Повторно т.н. „запрашување“ (chemtrails“) е во игра во Фејсбук просторот на македонски јазик, со тоа што, сега директно се поврзува со појавата на болеста Ковид 19. Иако повеќе пати е разобличено како нешто што не постои, зачудува колку ваквите објави на социјалните мрежи имаат свои следбеници
Пост објава на Фејсбук на македонски јазик ја убедува јавноста дека Ковид 19 не постои, за потоа да се тврди, така сугерира авторот на постот, дека Ковид сепак постои ама е поврзана со „запрашувањето“, т.н. „chemtrails“, прскањето на населението од воздух.
Во подолгиот пост, авторот кој се претставува како воено лице – експерт за хемиско-биолошки типови на војна, меѓу другото пишува:
ШТО Е ВИСТИНАТА ЗА КОВИД ???
ДРАГИ ПРИЈАТЕЛИ, ПОЗНАНИЦИ И СИТЕ КОИ МЕ СЛЕДАТ И КОИ САКААТ ДА ГО ПРОЧИТААТ МОЈОТ ПОСТ, ЌЕ ПРОБАМ НА ЕДНОСТАВЕН НАЧИН ДА ВИ ОБЈАСНАМ ЗА ПРОЕКТОТ КОВИД КОЈ ГО СПРОВЕДУВААТ ГЛОБАЛИСТИТЕ , САТАНИСТИТЕ И ФАРМАЦЕВТСКА МАФИЈА !!!
ЗА МНОГУМИНА ОВА ЌЕ ИМ БИДЕ НЕПОЗНАНИЦА, НО ВЕРУВАЈТЕ МИ!!!
ЗА ЗАПРАШУВАЊЕТО ПИШУВАВ ПРЕД ЕДНА ГОДИНА, ЈАС СУМ ТОА ВОЕНО ЛИЦЕ ОФИЦЕР, КОЈ ЈА ИЗУЧУВАЛ ОВАА ПРОБЛЕМАТИКА СО ОТРОВИТЕ И НАЧИНОТ НА ВОЈУВАЊЕ…
…ЗАПРАШУВАЊЕТО СО ОТРОВИ И ТЕШКИ МЕТАЛИ СЕ ВРШИ ПОД ИЗГОВОР ,,БОРБА ПРОТИВ ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ НА ЗЕМЈАТА,,…
Малку подолу во текстот пак, лицето констатира дека Ковид не постои!?
КОВИДОТ НЕ ПОСТОИ !!!
КОВИДОТ Е ПРОЕКТ СО КОЈ САКААТ ЧОВЕЧКАТА ПОПУЛАЦИЈА ДА ЈА НАМАЛАТ.
ФАРМАЦЕВСКАТА МАФИЈА НЕ САКА ДА СЕ ДОЗНАЕ ЗА ПРОЕКТОТ, ПА ТАКА ДА И ПРЕКУ СЗО ЗАБРАНУВААТ ДА СЕ ИЗВРШИ ОБДУКЦИЈА !!!! ЗОШТО ???
Во постот, „стручното лице“ помеѓу овие две тврдења измешал сè и сешто. Тој во игра внесува прскање со алуминиум, сарин и жива, а по констатацијата дека Ковид-19 не постои, па потоа постои, ги внесува во игра и 5Г технологијата и вакцините, за на крај да тврди дека сето тоа е дело на „сатанистите и глобалистите кои преку корумпираните влади го дотерале народот до страв“.
Под ваквата објава прилепен е колаж од фотографии од кои некои се од траги на авиони, антиваксерски постови, текст што на ова лице му е пренесено од некој портал, итн. Целиот овој колаж од фотографии е поставен во контекст на текстот, кој треба да му даде дополнителна уверливост.
Теорија на заговор стара повеќе од две децении
Таканареченото „запрашување“ на населението или „кемтрејлс“ е теорија на заговор која е постара од две децении. Всушност, почетоците се во САД во 1996 година, откако Воено-воздушните сили на САД објавиле извештај за можна модификација на времето. Застапниците на оваа теорија на заговор веруваат во повеќе цели на „запрашувањето“. Од психолошко влијание врз населението, до тоа дека крајната цел е депопулација на земјината топка. Покрај ваквите теории на заговор често се објавуват фотографии кои се земени од различни тестови на патнички авиони изведувани за да се утврди балансот на авионите при полетување, слетување или во текот на летот.
Постојат повеќе научни иследувања на оваа теорија на заговор и ниту еднаш не е пронајден каков било доказ дека тоа навистини се случува. Едно од посеопфатните е на „Кеит групата“, истражувачка група при Харвард универзитетот, која тоа го потврди.
Сервиси за проверка: „Запрашување“ не постои!
Воедно и повеќе сервиси за проверка на факти и во странство, и во регионот, и во Северна Македонија, ги разобличиле овие теории на заговор поврзани со „запрашувањето“.
Една од посеопфатни студии која ја објаснува разликата меѓу „кемтреилс“ и „контреилс“ (траговите што остануваат зад авионите на небото), укажува дека зад „контреилс“ има научно објаснување зошто некогаш тие траги се подолготрајни, а некогаш брзо исчезнуваат од хоризонтот или пак, и други студии.
Од регионалните сервиси за проверка на факти би го издвоиле српскиот „Истиномер“ (види линк ТУКА).
„Вистиномер.мк“ само од август 2020 г. до сега има три пати пишувано со факти против „запрашувањето“ (види линкови ТУКА, ТУКА и ТУКА), а овој текст, оваа рецензија на постот на Фејсбук, е четврти текст кој ја опфаќа и оваа проблематика.
Невистина е дека СЗО забранила обдукции
Уште една лага се шири преку овој пост на Фејсбук, а тоа дека Светската здравствена организација (СЗО) забранила обдукции на починати пациенти кои биле заболени од Ковид 19. Оваа лага е повеќе пати приширувана во светот и во регионот, а се појавува и кај нас. Но фактите говорат дека СЗО никогаш не рекла дека не смеат да се прават обдукции, туку дека треба да се преземат што повеќе мерки на заштита при таквите обдукции.
Дека вакви шпекулации кружат и во соседна Србија може да се види од разобличувањето на истите што ги направија нашите колеги од Србија.
А дека истите такви обдукции се правени и во големите европски земји, сите што имаат услови и знаење патологијата да ја користат за нови сознанија на болеста, може да се види од примерот на Германија и Италија или Русија, па и Србија.
Иако овие наоди преку системска обдукција на починати пациенти заболени од Ковид-19 на почетокот и во Германија и во Русија укажуваа дека лицата починале од други заболувања, а Ковид-19 била само „чкрапалото“ (види линкови ТУКА и ТУКА), сепак, понови истражувачки наоди од Германија претставени на конгрес на германски патолози, укажуваат дека најчеста причина за смрт кај заразените со корна вирусот е токму Ковид-19.
Повторена лага на Фејсбук
Имајќи ги предвид погоре изнесените факти, сосема е јасно дека постот што го рецензираме е невистина или лага. Ваквата лага на овој корисник на Фејсбук не е прв пат пласирана.
Во многу слична форма, содржински гледано, овој корисник на социјалната мрежа ги искажал истите дезинформации уште во март, што може да се види на следниот линк.
Сепак, и покрај сите научни сознанија изнесени досега од почетокот на пандемијата, тие, за жал, не помогаат многу околу ваквите деизнформации и лаги, кои стануваат многу вирални. Постот што го рецензиравме има над 315 споделувања за помалку од 24 часа, додека оној од март преку 1.300 пати.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.