Изгоре ТВ ВИС, новинарските здруженија апелираат за помош

Фото: kanalvis.com - Принтскрин

Синоќа, во 2 часот по полноќ изгоре регионалната телевизија ВИС од Струмица, сместена во поранешната струмичка касарна. Досега не се познати причините поради кои настанал пожарот во кој целосно се изгорени просториите на телевизијата со комплетната опрема, а зафатени се и неколку други компании што се сместени во истата зграда.

Според информациите објавени во медиумите, на пожарникарите им биле потребни повеќе часа за да го стават огнот под контрола.Телевизија „Сител“ информира дека за време на интервенцијата тројца од пожарникарите биле повредени. По укажаната медицинска помош двајца биле пуштени дома, додека третиот е задржан во струмичката болница.

Колешката Сузана Мицева на „Фејсбук“ објави кратко видео во кое им се заблагодарува на пожарникарите, кои со часови се бореле да го изгаснат пожарот.

Објектот и опремата се пеплосани внатре, но ВИС се луѓето кои работат во медиумот, а нивниот дух не е скршен.
Ќе најдеме начин да продолжиме да информираме и да работиме. Светот се бори со пандемија, за човечки животи, ова е шок, но е сепак материјално.
Храбро напред, од срце Ви благодариме за поддршката.
П.С. не знам како да им се заблагодариме на пожарникарите што девет часа се борат со голи раце со огнената стихија. До премалување, до последна сила. Тоа се посебни луѓе ❤, НАПИША МИЦЕВА на „Фејсбук“

Од  телевизијата информираа дека и покрај ваквата состојба, нивните новинарски екипи ќе продолжат со работа. Додека да се обезбедат неопходните услови своите гледачи тие ќе ги информираат преку официјалната веб-страница, социјалните мрежи и јутјуб-каналот.

По синоќешниот пожар , денеска со апел за помош се јавија новинарските здруженија:

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Здружението на новинари и Советот за етика во медиумите во Македонија со голема загриженост ја примија веста за опожарување на просториите на регионалната телевизија Канал Вис од Струмица.

Трите организации упатуваат заеднички апел до локалната самоуправа, државни институции, стопански субјекти, поединци да помогнат во рамките на своите можности за што побрзо враќање на телевизијата во етер.

Локалните и регионалните медиуми во Македонија имаат посебно значење, бидејќи тие обработуваат теми од локален карактер, кои се од јавен интерес . Без овие локални медиуми, граѓаните остануваат лишени од важни информации кои се значајни за нивното секојдневно функционирање. Во кризни ситуации како оваа во која се наоѓа државата во моментов, важноста на локалните медиуми е уште повеќе изразена, велат од ССНМ, ЗНМ и СЕММ.

Во соопштението изразуваат надеж дека колегите од ТВ Канал ВИС наскоро ќе се вратат на своите работни задачи и за почеток телевизијата ќе може да ја извршува барем својата информативна функција.