Лага е дека Мерко ѝ се обратил на новинарката со вулгарни зборови

[Рецензија: Мерко кон новинaрка: Heпиcмена си и не би те **ел]

Написот што го рецензираме нема проблем со содржината, туку со насловот. Тој има за цел да собере што е можно повеќе кликови.

Линк до оригиналниот напис: Мерко кон новинaрка: Heпиcмена си и не би т **ел

Датум и време на објавување: 14.06.2021

Датум на рецензирање: 17.06.2021

Рецензент: Ана Анастасовска

Рецензираме напис кој има непрофесионален наслов, односно тој е класичен кликбејт наслов кој има за цел да предизвика поголемо внимание. Насловот тврди дека градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко ѝ упатил вулгарни зборови на новинарката од „Алфа“ телевизија. Но, тоа не е така. Во конкретниот случај,  намерно е избран наслов со недоличен тон и притоа на струшкиот градоначалник му се припишуваат вулгарности кои тој не ги кажал.

Написот сам по себе нема проблем со содржината, очигледно е дека е преземен од „Алфа“ телевизија, но во него не е цитиран изворот од каде е преземен, ниту пак, има линк до истиот. Новинарските професионални норми и стандарди налагаат кога некоја вест ќе се преземе од друг медиум, особено како во случајов кога веста се презема комплетно, да се стави линк до изворот.

Понатаму, насловот на текстот вели дека градоначалникот на Струга Мерко, ја навредил новинарката на Алфа, дека е неписмена и наводно и рекол „не би те **ел“. Точно е дека Мерко на репликата на новинарката: „писмена сум знам да читам“,  ѝ возвраќа: „не си“, што може да се слушне и во видеото поставено под веста (од 1,30 до 1,33 минута). Реакција и осуда на ваквиот однос на Мерко кон новинарите имаше и од Здружението на новинари.

Меѓутоа, Мерко во комуникацијата со новинарката воопшто не употребува таков вулгарен речник како што се имплицира во насловот, односно  тој не кажажува: „не би те **ел“. Ова е класична измислица.

И токму со ваквата конструкција се прекршени основните принципи на однесување на новинарите, наведени во етичкиот Кодекс:

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав.

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.