Повредата на авторските права во Македонија е казнива со закон. Медиумите, вклучувајќи ги и тие на интернет, не се исклучени од законската одговорност. Интернет-порталот, во случај на прикажување на една одредена фотографија, аудиовизуелно дело, дело од фигуративната уметност, пишано дело, музичко дело и други авторски дела, мора да го напише авторот и од каде го презел авторското дело
Пишува: Агрон Врангала
Едно од најевидентните проблематични прашања во објавувањето на текстови на интернет е почитувањето на авторското право или интелектуалната сопственост. Овие аспекти секогаш биле предмет на дискусија во светот на уметничката креативност, но и во публицистиката или новинарството, долго пред да се измисли интернетот и објавувањата на веб-страници. Меѓутоа, како што изгледа, во процесот на интернет-објавување, прашањето на авторското право сè повеќе се истакнува.
„Со „авторско право“ во современиот свет се подразбира пред сè правото за да се пристапи кон или да се употреби нешто – било тоа од материјалниот свет (како пр. пенкало, компјутер, велосипед, итн.) или нешто нематеријално, вклучувајќи ја „интелектуалната сопственост“, како што се зборовите на авторот или кодираните скрипти на програмерите.“ [1]
Во средината на 19 век, обединети под водство на авторите, разните творечки групи заедно повикаа за промени на нивната општествена положба со еден меѓународен законски степен, кој на крај доведе до создавање на Бернската конвенција. Потпишана на 1886 година, Бернската конвенција за заштита на книжевното и на уметничкото дело, беше кулминација на многуте обиди за создавање еден мултилатерален договор за заштита на авторското право, кој би ја заменил поранешната некомплетна мрежа на билатералните договори. Претседателот на финалната конференција, Нума Дроз, го нарече овој случај „спектакуларна афирмација на будење на универзалната совест во корист на авторите“. Нормално дека Берн не предвидуваше уште од почетокот дигитална употреба на авторскиот труд, кој во тоа време не беше измислен, но сепак, тој подоцна стана применлив за многу авторски активности на интернет. [2]
Правилната употреба е една законска доктрина што дозволува ограничена употреба на материјалот без дозвола на сопственикот на правата. Ова е еден вид на законска заштита, наречена позитивна заштита. Ексклузивните права се само за авторот на творештвото со закон за авторски права. Примери за правилната употреба на авторското право во Соединетите Американски Држави се: коментарите, плтформите за пребарување, критиките, пародиите, известувањето на вестите, истражувањето и берзите. Ограничувањата и исклучоците врз авторското право за настава и архивирање на библиотеката во САД се поставени во еден поинаков дел од статутот.[3]
ПОВРЕДАТА НА АВТОРСТВОТО СЕ КАЗНУВА И ВО МАКЕДОНИЈА
Повредата на авторските права во Македонија е казнива со закон. Медиумите, вклучувајќи ги и тие на интернет, не се исклучени од законската одговорност. Интернет-порталот, во случај на прикажување на една одредена фотографија, аудиовизуелно дело, дело од фигуративната уметност, пишано дело, музичко дело и други авторски дела, мора да го напише авторот и од каде го презел авторското дело (хиперлинк на интернет-порталот или на некој друг начин). [4]
Во нашите медиуми, најчестите случаи каде што не се почитува авторското право се:
- Целосното копирање на текстот без да се цитира авторот или медиумот од каде што е преземен;
- Копирање на текстот и модификација (трансформација) на истиот без да се каже референтната точка;
- Позајмување на изјавите од извори кои се изјасниле за некој медиум и нивно присвојување како да се земени директно од странката;
- Неовластено користење на фотографии, аудио и видеоматеријали и без да се цитира авторот на истите, итн.
Во светската практика на интернет-објавувања, на пример, компанијата што се грижи за идентификација и за заштита на авторското право Creative Commons, од една страна ги признава и ги штити индивидуалните права, но ова го прави на инклузивен начин, значи сама по себе го признава правото на другите за да пристапат кон и да користат едно творечко дело. Во лиценцирањето на Creative Commons пишува:
Вие можете:
- Да делите со другите – копирате, делите, прикажете и претставите едно творечко дело;
- Да обработите – да создадете деривати од оваа работа,
но под услов да ги исполните овие услови:
- Атрибуција: вие треба да атрибуирате едно дело на начин одреден од авторот или давателот на лиценцата;
- Некомерцијализација: вие не треба да ги искористите овие дела за да остварите добивка;
- Дистрибуција: доколку вие отуѓувате, трансформирате или создавате едно друго дело врз основа на ова дело, вие треба да ги дистрибуирате резултатите на работата под една ваква или слична лиценца на ова (ставајќи го линкот на веб-страницата). Но, доколку имате дозвола од авторот на тој материјал, тогаш можете да го користите без да ги почитувате овие правила;
АКО СИТЕ ПОЗАЈМУВААТ, КОЈ ЌЕ ПРОИЗВЕДУВА ВЕСТИ?
Исто така, и во Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија пишува:
„Правењето на плагијати е недозволиво. Цитатите не треба да се користат без одобрение од изворот или авторот.“.[5]
Оваа повреда е позната карактеристика на нашите информативни веб-страници, но има случаи и кога изворите на позајмување на вестите се почитуваат. И покрај ова почитување треба да се каже дека една вест создадена од почеток, е подобра од една позајмена вест, што значи дека ако повеќе веб-страници со вести имаат свои репортери и се заложуваат за производство на автентични вести, ова го проширува хоризонтот на гледните точки и пристапите кон еден одреден настан. Ова е проблем од свој вид со кој се соочуваат порталите во нашата земја. Ако сите позајмуваат, тогаш кој ќе произведува вести? Ова е еден постојан лов кој трае…
Терминот што најмногу се употребува за менаџерите на малите портали е админ или администратор. Највообичаена работа на администраторот на еден портал е само што ќе стане од спиење, да седне пред компјутерот и да ги прегледува веб-страниците на поголемите медиуми кои успеале да произведат нови вести. Врз основа на еден целосно индивидуален избор, администраторот прави еден список на вестите што ќе бидат дел од неговата страница за тој ден. Истата ситуација се повторува секој ден.
Постои една изрека во новинарството што вели „Сите вести се локални“, која што во денешните време би се преформулирала: „Добар дел од вестите се хиперлокални“. [6]
Терминот „хиперлокал“ е еден од оние термини што во последно време наоѓа широка употреба. Хиперлокалното покривање се фокусира на тие настани, кои независно од тоа колку се мали, може лесно да се најдат на интернет и имаат потенцијална публика. Наместо да се „трча по информацијата“, и всушност да се копираат содржините што другите медиуми веќе ги имаат, помалите медиуми може да им се посветат на оригиналните информации, кои се важни токму за нивната средина, за публиката или специфичните групи на возраст, и да постигнат уште повеќе.
ИНТЕРНЕТ-МЕДИУМИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ „ЧИСТИ“
Во обемната книга „Динамиките на масовната комуникација“, авторот Џозеф Р. Доминик, меѓу другото, зборува и за кодексите на новинарските перформанси. Според него, многу етички одлуки треба да се земат за време на неколку часови или минути, без луксузот на долгото филозофско размислување. Затоа, медиумските професионалци не се многу различни од другите професионалци, како, на пример, докторите или адвокатите. Во овие професии кодексите на однесување или етика се стандардизирани за да им помогнат на поединците во нивните одлуки. Доколку еден доктор или адвокат повреди некој од начелата на овие кодекси, нему може да му биде одземено правото на вршење на професијата преку одлука на одбор од колеги што ја надгледуваат оваа професија.
Овде завршува сличноста со мас-медиумите. Медиумските професионалци, иако се ангажираат со поимот на слободата на говор, немаат професионални инспекциски одбори кои би давале или би ги продолжувале лиценците. Кодексите на медиумскиот перформанс и методите на саморегулирање се помалку прецизни и помалку строги во споредба со тие од другите организации. Но, многу од дискутираните начела се вклучени во овие кодекси. [7]
Со една извршена анализа од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), интервјуираните експерти од организации што се занимаваат со медиуми и со авторски права, евидентирале дека ниеден од медиумите на интеренет не е „чист“ за да почне прв да преземе мерки за заштита на своите авторски продукти. Дури и тие што се сметаат себеси за „чисти“ во поглед на почитување на авторските права на авторите во Македонија, не го почитуваат авторското право кога позајмуваат материјали од странски автори. [8] Ова не треба да се сфати како едно задолжително зло, туку треба да се работи во насока на едукација на корисниците на новите медиуми за што повеќе да ја избегнуваат оваа незаконска практика, што ѝ штети на интелектуалната работа, но и на самиот медиумски имиџ.
Референции:
[1] Charles Ess; Етика на дигиталните медиуми, превод од англиски: Рапо Згури,печати: Албански Институт за Медиуми, Тирана, стр. 61.
[2] Giuseppina D’Agostino (2010): Copyright Contracts, Creators New Media, New Rules, печатено од: Edward Elgar Publishing Massachusetts, USA. стр 88-89.
[3] Creative Commons: https://blog.creativecommons.org/2016/02/23/the-flip-side-of-copyright/. Датум: 14:03.2016
[4] АНАЛИЗА: Македонија во дигиталната ера – меѓу правата и одговорностите при комуницирање на интернет. Печати: Македонски институт за медиуми, Скопје, 2015, стр. 27. Датум: 19.03.2016.
[5] Кодекс на новинарите (2011) Печати: Македонски институт за медиуми во соработка со Здружението на новинари во Македонија, 14 ноември, Скопје.
[6] Joseph R. Dominick (2010): Динамиката на масовната комуникација. Медиумите во дигиталното време, УЕТ Прес, Tирана. стр. 457.
[7] Joseph R. Dominick; Динамиката на масовната комуникација. Медиумите во дигиталното време, УЕТ Прес, Tирана, 2010, стр. 595.
[8] АНАЛИЗА: Македонија во дигиталната ера – меѓу правата и одговорностите при комуницирање на интернет. Печати: Македонски институт за медиуми, Скопје, 2015, стр. 27. Датум: 19.03.2016.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.