Клик-бејт наслов дека Заев „јадел заушки“ на средбата со Ердоган

Фејсбук-страница на дигитален медиум споделува текст со наслов, кој освен што е сензационалистички и „клик-бејт“, не е дополнително објаснет во текстот

 

Станува збор за текст објавен по повод неодамнешната работна посета на Турција на македонската делегација на чело со премиерот Зоран Заев, каде што тој беше примен и се сретна и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Текстот е објавен и на фејсбук-страницата на дигиталниот медиум, што е предмет на оваа рецензија.

Но, објавата и во оригиналот е со наслов на кој му недостига контекст. Едно нешто вели насловот, а потоа, тоа не може да се прочита во текстот.

ЗАЈКО ВО ИСТАНБУЛ ЈАДЕЛ ЗАУШКИ ПОРАДИ ДРУЖБАТА СО СЕДАТ ПЕКЕР?

Насловот е крајно шпекулативен и нејасен за поширока читателска публика. Се употребува пежоративен термин со кој се именува премиерот (Зајко) и притоа се тврди дека „јадел заушки“, што и да значи тоа, а слободниот превод од сленговската употреба генерално би требало да значи дека бил силно прекоруван.

Но, во кратката содржина, тоа никаде не е објаснето во текстот. Написот не нуди никакво објаснување, ниту што значи насловот ниту како е дојдено до ваков заклучок за исходот на средбата помеѓу Заев и Ердоган.

Текст со ваков наслов, споделен на социјални мрежи, предизвикува љубопитност кај широката јавност. Па, така, секој што бил малку заинтригиран од насловот и го кликнал линкот со надеж дека во текстот ќе прочита повеќе за ова, останал со „празни раце“.

Во написот нема апсолутно ништо поврзано со насловот. Текстот е многу мал исечок од владиното соопштение по повод посетата на владината делегација во Турција. И тоа е сè.

Ниту се спомнува Седат Пекер, ниту  какви било „заушки“ без разлика дали станува збор за преносна или каква било смисла на фразата употребена во насловот. Едноставно, текстот е речиси празен и не го нуди тоа што помпезно се најавува во самиот наслов.

Во текстот нема никакви дополнителни информации ниту за името што се спомнува во насловот – Седат Пекер, па, така, ако не сте се информирале претходно за ова лице, ќе останете збунети.

 

Кој е Пекер и како се поврзува со Заев?

Тој е турски мафијаш, кој е во егзил во непозната земја за да не биде уапсен. Неговото име се спомнува во аферата „Мафија“, која ја отвори ВМРО-ДПМНЕ, а власта спроведе акција под кодно име „Двојник“.

Случајот се однесува на злоупотреба на идентитети за издавањето нелегални македонски пасоши на странски државјани осомничени за криминал и барани со потерници, меѓу кои и Пекер. Тој, според опозицијата, извадил македонски пасош во полициската станица во Драчево под името Џанин Адемовски. Адвокатите на Пекер демантираа дека тој поседува фалсификуван пасош со негова фотографија и туѓ идентитет.

Но, ниту од официјални ниту од неофицијални извори нема никаква потврда дека Заев и Ердоган зборувале за оваа афера или конкретно за Седат Пекер, ниту дека Заев „добил заушки“, односно бил критикуван или прекоруван за ова прашање.

Насловот е дефинтивно шпекулативен, укажува на тенденциозност и е несоодветен за текстот. Тој е ставен само да привлече внимание и да „собира“ кликови. Се добива впечаток како да е наслов за некој друг текст, а не за овој краток исечок од владино соопштение.

Според тоа станува збор за испуштен контекст во објавата што ја рецензираме.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.