ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии и Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк “, кој се реализира со поддршка од Европската Унија, спроведоа истражување за „Значењето, присуството и свеста за критичко мислење и медиумска умешност во медиумската индустрија”.
- Целото истражување може да го прочитате во е-библиотеката на „Критинк“ преку следниот линк.
- Истражувањето прв пат беше претставено пред јавноста на 28 октомври 2020 г. на јавен онлајн-настан во рамките на Деновите на медиумската писменост (видео).
Истражувањето сеопфатно ги анализира влијанието на состојбата на медиумите и медиумската писменост врз вештините на новинарите професионално и критички да известуваат, почитувајќи ги новинарските стандарди. Истражувањето беше спроведено со комбинирање квалитативни и квантитативни истражувачки методи, со цел да се анализираат факторите што влијаат врз квалитетот на медиумските производи, наставната програма на новинарските студии, притисоците со кои се соочуваат новинарите, точноста на информациите што излегуваат во јавноста, како и прашањето за зголемување на медиумската писменост и критичкото размислување кај публиката.
Наодите од истражувањето покажуваат дека лошата економска состојба во која се наоѓаат медиумите, како и политичките притисоци и манипулацијата со медиумски содржини за остварување политички цели, се главните причини за падот на квалитетот на новинарството во С. Македонија. Тоа придонесува медиумските работници да бидат лесно ранливи на директен или индиректен притисок. Исто така, постои тесна поврзаност помеѓу независноста на медиумите и квалитетните медиумски производи, а интегритетот на медиумските работници, односно почитувањето на медиумските стандарди и уредничката култура се клучни за квалитетот на медиумските производи. Подигнувањето на свеста за улогата на медиумите како двигатели на демократијата во општеството е клучно, а подобрувањето на состојбата со медиумите треба да се третира како стратешка цел.