Лага е дека вакцината „Спутник“ содржи графен оксид и оти со неа се вградува чип

Анализираме пост на „Фејсбук“, еден од низата со теории на заговор дека во вакцините против ковид-19 има чип, што се внесува во телото на оние што ќе се вакцинираат. Ако досега ваквите тврдења беа наменети за МРНА-вакцините, во овој пост на удар е руската вакцина „Спутник“.

26.07.2021 Инфо Русија Одстранет чип од раката. Вакцина Спутник. Наводно, станува збор за вакцината Спутник. На видеото можете да видите како црната честичка магнетно реагира и тие успеаја да го извадат ова парче. Се сомневаме дека течниот графен оксид во телото е составен поради човечкото електрично поле. Ова веројатно се случува низ целото тело.

Под постот има видео на кое лице со ракавици на рацете со метално парче ја сече кожата на друго лице во пределот на рамото и со магнет се обидува да извади нешто. На крајот од видеото црно парче метал наводно е извлечено од раката на лицето што наводно се вакцинирало. Велиме наводно, бидејќи никаде не е докажано дека лицето примило вакцина „Спутник“ и бидејќи на крајот нејасно се гледа како црното парче метал излегува од раката.

Секој што ќе го погледне видеото ќе сфати дека тоа е нереално, бидејќи вакцините против ковид-19 се безбојни и во течна форма, и тие се аплицираат со многу тенка, обична игла. Тоа значи дека е невозможно толкаво парче метал да помине низ иглата на вакцината и да се внесе во човечкото тело.

„Вистиномер“ досега неколкупати ги дебанкираше информациите дека вакцините против ковид-19 содржат некаков чип. Факт е дека вакцините не содржат микрочипови. Целата драма со наводни микрочипови, преку кои, наводно, населението ќе биде следено, нема врска со реалноста. Всушност, компанијата „Апи Џект“ од САД размислува за „опционален микрочип“, ама тој би бил на етикетата од шприцот и нема да се инјектира при имунизацијата. Важно е да се каже дека овој микрочип е наменет само за САД, а не за Македонија. Оваа технологија е сосема опционална и американската влада сè уште нема ни одлучено дали сака да ја користи. Исто така, вакцините на ниту еден производител не содржат метали. Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на „Спутник“ содржи 0,5 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто.

Понатаму, постот тврди дека вакцината содржи течен графен оксид, кој се составил поради човечкото електрично поле. И оваа информација „Вистиномер“ досега неколкупати ја дебанкираше. Имено, не постојат цврсти и научни докази дека вакцините против ковид-19 во својот состав имаат графен оксид.

Составот на вакцините е јавно објавен на веб-страницата „ковид19вакцинација.мк“. Вакцината „Спутник“ содржи активна супстанција: рекомбинантни аденовирусни честички серотип 26, кои содржат ген протеин С на вирусот SARS-CoV-2 и помошни состојки: трис(хидроксиметил)аминометан, натриум хлорид; сахароза; полисорбат; магнезиум хлорид хексахидрат; динатриум сол дихидрат на етилендиаминтетраоцетна киселина; етанол; вода за инјекции. Значи, никаде во составот на вакцината не се спомнува течен графен оксид.

Од сето ова може да заклучиме дека постот што го анализираме шири лажни информации оти вакцината „Спутник“ содржи некаков чип и оти во нејзиниот состав има графен оксид. За ваквите тврдења не постојат никакви научни докази и истите ги шират луѓе што се познати по ширењето на разни теории на заговор поврзани со вакцинацијата против ковид-19.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.