Коронавиусот не е измислен, а вакцината е заштита

 

Рецензираме пост на Фејсбук, кој има над 270 интеракции (реакции, споделувања и коментари) за содржина која не е вистинита.

Во постот се тврди:

И да се вакцинирате и да не се вакцинирате, измислената корона пак ќе ја фатите! Се е во бизнисот на фармацевтската мафија!

Меѓутоа, дали е навистина точно, дека и вакциниран и невакциниран човек се во подеднаков ризик да се заразат од коронавирусот? Ако коронавирусот е измислен, како што тврди авторот на постот, тогаш како е возможно човек со него да се зарази? Тоа само по себе е контрадикторно.

Нашата проверка на фактите нè доведе до заклучокот дека светските и домашни здравствени експерти го тврдат токму спротивното.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД, одговарајќи на прашањето дали вакцинацијата ќе заштити граѓаните да не заболат од ковид-19, дава потврден одговор!

Вакцината против ковид-19 функционира на начин што го учи вашиот имун систме како да го препознае и да се бори со вирусот кој предизвикува ковид-19 и ова ве штити од тоа да се разболите од ковид-19. Да сте заштитени од разболување е важно зашто иако многу луѓе со ковид-19 имаат само благи симптоми, други развиваат сериозни симптоми, со долгорочни последици по здравјето, дури и смртни последици. Не постои начин да знаете како ковид-19 ќе ве афектира вас дури и ако немате зголемен ризик од развој на компликации, пишува на официјалната страница на Центарот за контрола и превенција на болести на САД.

За тоа како функционираат вакцините повеќе прочитајте на следниот линк.

Во меѓувреме, мора да се продолжи со носење маска, миење раце и избегнување на собири. Истото се тврди и за вакцината на Фајзер и Бионтек, но со додавка дека имунитетот обезбеден од оваа вакцина трае неколку месеци и дека уште се испитува колку точно време.

Тоа што СЗО нема доволно податоци за да каже каков е ефектот на вакцината врз ширењето на вирусот, не значи дека таа нема ефект, туку дека параметарот уште се испитува.

Од она што го објавува американскиот Центар за контрола и превенција на болести, експертите веруваат дека вакцината против ковид-19 може да ви помогне да не заболите сериозно или воопшто да не ја добиете болеста. Исто така, се додава дека со вакцинацијата можно е да ги заштитите и оние до вас кои имаат хронични заболувања и поголем ризик да заболат.

Во третата фаза од клиничката студија за вакцината на Фајзер само осум од повеќе од 18 илјади луѓе кои ја примиле вакцината се разболеле и тоа со полесна клиничка слика.

Дека пандемијата не е измислена, како што лажно се тврди во контрадикторниот пост, покажува фактот што до 17 февруари 2021 година има статистика на заразени, оздравени и починати пациенти која што секојдневно се ажурира и може да ја погледнете во продолжение.

Имунизацијата е најсилното оружје во борбата со вирусот. Меѓутоа, сакам да порачам дека и натаму треба да се почитуваат другите јавно здравствени мерки од страна на сите граѓани – носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена, кои заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од КОВИД-19 и сузбивање на пандемијата, порача министерот Венко Филипче.

Од сите горенаведени информации, евидентно е дека не е исто дали некој ќе се вакцинира или нема да се вакцинира, во поглед на тоа дали ќе се зарази или не. Професорот на клиниката за пулмологија, доктор Дејан Докиќ, за медиумите објасни како функционира вакцината врз организмот.

Првата доза на вакцината му ја дава информацијата на имуниот систем да ја преработи информацијата и да создаде антитела. Втората доза после три или четири недели е бустер, односно појачување за силен имун одговор, бидејќи организамот е веќе запознаен и реагира со масовно производство на антитела. Оние луѓе кои прележале ковид-19, нивниот имунитет се задржал според некои студии и по 10 месеци независно од нивото на антитела. Тие се заштитени, нивниот имунолошки систем е запознаен и активен. Затоа повторените инфекции со ковид-19 се толку ретки. Така што, се смета дека тие се повеќе од 99 проценти заштитени до 10 месеци. Независно од нивото на антитела тие имаат активни мемориски клетки. Кога организмот ќе дојде во контакт со вирусот, тогаш мемориските клетки го препознаваат и човекот не се разболува. Тој може да е инфициран, ама не ја добива болеста, изјави тој.

Значи, вакцината е важна за да се создаде заштита на организмот против вирусот, а се препорачува оние кои ја прележале болеста ковид-19 да почекаат со имунизацијата.

Епидемиологот доктор Александар Стојанов вели дека треба да се вакцинираат барем 50 проценти од граѓаните независно од возрасната група, а дека се потребни неколку недели по втората доза за да се создаде имунитет. 

Базирано на мислења на стручни лица, клинички студии и препораки на Центарот за контрола и превенција на болести на САД, оценуваме дека не е ист степенот на заштита од коронавирусот кај вакцинираните и кај невакцинираните граѓани и постот го оценуваме како невистинит. Тврдењето, пак, дека пандемијата е измислена, претставува конспирациска теорија, непоткрепена со аргументи, докази и не постојат никакви индиции дека болеста ковид-19 не постои. Напротив, таа во светски размери и во нашата земја, одзема многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.