Коронавирусот не се пренесува преку пратки на „Али експрес“

[Рецензија: KOРОНА-ВИРУСОТ „КОСИ“: Дали Македонците се плашат да нарачуваат од „Али експрес“?]

Насловот на текстот што го рецензираме се обидува да ги доведе во корелација ширењето на корона-вирусот и пратките на „Али експрес“, но едно со друго не оди. Ширењето на корона-вирусот не се пренесува преку пратка на човек, туку од човек на човек, потврдува и Светската здравствена организација.

Линк до оригиналниот напис: KOРОНА-ВИРУСОТ „КОСИ“: Дали Македонците се плашат да нарачуваат од „Али експрес“?

Датум и време на објавување: 5.2.2020

Датум на рецензија: 6.2.2020

Рецензира: Силвана Жежова

 

Ако се суди според податоците добиени од македонските пошти, кај граѓаните не постои страв да нарачуваат облека и други производи од Кина. Откако корона-вирусот е топ-тема во светот, тие не забележале пад на нарачките од Али експрес, кои се доставуваат до граѓаните.

Содржината на текстот што ја рецензираме, всушност, го побива насловот (Корона-вирус „коси“: Дали Македонците се плашат да нарачуваат од „Али експрес“?), бидејќи цитираните изјави од Пошта и на граѓаните што одговараат на прашањето говорат дека ниту нарачките се намалени ниту граѓаните се плашат.

Според изјавата од Пошта, која се пренесува во текстот, институцијата нема добиено информација за понатамошно постапување поради корона-вирусот, ниту од Министерство за здравство ниту од  Светскиот поштенски сојуз. А тоа е така поради фактот што корона-вирусот не се пренесува преку пратките по пошта. Кај граѓаните, пак, исто така, постои свесност за тој факт. Оттука, не е јасно чуму прашањето во наслов, за страв од пратки од „Али експрес“, поради ширењето на корона-вирусот?!

Во информативното и едукативното видео објавено од страна на Светската здравствена организација во однос на потеклото на вирусот, генезата, можните причинители за негово настанување, ризичните групи, превенцијата може да се види дека во однос на пренесувањето, корона-вирусот се пренесува од човек на човек, како и најповеќето вируси.

Оттука, имајќи го предвид овој факт и изјавите во текстот, насловот е сензационалистчки и со него се прекршува членот 8 од Кодексот на новинари.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми, се вели во член 8.

Постојат различни начини за насловите на текстовите да бидат атрактивни и да го привлечат читателот, но тие, пред сè, треба да бидат точни и да не шират дезинформации. Имајќи предвид дека корона-вирусот е топ-тема во светот, се прават обиди тој да се доведе во различни корелации и контексти на пишување новинарски текстови што се далеку од вистината, а само за читаност и број на кликови.

На граѓаните им требаат вистински информации поврзани со ширењето на овој вирус и превенцијата, и несериозно е да доведете во корелација ширење на корона-вирус со пратки од „Али експрес“.