Информациска вакцинација

Фото: freepik.com

Информацијата е како вирус. Кога пренесува невистини обложени со сензационализам, таа брзо се шири и го разјадува „здравото ткиво“ на системот. Кога пренесува факти лишени од конспиративност, таа тлее во симбиоза со своите „домаќини“ и ја „јакне функционалноста“ на општеството

 

Пишува: Д-р Билјана Ѓонеска, научна соработничка, МАНУ

 

Човечката отпорност на штетни содржини зависи од изложеноста и од количеството на тие содржини.

Овој исказ функционира и на медицинско и на комуникациско ниво. Тој е еднакво применлив и за информацискиот материјал спакуван во гените на новиот корона-вирус, но и за дезинформациите поврзани со него и распакувани во медиумскиот простор. Така, поголема „доза“ од инфективниот и информацискиот „вирус“ значи и поголема осетливост кон него (во буквална и преносна смисла на зборот). Од друга страна, намалената отпорност кон штетни содржини, претставува зголемен ризик за физичкото и менталното здравје на луѓето.

Горната паралела покажува дека напоредно со продорот на вирусот, се провлекуваат и медицински поими и се случува забрзана медикализација на јавниот простор. Класичен и пластичен пример за ова е поимот „инфодемија“ (анг. infodemic). Тој почна да се употребува како ознака за „пандемија“ од „(дез)информации“, за да укаже на нивно молскавично разнесување со брзо „заразување“ нови „домаќини“, кои ќе послужат како идни извори на (дез)информаци. Изразот „информациска болест“ или „информациско нарушување“ (анг. information disorder), пак, е логична последица на инфодемијата и означува хаотично и неорганизирано, односно нерегулирано и небалансирано известување, кое вклучува изнесување целосни невистини, комбинации од фикција и факти, но и посложени наративи, како што се теориите на заговори. Нарушувањето може да „прогресира“ со голема брзина и лесно да „ја загрози“ функционалноста на системот. Од друга страна, „лекот“ за ова „нарушување“ има бавно „производство“, но продолжено „дејство“. Тој е врзан со долгорочни и макотрпни процеси, како што се утврдувања вистини (научно истражување) или проверки на факти (истражувачко новинарство). Со други зборови, една „здрава медиумска диета“ бара долга подготовка, многу труд и посветеност. Оттаму, потенцијалното решение можеби не е во настојувањето да се најде лек, туку тој да се избегне, т.е. да не дојде до фаза на „лечење“. Значи, „подобро е да се спречи отколку да се лечи“ проблемот со дезинформираноста.

Предложената линија на размислување ги следи некои од препораките на социјалните психолози за психолошка инокулација. Оваа постапка, на природен начин би ги зајакнала психолошките механизми за намалена подложност кон лажни вести и теории на заговори, истовремено ставајќи го во состојба на приправност одбранбениот систем на човекот. Идејата за психолошка инокулација е повторно позајмена од медицината, а претставува аналогија на процесот на вакцинација. Така, кај медицинската инокулација еден вирус е „ослабен“ до степен да не предизвикува болест, а сепак да го разбуди имунолошкиот одговор на домаќинот. На сличен начин, со психолошка инокулација, штетниот потенцијал на една погрешна порака е намален до степен да нема моќ да предизвика промена во критичкиот став или рационалните расудувања на примателот, а сепак да ја разбуди неговата аналитичност и да ја намали неговата приемливост за слични содржини. Оваа стратегија опфаќа два пристапа кои се практикуваат пред пласирањето информации: предупредување (анг. forwarning) и превентивно разобличување (анг. preemptive debunking или prebunking). Предупредувањето служи да упати на можна манипулација со информацијата, додека при превентивното разобличување се нудат факти и аргументи кои би послужиле за отфрлање на евентуалната дезинформација. Постапките на „предупредување“ и „разобличување“ го будат чувството на „закана“ и го ставаат во состојба на „приправност“ примателот на пораката. На тој начин, тој станува подготвен да ги активира когнитивните и афективни механизми во случај на потреба од соодветен одговор. Пример, тој би бил способен навреме да ги проѕре логичките недоследности и когнитивните предрасуди, како и да ги разобличи манипулативните намери при евентуалната изложеност на конспиративни содржини за ковид-19 (како што е прикажано во илустрацијата).

Овие стратегии во извесна мера беа поддржани и од некои од големите социјални мрежи (како Facebook и Instagram), кои најавија дека ќе почнат соодветно да ги означуваат информациите што  не се веродостојни, но и да ги упатуваат корисниците кон извори поврзани со ковид-19, кои се официјални, проверени и доверливи.

Дополнително, овие стратегии беа имплементирани и во пробни онлајн-игри, кои ја поттикнуваат критичноста и ја поддигнуваат претпазливоста на играчите, на пример, терајќи ги да замислат како е да се биде ширач на лажни вести. Преку можните тактики за привлекување приврзаници, играчите учат да препознаат манипулативни шеми и содржини. Досегашните истражувања покажуваат дека влијанието на овие игри и квизови е далекусежно, а имаат ветувачки ефекти врз борбата со дезинформациите во јавниот простор, независно од политичкиот и културниот контекст. Затоа, популаризацијата на вакви содржини може да послужи како реална интервенција за психолошка имунизација на населението. И воопшто, сите стратегии кои „би ги пресретнале дезинформациите“ пред да земат замав и „би ги разобличиле“ на забавен начин се полезени. Тие се чинат пластични (бидејќи учат низ показни примери и вежби), економични (бидејќи не бараат големи инвестиции, а превенираат дополнителни трошоци), ангажирачки (за сите профили и возрасни), но, пред сè, надежни и ветувачки.

 

 

Авторката е национална претставничка во европскиот проект за „Компаративна анализа на теории на заговори“ (conspiracytheories.eu).

Овој едукативен текст е подготвен во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“, кој го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржините од „Критинк“ се слободни за целосно преземање согласно условите на лиценцата „Криејтив комонс“, под услов да се наведе изворот и да се постави линк кон онлајн ресурсниот центар crithink.mk. Содржините не секогаш ги изразуваат ставовите на Европската Унија.