Линк – алатка за транспарентно онлајн-новинарство

Фото: pixabay.com

Новинарската теорија создала голем број правила за пишување на новинарските текстови. Едно од тие правила е за секоја изјава, цитат од документ да биде посочен изворот. Со тоа се обезбедува контекст и поддршка за тврдењата изнесени во написот.

 

Пишува: Рада Исовска-Маневска

 

Тоа не секогаш е случај и со интернет-новинарствотo, иако на новинарот во овој вид медиум му се дадени на располагање голем број интернет-алатки. Една од нив е линкот (врската), што му овозможува на новинарот да го направи изворот на информацијата достапен до читателот и тој самиот да процени како е интерпертиран изворот.

 

 

ШТО Е ЛИНК

Врската што на читателот му овозможува да се движи од една до друга веб-страница се нарекува хиперлинк (hyperlink) или само линк (link). Линк може да води до текст, слика или некој друг објект на веб-страницата. Обично се означува со друга боја (сина) од остатокот на текстот и може да бидет подвлечен или и едното и другото. Се активира со кликнување со глувчето при што се отвора нов прозорец, односно изворот на кој новинарот сакал да го однесе читателот.

 

ВИДОВИ ЛИНКОВИ ВО ВЕБ-НОВИНАРСТВОТО

Во својот текст „Линковање у веб новинарству“, Брајан Барловиќ ги дели линковите според своето место, според тоа каде се наоѓаат, дали се реципрочни и дали се функционални. Оваа поделба со оглед на употребата на линкот во новинарството се чини е најсоодветна.

Според местото и адресата на која читателот се насочува, се разликуваат надворешни и внатрешни линкови.

  • Надворешен линк се препознава по тоа што кога ќе се кликне на обоениот или подвлечен збор се отвора нова страница. Најчесто се користи за поврзување со текст од друга веб-страница кога информацијата е ексклузивна или за да се одбегне проверката на вистинитоста на информацијата со тоа што одговорноста за нејзината вистинитост се префрла на веб-страницата што прва ја објавила.

 

  • Внатрешениот линк, пак, служи за поврзување со текст од истата веб-страница, кој бил претходно напишан на иста тема и служи за појаснување на текстот на кој е ставен линкот. Со ваков линк се поврзува и информација што служи да потсети за сличен настан во кој се споменуваат исти личности. Се препознава по тоа што кога ќе се кликне на означениот збор го води читателот до друга страница, но во рамките на истата веб-страница на која веќе се наоѓа.

 

СПОРЕД ТОА КАДЕ Е ПОСТАВЕН ЛИНКОТ НА ВЕБ-СТРАНИЦАТА ПОСТОЈАТ:

  • Инлајн-линкови, кои се користат за наведување текст објавен во друг медиум (на пример: SDK mk. thetimes.co.uk). Притоа линкот се става на името на медиумот од кој се презема текстот;
  • Листа со линкови што претставуваат збир од повеќе линкови на едно место кои се издвоени од новинарскиот текст, но се однесѕваат на неговата содржина (на пример: листа со линкови што упатуваат на дополнителни информации за текстот што е напишан);

 

  • Комбинација од двата модела. Вакви линкови се поставуваат внатре во новинарскиот текстот и како збир од линкови што служат како извор за дообјаснување на некое тврдење во текстот или водат до изјава земена од друг медиум;

 

  • Реципрочни линкови и еднонасочни линкови. Првите се линкови што се користат за меѓусебна размена на линкови (врски) помеѓу две веб-страници. Ова поврзување може да биде: двонасочно (размена на линкови) меѓу две веб-страници и тројно поврзување, односно поврзување меѓу три страници. А вторите линкови (еднонасочни) упатуваат на одредена веб-страница, но не постои повратен линк.

За новинарското изразување што се потпира и на линкот како дополнување на она што се тврди е важно линкот да ја исполни својата функција, односно да го одведе читателот до точната информација. Често се случува поради грешка при поврзувањето или како последица на бришење на информацијата кон која води линкот, тој да не биде во функција и да не му биде од корист на читателот.

Правилото е дека од контекстот или зборовите од кои е сочинет линкот да биде јасно каде води тој и што може да очекува читателот кога ќе кликне на него.

 

КОГА ЛИНКОВИТЕ НЕ ЈА ИСПОЛНУВААТ СВОЈАТА ФУНКЦИЈА?

  • Кога е нејасно што се посакува да се постигне со линкот. Кога ќе кликнете на ваков линк имате чувство дека сте на погрешна врска.
  • Вакви се и врските за кои може да се рече дека се премногу општи. Кога се кликнува на нив тие водат до почетната страница на посочената веб-страница. За да се дојде до информацијата што е дообјаснување на текстот, ќе треба да се бара нова локација. Тоа дополнително го отежнува пристапот на читателот до содржината. Пример за таква врска е кога се бара документ или закон за кој расправало, на пример Собранието, но кој не посочува директно на документот туку води само до првата страница на собраниската веб-страница.
  • Некои врски може да имаат многу информации, но тие да не се во директна врска со конкретен текст. Ваквите врски се несоодветни.
  • Непостоен – линк што води до текст што не постои или е избришан.
  • Линкот не ја исполнил функцијата и ако води кон комерцијален текст – реклама, што во основа не е цел на новинарскиот текст. Такви линкви се, на пример, тие што водат до страницата на grouper.mk, кој е комерцијален и не му дава дополнителна информација на читателот за тоа што се прикажува во текстот.

 

ПРАВИЛО ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ ТЕКСТ

Одделни веб-страници го имаат регулирано прашањето кога и како може да се постави линк при преземање одреден новинарски текст.
Правилото што  најчесто се применува е да се користи една третина од текстот со обврска да се постави линк до оиргиналниот текст. Некои веб-страници забрануваат користење на нивните информации и притоа користат други алатки за да оневозможат копирање на текстот.