Лажна вест е дека Елена Лука е пациентката заболена од коронавирус

[Рецензија: Елена Лука е заболената од коронавирус]

Првиот потврден случај на заболен од коронавирус во Македонија ја крена на нозе целата јавност. Министерството за здравство потврди дека првиот случај на овој нов вирус во земјата е 50-годишна жена од Скопје, која месец дена престојувала во Италија. Пациентката е сместена на Инфективната клиника во Скопје, а во домашна изолација се ставени осум патници и возачот на комбето со кое се превезувала жената, од кои петмина се од Струмица.

Овие податоци му биле доволни на некој да донесе заклучок дека заболената е Елена Пандева, сопственичка на модниот бренд „Елена Лука“, која, наводно, се заразила додека со својот тим била во Италија, каде што присуствувала на модната недела во Милано. И оваа шпекулација, непотврдена од ниту еден релевантен извор, масовно се прошири на социјалните мрежи.

Линк до оригиналниот напис: Елена Лука е заболената од коронавирус

Датум и време на објавување: 27.2.2020

Датум на рецензија: 2.3.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Само затоа што дел од луѓето што се возеле во комбето со заболената се од Струмица, од каде што потекнува Пандева, и тоа што заболената е на слична возраст со Пандева, не значи дека треба да се објавуваат вакви непроверени информации.

Оваа шпекулација е објавена без да има потврда од барем еден релевантен извор, а за потврда/демант не е побарана ни Пандева. Доколку информацијата била проверена пред да се објави, ќе се избегнеа сите непријатности што намерно или ненамерно ѝ беа предизвикни на Пандева.

Поради масовното ширење на информацијата, Пандева ѝ се обрати на јавноста преку видеопорака објавена на нејзиниот фејсбук-профил и демантира дека е заболена.

Премногу луѓе ми се јавија овие два дена. Прво мислев дека е комична ситуација, дека е некоја шала во прашање. На крај гледам дека работите се комплицираат, дека ситуацијата е се посериозна. Многу луѓе не прашуваат дали ние сме луѓето што дошле од Милано и дека сме заболени од коронавирусот, дека јас сум заразена а другите се во карантин. Сериозно сме збунети, не знам од каде се сите тие дискусии. Ние апсолутно не сме биле надвор од државата ниту јас ниту мојот тим патувал негде. Јас сакам остро да демантирам и да кажам дека сето тоа не е вистина. Сите сме безбедни, во Македонија сме и не сме биле во Италија.

Вакви лажни објави им предизвикуваат непријатност на лицата за кои се пишува, но и страв и загриженост кај нивните најблиски. Со вакви дезинформации на најгруб начин се прекршуваат етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите.