Истражувањето „Критичко размислување и навиките на информирање кај младите“ презентирано на Деновите на медиумската писменост

Резултатите од истражувањето „Критичко размислување и навиките на информирање кај младите“, спроведено во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“, беа презентирани на првиот дел од завршната конференција на Деновите на медиумската писменост 2019. Презентацијата се одржа на 14 ноември, во просториите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во Скопје.

Истражувачот м-р Александар Стојановски од проектниот партнер „Евротинк“ посочи дека предмет на ова истражување е способноста за критичка мисла и односот кон мислењето како когнитивен процес, како и медиумската писменост, т.е. односот кон медиумите и интеракцијата со различните видови медиуми и информации. Спроведено е преку анкета и тестирање со 300 бруцоши во текот на учебната 2018-2019 година.

Стојановски укажа дека во однос на медиумските навики и информативните стандарди на младите, дека тие ги добиваат информациите претежно од интернет и оти преку примена на логички тестови може да се заклучи дека не се доволно опремени за критичко мислење.

Младите се генерално свесни за проблемот со веродостојноста на изворот или квалитетот на една вест, но лесно подлегнуваат на дезинформации добиени преку социјалните медиуми и интернет-портали, кои претставуваат нивни главен извор на информирање.  На пример, голем дел од нив сметаат дека „Википедија“, која е платформа подложна на манипулации, е веродостоен извор на информации.

Во текот на последователната дискусија д-р Снежана Трпевска од „Ресис“ укажа дека резултатите на ова истражување, кое е со целна група студенти од прва година, се комплементарни со другите истражувања од оваа област, особено со резултатите од истражувањето „Мапирање на нивоата на медиумската писменост во Република Северна Македонија кај населението над 16 години – 2019 година“ кои беа претставени во претходната сесија на конференцијата.

Презентацијата е јавно достапна во одделот „Истражувања“ во рамките на е-Библиотеката на веб-страницата на „Критинк“.

Конференцијата „Денови на медиумската писменост 2019“ продолжува и на 15 ноември, кога од 14:15 часот „Критинк“ организира панел-дискусија на тема „Критичко мислење – основа за препознавање медиумски манипулации“.

Проектот „Критинк“ го спроведуваат Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со финансиска поддршка од Европската Унија.