Кога на смртта непотребно ѝ се гледа „во забите“

[Рецензија: Руски лекари во Ломбардија наишле на мистерија – луѓе починале од корона-вирус, но на многу чуден начин ]

Во „инфодемичната“ галаксија секојдневно се пласираат не само лажни, туку, можеби далеку понеодговорно, и фантазмагорични вести без никаква експертска подлога. Таквите вести, чиј лимит е само „небото“, се супстанцата на експоненцијалниот раст на „инфодемијата“.

Една таква вест беше пласирана на српски портал, а веднаш потоа пренесена и на македонски портал. Ако ситуацијата не е трагична, може да биде и интересна поради брзината на пренесувањето на веста. На српскиот портал е објавена на 2.4.2020 г. во 11:49 часот, а на македонскиот портал е пренесена на 2.4.2020 г. во 12:36. За само 47 минути!

Линк до оригиналниот напис: Руски лекари во Ломбардија наишле на мистерија – луѓе починале од корона-вирус, но на многу чуден начин

Датум и време на објавување: 2.4.2020

Датум на рецензија: 3.4.2020

Рецензент: Стојан Синадинов

Меѓутоа, дури и во таа кратка вест, при брзањето да се пренесе, згрешено е и името на изворот, без да се наведе линкот до него: на српскиот портал се наведува руската веб-страница „Московски комсомолец“, а на македонскиот портал е наведена агенцијата РИА Новости, која, всушност, го пренела пишувањето на „Московски комсомолец“.

Како и да е, оригиналниот текст главно се занимава со бележењето на активноста на руските стручни медицински екипи штп им помагаат на италијанските здравствени служби во справувањето со трагичните последици од пандемијата на корона-вирусот. И од една попатна напомена дека во градот Громо, каде што работат лекарите доброволци, меѓу нив и од Руската Федерација, неформално биле забележани неколку случаи кога заболени од корона-вирусот едноставно заспале и умреле. Претходно, пак, како што се наведува, пред смртниот исход немале сериозни симптоми на болеста.

Но, веќе во следниот пасус се наведува дека тие случаи биле забележани во пансионот за стари лица „Сан Лоренцо“ во Громо. И од еден текст, кој, во суштина, е пропагадна (полу)репортажа како лекарите волонтери од Русија вршат антисептично чистење на ходниците, собите и трпезаријата на пансионот, како и на улиците на соседното гратче Валбондионе, порталот вади бомбастичен наслов: „ОВА Е СТРАШНА ВЕСТ ОД ИТАЛИЈА: Лекарите откриле нови чудни случаи на смрт од корона!“.

Македонскиот портал малку го ублажил интензитетот на паничниот наслов: „Руски лекари во Ломбардија наишле на мистерија – луѓе починале од корона-вирус, но на многу чуден начин“.

Во оригиналниот текст на „Московски комсомолец“ никаде не се наведува дека се работи за стручномедицински утврдени факти како резултат на сериозни анализи. Што би рекле, се работело за постари лица, кои – ако веќе можеме да ја избираме градацијата на „леснотијата“ на смртта – умреле во сон.

Меѓутоа,недозволиво е кога на смртта ѝ „се гледа во забите“, и се зголемува паниката преку манипулација за наводни страшни и сè уште непознати мутации на заболувањата од корона-вирусот.

И корона-вирусот и смртните последици од пандемијата се доволно страшни и трагични.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.