Инфектологот Фаучи не е уапсен, фотографијата со неговиот лик е монтирана

Со фабрикувана објава деновиве на социјалните мрежи се дезинформира јавноста дека е уапсен познатиот американски инфектолог Ентони Фаучи. Станува збор илустрација објавена пред повеќе од два месеца на сатиричниот сајт The Onion, наменски креирана за нивниот напис. Фаучи не само што не е уапсен, тој може да се види на јавни настапи – учествува на конференции, дава интервјува…

Монтирана фотографија, на која е прикажано наводно апсење на директорот на Американскиот национален институт за алергии и болести, инфектологот Ентони Фаучи, се шири на социјалните мрежи, предизвикувајќи негативни коментари и има повеќе споделувања. До моментот кога е пишуван овој текст, постот е споделен 15 пати, а меѓу коментарите може да се прочитаат и такви што содржат говор на омраза и повици за насилство како „Овој е сатана“, „Kuce kasapsko igrac na soros besilkata naovoj“ или „Besilka za ovoj satanist.“

Со пребарување на „Гугл“ со наредбата Search Google for Image фотографијата се појавува на 37 различни страници, главно профили на „Фејсбук“, „Твитер“, „Инстаграм“, разни блогови, но и на хумористичниот (сатиричниот) сајт The Onion, каде што се појавува во напис објавен на 13 јули.

На 22 септември usatoday.com направиле проверка на објава на „Фејсбук“ во која се тврди дека Фаучи е уапсен поради теорија на заговор за корона-вирусот, при што е оценето дека тврдењето е неточно, а фотографијата е монтирана и оти најпрво била објавена на The Onion. Во оваа фабрикувана илустрација ликот на Фаучи најверојатно  е земен од фотографија на „Асошиејтед прес“ (Kevin Dietsch/AP) објавена на 30 јуни и потоа „налепен“ на снимка од некое сосема друго уапсено лице. Портпарол на Националниот институт за алергија и заразни болести, каде што работи Фаучи, за „УСА тудеј“ потврдил дека тој не е уапсен и оти содржината на објавата не е точна. (Објавата на „Фејсбук“ е избришана, веројатно по дебанкингот на usatoday.com)

Проверката на факти на „Ројтерс“ направена на 24.9.2020 г., исто така, покажала дека објавите за апсењето на Фаучи се лажни и оти фотографијата е дигитално изменета.

Jordan LaFlure, главен уредник на сатиричниот сајт The Onion, преку порака на Твитер, за „Ројтерс“ потврдил дека оваа фотографија е направена од нивниот тим за потребите на споменатиот сатиричен напис.

Според „Ројтерс“, сликата е дигитално конструирана од повеќе слики, ликот на Фаучи е земен од фотографија  на „Асошиејтед прес“, а телото на уапсеното лице е веројатно „исечено“ од оваа фотографија, која датира од 9 декември 2015 година, а на која се гледа како агенти на ФБИ го придружуваат поранешниот началник на полицијата во округот Сафолк, Џејмс Бурки.

Така што, јасно е дека станува збор за лажни објави оти д-р Фаучи е уапсен. Eден ваков настан сигурно немаше да остане незабележан од медиумите, туку, напротив, наголемо ќе се известуваше за тоа. Во меѓувреме инфектологот Фаучи имаше јавни настапи, како тој на конференцијата „Граници, Фестивал на здравје“ организирана во Рим, на која тој изјави дека враќање на нормалниот живот може да се очекува кон крајот на 2021 година.

На 28 септември Фаучи имаше и интервју за „Си-ен-ен“, во кое и се обиде да ги минимизира разликите со неговиот колега во Белата куќа, д-р Скот Атлас (Scott Atlas), нагласувајќи дека вистинскиот непријател е ковид 19.

 Лошото момче е вирусoт. Лошото момче не е личноста од другата страна на вашето мислење. – д-р Ентони Фаучи

(vistinomer.mk)

 


Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени
од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.