирусите што можат да бидат на вашите раце. Редовно чистење и дезинфицирање е потребно и на површините, особено оние што редовно се допираат, како што се рачките на вратите, славините и екраните на телефоните.

ПЦР-тестовите за детектирање на вирусот се важни за навремено да се изолираат болните за да не го шират вирусот дополнително.

Вакцините се важна алатка во битката против ковид-19 и спасувањето човечки животи. СЗО досега има одобрено седум различни вакцини, а апелира да се вакцинираат прво ранливите категории на граѓани. Нема никакви докази дека која било од вакцините на кој било начин ги менува гените.

Тврдењата на неколкумина канадски лекари, освен што се невистинити, претставуваат и опасност по јавното здравје. Доколку некој ги прочита и поверува во овие тврдења базирани на шпекулации, има големи шанси да се зарази со вирусот, а со тоа се зголемува и можноста од потешко заболување кај одредени лица и смртен исход.

Лекарите што се појавуваат во видеото се лиценцирани доктори во Канада, но не се епидемиолози, ниту експерти за корона-вирусот за да изнесуваат вакви тврдења за кои нема докази.

Тврдењата изнесени во видеото на канадските доктори е рецензирано и од проверувачите на факти од Агенцијата „Франс прес“, а „Јутјуб“ го отстрани видеото поради прекршувањето на условите за давањето услуги. „Твитер“, пак, го означи твитот кој води до видеото со назнака дека „линкот може да не е безбеден“. Со имејл- порака се јави и Колеџот на доктори и хирурзи на Британска Колумбија, во кој се вели дека медицинските професионалци „треба да бидат свесни оти кога се идентификуваат како доктори, јавноста им верува на нивните мислења дури и кога докторот нема експертиза во медициски специјалности какви што се јавното здравје и инфективните болести.“

Во оваа ситуација, особено е лошо што лиценцирани лекари и медицински персонал го користат својот кредибилитет да шират дезинформации за корона-вирусот. Здравствените работници, освен што се во првата борбена линија на терен во болниците и клиниките, треба да бидат и првата борбена линија во точно и прецизно информирање на јавноста. Тоа е потребно за да може јавноста да донесе вистински одлуки при секојдневното функционирање, а со тоа ефективно и ефикасно да се стави крај на оваа пандемија побрзо и со помалку човечки жртви.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.