Иванов заминува од функцијата независно дали на изборите ќе има цензус

[Рецензија: Доколку нема цензус, Ѓорге Иванов останува на функцијата Претседател на Македонија до нови избори ]

Текстот пренесува објава на „Твитер“, во која се тврди дека доколку на вториот круг од претседателските избори закажан за 5 мај не се постигне потребниот цензус, односно излезеност од 40 отсто од вкупниот број запишани гласачи во Избирачкиот список, сегашниот претседател Ѓорге Иванов ќе продолжи да ја извршува функцијата до следните избори. Но, тоа не е точно.

Линк до оригиналниот напис: Доколку нема цензус, Ѓорге Иванов останува на функцијата Претседател на Македонија до нови избори

Датум и време на објавување: 24.4.2019

Датум на рецензирање: 24.4.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Вистинската информација е дека доколку се случи вакво сценарио и не се постигне потребниот цензус, вршител на должноста претседател на државата ќе бде спикерот на Собранието, односно во случајов,0 Талат Џафери.

Ова произлегува од Уставот, поточно во членот 82 е предвидено дека:

Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието. Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност.

Во текстот грубо се манипулира дека престанок на мандатот на претседателот по сила на Уставот значи само ако му е утврдена одговорност врз основа на член 87, односно ако се утврди дека ги прекршил Уставот и законите во вршењето на своите права и должности.

Но, тоа не единствениот случај на престанок на мандатот по сила на Уставот. Една од причините за престанок на мандатот е и најчестата – ако му истече мандатот. Во надлежностите на Уставниот суд изречно стои дека до изборот на нов претседател, функцијата ја извршува собранискиот спикер.

Уставниот суд по службена должност го утврдува настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката. Тие услови се смрт, оставка, трајна спреченост за вршење на функцијата и престанок на мандатот на претседателот по сила на Уставот (на пример, поради протекот на времето за кое е избран). Оваа надлежност е значајна не само заради создавање услови за избор на нов претседател, туку и затоа што престанокот на функцијата на претседателот ја активира одредбата според која до изборот на нов претседател, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието.

Фактичката состојба, која ја потврди и самиот Џафери, е дека доколку за десетина дена, на вториот круг од изборите, не се постигне потребниот цензус, треба во рок од 6 месеци повторно да се распишат и одржат избори, а во меѓувреме функцијата претседател на Републиката ќе ја врши претседателот на Собранието.