Химната останува во наставните програми за основно образование

[Рецензија:ПАНЧО ОД ДНК: Да ја избришеш химната од учебник е исто како на првачиња да им забраниш да ја изучуваат македонската азбука]

Насловот на текстот што го рецензираме, всушност, е ФБ-статус на еден пејач и тој е пласиран без воопшто да се провери вистинитоста на неговата содржина. Со ваквата објава – дека од учебниците е избришана македонската химна, се дезинформира јавноста, а демант за тоа има од Бирото за развој на образованието, како надлежна институција за наставните програми.

Линк до оригиналниот напис: ПАНЧО ОД ДНК: Да ја избришеш химната од учебник е исто како на првачиња да им забраниш да ја изучуваат македонската азбука

Датум и време на објавување: 11.9.2019

Датум на рецензија: 13.9.2019

Рецензент: Силвана Жежова

 

Да се откажеш од химната на својата татковина, да ја избришеш од учебник е исто како да им забраниш на првачињата да ја изучуваат македонската азбука, коментира на Фејсбук, Владимир Блажев, познат како Панчо од ДНК.

Написот се потпира само на објавен статус на „Фејсбук“, кој, според професионалните стандарди на информирање, не може да биде единствениот извор во текстот. Во него недостасува проверка на информацијата кај надлежните институции, во конкретниот случај, Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, училишта, професори.

Статусот на Панчо од ДНК, кој беше пренесен од медиумите, најверојатно, е инспириран од фејсбук-статусот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Карпош, Тони Јаревски, кој на 10 септември напиша дека македонската химна е отстранета од наставните програми на основците. Овој статус на Јаревски беше објавен на повеќе медиуми, по што се разгори и дебата на социјалните мрежи, а имаше и реакција од Обединетата македонска дијаспора. Поради сите овие паушални, непроверени објави реагираа од Бироto за развој на образованието, од каде што ги демантираа пишувањата:

Што се однесува до изнесените дезинформации дека изучувањето и пеењето на химната се изоставени од новите наставни програми, за разлика од претходните наставни програми, најодговорно тврдиме дека тоа се невистини и упатуваме секој што е заинтересиран да ги погледне и спореди претходните и новите наставни програми.

Со химната учениците се запознаваат уште во прво одделение по наставните предмети Општество и Музичко образование, како и во петто одделение, каде јасно стои во наставната програма по Општество дека учениците преку интегрирани активности по Музичко образование и по Ликовно образование ги изработуваат симболите и ја учат химната на Република Македонија (наставна програма од 22.5.2008 година), се вели во демантот на Бироto за развој на медиумите.

Во дописот испратен до медиумите, но објавен и на нивната веб-страница, се вели и дека „во сите наставни програми по музичко образование и претходните наставни програми во општите цели за наставниот предмет стои: ученикот/ученичката да пее песни со разновидна мелодиска линија, а во конкретните цели (за одделни наставни часови) да пее песни различни по карактер и содржина на македонски јазик и на јазиците на народите што живеат во нашата земја, што остава слобода на наставникот во зависност од контекстот, времето на изведување на наставата, корелација со други предмети (поврзано со државни празници, патрони празници) да ја изведува со учениците химната на државата и/или други свечени песни.“

Имајќи ја предвид чувствителност на темата поврзана со државните симболи и химната по промената на името на државата, потребна е поголема претпазливост на медиумите, кои во никој случај не треба дополнително да ја поткреваат атмосферата со непроверени информации базирани исклучиво на фејсбук-статуси.