Врз основа на информација од билтенот на дневни настани на МВР објавена е дезинформација, т.е. лажна вест, дека момче починало на улица, наместо во неговиот дом. Ова упатува на сензационалистички пристап за да се зголеми бројот на посети на страницата на порталот и „сообраќајот“ на фан-страницата на „Фејсбук“
Фејсбук-објава на вест од портал, на фан-страницата „МК Информер“, погрешно ја информирал јавноста за починато лице.
Станува збор за 18-годишното починато лице Т.С. во Шуто Оризари во Скопје, за кое во објавата се наведува:
пронајден мртов 18 годипник во скопската населба Шуто Оризари. Како шти информираат ов МВР:
На 27.5.2021 околу 07.30 часот во Полициското одделение Шуто Оризари било пријавено дека на ул.„Индира Ганди” бил пронајден починат Т.С.(18) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
Ова тврдење, кое го оставивме намерно во оригинал, сосе печатните и граматичките грешки, е спакувано во вест со наслов: „18 годишник пронајден мртов на улица во Скопје, познат неговиот идентитет“.
Бидејќи очигледно станува збор вест правена набрзина од полициско известување, од таканаречните дневни билтени на МВР, „Вистиномер“ го пребара сајтот на Министерството и ја пронајде објавата вo билтенот за 27.5.2021:
На 27.5.2021 околу 07.30 часот во Полициското одделение Шуто Оризари било пријавено дека во дом на ул. „Индира Ганди“ бил пронајден починат Т.С.(18) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
Како што може да се види, таа на прв поглед изгледа идентична со објавата во веста што ја рецензираме, освен еден мал детал. Во билтенот стои дека лицето починало ВО ДОМ на ул. Индира Ганди, додека во веста овој збор е испуштен.
Дополнително, за да ја разјасниме оваа разлика, прашавме во МВР дали станува збор за оригиналната објава или подоцна е изменета. Оттаму добивме одговор дека во првото соопштение навистина недостасувал зборот „во дом“, а откако виделе дека тоа создало забуни, го додале и тоа.
Но, иако дури и оригиналната објава не сугерира дека лицето е најдено на улица, зашто може да станува збор за домови во улица што немаат нумерација, иако уредниците преку коментарите под веста имале индикации дека станува збор за сензационалистички протолкувани зборови од билтенот и иако можеле и да проверат со обично јавување, ништо од тоа не е направено за да се интервенира во веста.
А еве и дел од коментарите под таквата објава што им сугерирале дека треба да ја проверат информацијата и да ја сменат лажната објава:
„Ова е можеби друга особа а младото момче дома починало а не на улица страмота е да ширете верзии невистинити имајте малку грев ипак е 18 годишно“…
„Многу ви е полесно да слушате дезинформации одколку да истражите малку па да пишувате избришете ја објавата тоа не е вистина би сакале вие да е така ама не е. Глупости лупате само да се имало пишувано нештооо!“
„Дали сте нормални детето има 18 години а овој што лежи е стар неки глеате или ќорави сте срам да ви е“…
Најголем дел од другите портали известиле многу покоректно од истиот текст на билтенот на МВР. Освен ова и фотографијата што е ставена како илустрација не е поврзана со починатото лице, на што укажува и еден од граѓаните што ја коментирал веста.
Поради овие аргументи може да се оцени дека станува збор за дезинформација, т.е. невистинита вест.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.