Корона-вирус, свештени лица и приватни болници

Фото: Принтскрин колаж -mk.wikipedia.org

Неодамнешните написи за заболените владици кои се лекуваат од ковид-19 во приватна болница лесно ги срушиja сите стории од типот дека светата водичка од едно лажиче за цела паства спасува од пандемијата. Спасот е можен до онаа точка до која ќе стигне науката. Црквата полека и со задоцнување, станува свесна за тоа и поповите смерно застануваат во ред за вакцинација

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Пишувањето текстови за пандемијата со ковид-19 често допира до односот меѓу науката и религијата. Ова особено е актуелно барем на оној дел на Балканот од каде што полесно допираат до нас информациите за текот на ширење на пандемијата. Се добива впечаток дека во земјите како Србија, Црна Гора и Македонија, постои некаков латентен судир меѓу локалните цркви и здравствените власти што се борат за сузбивање на присуството на подмолниот непријател.

Впрочем, односот меѓу науката и религијата е предмет на историска расправа поради проблемот на разграничувањето. Научниот метод се потпира на разумот и емпиризмот, додека религијата ги признава откровението, верата и светоста. Иако, во тој однос има и треба да има промени.

Додека католичката црква, на пример, преку пораките на папата Франциск не само што им даде поддршка на здравствените власти, туку и побара промена на доктрината на либералниот капитализам, во оваа борба со опасниот вирус. Доказ за овој „вграден ефект“ на политичкиот систем е нерамномерната распределба на вакцините, секако. Со овој став на Ватикан еден голем дел од светот беше ослободен од доктринарни „искричења“ меѓу науката и црквата. Но, таков придонес од црквите на нашиве простори засега не добивме.

Напротив, двата големи празника на муслиманската религија (Рамазан) и православните христијани (Велигден), лани ова време дадоа голем придонес за појавата на првиот голем замав на ковид-19. Притоа свештените лица имаа поддршка дури и од политичари што сметаа дека ова е еден популистички начин да остават добар впечаток кај верниците.

Без особен јавен отпор, свештениците стануваа личности на денот наместо лекарите и другите здравствени работници кои веднаш стануваа и жртви на пандемијата.

Особено се издвојуваше во медиумите настапот на владиката Тимотеј, една од клучните фигури на литиите во Струга во почетокот на мај 2020 година. Истиот (инаку, портпарол на МПЦ) во изјава за телевизија „Телма“, во врска со шетањето на литии низ улиците на Струга во период на силни рестрикции во земјата отфрли дека црквата има вина во овој настан. Прашан како ги коментира жестоките реакции во јавноста за тој скандал во Струга владиката тогаш, меѓу другото, изјави:

Што ми е гајле за реакциите. Што да правам јас. Да се извинувам на некого треба? Затоа што сум направил редовна богослужба, која традиционално се одржува со векови, изјави владиката на МПЦ-ОА, Тимотеј во чија епархија е и Струга. (од 1,20 до 1,31 минута од видеото) 

Оној стандарден судир меѓу религијата, која себеси односно на верниците треба да им нуди „чуда“, и науката која произлегува од светот на материјализмот, токму по повод овие празници (кои лани, како и сега, се случија во април), дојде околу групирањето по повод ифтарските вечери за време на рамазанскиот пост, односно одржувањето молитви во храмовите (кај муслиманите), или, пак, молитвите и причествувањето на верниците со едно лажиче (кај православците). Истите, според медицинската гледна точка, беа оценети како директно создавање кластери и во нив се препознаваше создавање нов бран на пандемијата на наша почва, при што се издвоија и ликовите на двајца владици на МПЦ – на владиката Петар и на владиката Агатангел, како и на некои високи свештеници на ИВЗ.

Најголемите болници за лекување на болните се црквите и ние нема да ги затвориме, но повикуваме верниците да се придржуваат до правилата и препораките на Владата во однос на состојбата со заразата од корона-вирусот, изјави за „А1 ОН“ Метрополитот Петар.

Според него, „Македонската православна црква и православната вера не дозволуваат затворање на храмовите и ниту еден верник нема да биде вратен од литургија или пак ако сака да добие услуга од црквата, а свештениците ќе ги посетуваат домовите доколку некој ги повика“. Овој став го дели и Исламската верска заедница, а според Агрон Војника од ИВЗ, поголема паника меѓу верниците ќе има доколку џамиите бидат затворени.

Крштевките и венчавките ги откажуваат самите граѓани, поради, како што вели митрополитот Петар, не можат да прославуваат во ресторани, но од страна на МПЦ тие не ги одбиваат доколку некој сака да ги изврши овие обреди во храмовите.

Самите верници одлучуваат за услугите што сакаат или не сакаат да ги изврши МПЦ. Ние сме ИМ на располагање на верниците и ќе ја почитуваме нивната одлука – изјави тогаш митрополитот Петар за „А1 ОН“

Уште посликовит е неговиот колега од врвот на МПЦ, Агатанггел.  Тој во своето послание по повод Велигден (24.3.2020) вели:

Во Македонија сѐ уште нема ниту еден починат, и го молам Бог да не допушти повеќе страдања и маки врз овој и онака напатен народ. Но во сите информирања и предупредувања, во сите тие заштитни мерки, ме загрижи тоа што во нив се препознава еден многу пострашен вирус од актуелниов, а тоа е вирусот на неверието и маловерието. Првите кои излегоа или предложија да се затворат храмовите, да не се служи Света Литургија, се токму оние лажни верници, кои никогаш не се причестиле со Христос, никогаш не дозволиле да ги допре и преобрази благодатта Божја.

Ова послание е дадено пред една година, кога имавме и мртви и болни и затворени подрачја (Дебар). Индикативно е дека самиот владика отсуствувал од велигденските литургии по црквите, наводно поради болест, но им замери на оние што нема да дојдат во црквите и нема да се причестат од едно лажииче. За секој случај, митрополитот им ги испрати по улиците и своите свештеници кои со светена вода ги „вакцинираа“ улиците на поголемите градови во Повардарската епархија.

Останува да ѕвони во ушите неговата ланска порака – „подобро е дури и да умреме причестени со Христос, отколку да останеме живи, но без Христос.”

На тие слики и пораки сите се сеќаваме, ама за одговорот на ваквите и слични религиозни мисли се потсетивме и деновиве, кога во приватната болница „Систина“ се сретнаа токму владиките Петар и Агатангел! Првиот е подолго време таму, а вториот од поново време и тоа со една иста дијагноза – заболени се од корона-вирусот.

Што стана со медикаментозните вредности на нивните ритуали, посланија и пораки?

Не сум јас во состојба на целосно излекуван, па да можам сега да дискутирам. Еве слушна јавноста во болница сме, и тоа е доволно… Сега се гледа дека станува збор за сериозна болест, сум дошол тука да се лекувам, нема што повеќе да се коментира тука – ИЗЈАВИ ВЛАДИКАТА ПЕТАР ЗА ТВ 24.

Според информациите до кои дојде ТВ 24, свештениците се осигурани како трговци поединци, а владиците како административци, што значи дека тие се здравствено осигурани. Лекувањето од ковид-19 во приватна клиника може да надмине и над десет илјади евра.

Во врска со ова доктор Нико Беќаровски, на „Фејсбук“ напиша:

 Да се лежи од 23 март во приватна болница од „превентивни причини” е одраз на „христијанска скромност” на нашите владици.  човекот кој јавно ме прекори дека вистински верник не може да заболи од корона, сепак и самиот се разболе. Јас ќе му посакам што побрзо комплетно озздравување и конечно да започне да шири верба, а не недоверба кон апелите од здравствените работници

Тој и неговиот колега признаа дека „ако сè било така лесно, не би биле хоспитализирани“, а Агатангел призна и дека многу свештеници починале од оваа болест.

Владиката Тимотеј, пак, лани изјави дека половина од приходите на црквите и манастирите доаѓаат од одбележувањето на Велигден, што е секако факт кој повеќе кажува од сите проповеди, бидејќи болеста и смртта не го спасува ниту свештенството.  Тоа е сознание, од кое сега – кога за двајцата заболени владици се пишува и се објавуваат прилози, не се бега!

Останува свештениците да се соочат со ефектите што ги предизвикаа со своите спротивставувања на официјални акции за спречување на ширењето на заразната болест. Меѓу другото, и поради таквите апели, болниците се преполни, а сè уште имаме сограѓани кои велат дека болеста не постои, дека нејзиното присуство е пренагласено или е резултат на дејствување на некаков меѓународен заговор.

Малку е веројатно дека тие владици како и нивните колеги што ќе им носат портокали како понадица по излегување од болница ќе се променат целосно во своето дејствување меѓу верниците и во давањето совети и апели. Но, добро е ако медиумите и новинарите со написи кои имаат во себе и истражувачки дух и упорност, дејствуваат на покачување на општото ниво на здравствена просветеност.

Генерално земено, на оваа тема – религијата и науката во време на пандемијата кај нас седмата сила има болникав, опортунистички однос. Нема, на пример, информации што стана со работата на струшкото обвинителство поради литиите, иако имаше предмет, колкав е бројот на заболените свештени лица, особено какви се последиците од разните религиозни масовни собирања по создавањето кластери, како што беа оние држени во Св. Јован Бигорски…

Тука медиумите како да поверуваа во сториите за „заштитените верници“. А статистиката не го потврдува тоа.