Јавноста е доволно вознемирена за коронавирусот – не ѝ требаат снимки од ковчези

[Рецензија: Вознемирувачко видео: Доказ само денес 349 мртви во Италија, седете дома]

Напис во типично сензационалистички манир, со алармирачки наслов во врска со пандемијата на коронавирусот нема за цел да информира туку да прошири паника. Предупредувањето во насловот: Вознемирувачко видео: Доказ само денес 349 мртви во Италија, седете дома, е несмасен обид да се каже повеќе со што помалку зборови, но и да шокира, без да се води сметка кои информации навистина се од интерес за граѓаните, а кои се непотребно вознемирувачки. Тој неетички и неодговорен однос резултира со напис кој скудно информира, но обемно заплашува.

Линк до оригиналниот напис: Вознемирувачко видео: Доказ само денес 349 мртви во Италија, седете дома

Датум и време на објавување: 16.3.2020

Датум на рецензирање: 18.3.2020

Рецензент: Југослава Дуковска 

Рецензираме напис кој ѝ припаѓа на онаа категорија написи чијашто главна намена не е кондензирано да извести за главните елементи на еден настан, или состојба, туку да делува доволно сензационалистички за да предизвика реакција кај читателот. Тој изобилува со невкус, произволности и неточности.

Зборовите „Вознемирувачко-доказ-мртви“, нафрлани без некоја конкретна смисла во насловот, требало да бидат мамец за кликови на читаност, па не се потрудиле ниту докрај да го средат со интерпункција или да се дообмисли. Битно било да заинтересира, дури и по цена на комплетен невкус и професионална некоректност.

Информациите кои тој ги донесува се скудни. И неточни. Очигледно битно било да се шокира читателската публика, на која и се прикажува видео со наредени мртовечки ковчези во капела во неименуван италијански град.

Корона вирусот, после Кина, од каде тргна заразата, најтешко ја погоди Италија. Според последните податоци, во оваа земја 1.441 лица умреле од корона вирусот додека 21.157 се заразени

Бројките кои тука се објавени се од 14 март. Написот е објавен на 16 март во 23.12 часот, што значи дека во моментот на објавување на интернет биле достапни податоците од 15 март, односно 1.809 мртви и 24.747 вкупно заразени. Тоа значи дека овој текст оперира со застарени податоци.

Освен тоа, во него е пропуштено да се наведе и веста на денот од Италија – дека е воочен трендот на нагло зголемување на бројката на новозаболени, но и на починати, што беше една од главните вести поврзани со корона-пандемијата за тој ден. „Италија објави 368 смртни случаи во текот на последните 24 часа“, стои, на пример во дневниот извештај на Ал Џезаира.

Колку е ситуацијата сериозна зборува и одлуката на премиерот на Италија, Џузепе Конти, да ја стави земјата под блокада, како би се спречило ширењето на инфекцијата

Оваа реченица не информира туку констатира. Нема ниту прецизно објаснување што точно и кога италијанскиот премиер одлучил и за каква блокада всушност се работи, односно ги нема сите елементи на информацијата. Таа веројатно се однесува на одлуката на Конти од 9 март за поголеми рестрикции во движењето на граѓаните и затворањето на продавниците во целата земја, освен супермаркетите и аптеките, но од овој напис читателот тоа не може да го дознае.

Жителите се во паника, а за тоа сведочат и снимки од Рим, каде граѓаните формираа редови пред продавниците како би направиле залихи од храна и намирници

Освен што е граматички неточна, оваа реченица исто така, прилега на маалски муабет, а не информација бидејќи површно нафрла сознанија, а не оперира со факти. Таа спомнува дека има снимки на граѓани кои стојат во редици во Рим, ама таква снимка во текстот нема, но затоа има снимка на ковчези во мртовечница и таа е проследена со предупредување, кое делува неискрено:

Најновото видео е вознемирувачко и страшно.

Известувањето за починати во една голема епидемија како и за секоја несреќа во која се инволвирани луѓе мора да биде ослободено од сензационализам, стои во Новинарскиот кодекс. Овој напис го манифестира токму спротивното  – има крајно неумесен и неетички пристап кон темата. Општествено одговорен медиум мора да знае колку опасна може да биде хистеријата во еден толку осетлив момент како што се вонредните околности поврзани со ширењето на заразата на вирусот Ковид-19.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на КриТинк за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.