Лажна вест на штета на децата со кардиолошки проблеми

 

[Рецензија:  Проектот Детска кардиохирургија ќе пропадне, експертите од Бугарија не сакаат да работат со Чадиковски]

 

Насловот на текстот што го рецензираме е комплетно неточен и шири дезинформации, бидејќи проектот Детска кардиохирургија не е пропаднат, туку функционира во клиниката „Жан Митрев“ и воопшто не зависи од експертите од Бугарија. Детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски и тим од лекари и сестри веќе се на работно место во клиниката и оперираат.

 Линк до оригиналниот напис: Проектот Детска кардиохирургија ќе пропадне, експертите од Бугарија не сакаат да работат со Чадиковски

Датум и време на објавување: 7.2.2019

Датум на рецензирање: 15.2.2019

Рецензент: Силвана Жежова

 

Доказ дека сѐ што промовира министерот за здравство Венко Филипче пропаѓа е и примерот со планот за промоција на јавно-приватно партнерство во здравството, кое требаше да стартува на почеток на месецов и тоа во областа детската кардиохирургија. Министерот за здравство, Венко Филипче, дури и даде зелено светло вработените од Клиниката да се префрлат во приватно здравство. Но, поради главниот македонски хирург, Владимир Чадиковски, тимот не може да се комплетира.

Текстот шири комплетни дезинформации, бидејќи планот за промоција на јавно-приватно партнерство во здравството, кој го најави министерот за здравство Венко Филипче, функционира од 1 февруари во клиниката „Жан Митрев“. Таму веќе се извршија и првите операции од областа на детската хирургија со тим предводен од доктор Владимир Чадиковски, за кој во текстот се шират невистини дека поради него „тимот не може да се комплетира“.

За ангажманот на Чадиковски во оваа болница, Клиниката веќе информира на нивниот фејсбук-профил:

Во Клиничката болница „Жан Митрев“ деновиве беа изведени првите операции од областа на детската хирургија со тим предводен од доктор Владимир Чадиковски.

Клиниката „Жан Митрев“, исто така, има објавено и листа со услуги во детска кардиохирургија, со што се демантира веста дека „проектот, најавен од министерот, останува нереализиран“.

Детскиот хирург Владимир Чадиковски, исто така, ја информира јавноста дека по деветдецениско работно искуство на Клиниката за детска хирургија, од 1 февруари преминува во клиниката „Жан Митрев“.

Во однос на експертите од Бугарија, проектот за детска кардиохирургија во ниту еден момент не зависеше од нив. Министерот за здравство, Венко Филипче кога пред три месеци (декември 2018) на прес-конференција во  Владата објави дека Детската кардиохирургија ќе се сели на клиниката „Жан Митрев“, рече дека „ако се изнуди потребата пациент од икс-причини да не може да се третира овде кај нас, ќе поканат странски експерт и веќе разговарале со таков од Бугарија“.

Текстот, кој има интенција на Филипче да му припише неуспешен проект, всушност, најмногу им наштетува на пациентите, и тоа најмалите. Дезинформира дека Детската кардиохирургија кај нас не профункционирала, а услугите што се нудат во оваа област може да спасат нечиј живот.