Лажни бројки за судии и обвинители според етничка припадност, според кои судиите и обвинителите со македонско етничко потекло се, наводно, на претпоследно место, се постирани на „Фејсбук. Постот бележи зголемен број споделувања и видливост, што може да доведе до погрешни заклучоци и да шири говор на омраза по етничка основа. Фактите што ги провери „Вистиномер“ укажуваат на целосно поинаква состојба
Пост на социјалната мрежа „Фејсбук“, со содржина која е лажна во форма на фотографија, деновиве доживува обновена популарност, иако е поставен поодамна. Во него се објавуваат податоци за етничката структура на државјаните на РС Македонија, но не е наведено ниту од кога се ниту од каде се овие податоци, односно кој е нивниот извор. Но, ако за овие податоци е потешко да се открие нивната вистинитост, тоа не е случај со податоците за етничката структура на судиите и јавните обвинители во земјава, кои се исто така, вклучени во овој пост и за кои нашите проверки покажаа дека се комплетно неточни. Само во последните 24 часа пред моментот на оваа проверка на фактите, постот бил виден од најмалку 1.100 луѓе:
Етничката застапеност на Судиите и Обвинителите процентуано е ваква:
– Власи 41 %
– Срби 27%
– Албанци 24%
-Македонци 7%
– Останати 1%
Кој тоа го контролира правосудството?
Во текстот со ваква содржина вграден како фотографија не се наведува од каде се извлечени овие податоци, ниту дали се однесуваат на определна временска отсечка или година. Но, според проверката на факти на „Вистиномер“, овие бројки за етничката припадност на судиите и јавните обвинители во земјава се целосна ЛАГА.
Последните бројки што се однесуваат на бројот на судии во Северна Македонија може да се најдат во редовниот годишен извештај на Судскиот совет, врховно тело за состојбите во судството, кое има обврска да го објавува секоја година за периодот од претходната и да го доставува и до Собранието. На веб-страницата „Суд.мк“, во која се наоѓаат и посебните веб-страници на сите институции во судството, може да се најде Годишниот извештај (Годишен извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2019 година), каде што на страница 20 може да се види половата и националната структура на судиите во земјата во периодот за цела 2019 година.
Притоа, од 506 активни судии, најмногубројни биле судиите Македонци со 75,69 отсто, на второ место се судиите Албанци со 17,39 отсто, а потоа сите други судии со различно етничко потекло.
Слична е и состојбата со етничкото потекло на вкупниот број активни јавни обвинители, што може да се види од последниот објавен Годишен извештај на Советот на јавни обвинители во РСМ, кој е објавен во 2019 г., а се однесува на цела 2018 година.
Во тој извештај, на страница 10, се наведува табеларен приказ од кој може да се види дека од вкупниот број активни обвинители во 2018 г., 191 обвинител, 77 проценти биле Македонци по етничко потекло, додека 17 проценти биле Албанци по етничко потекло, а преостанатите 6 отсто припаѓаат на сите други етнички заедници.
Постот-фотографија досега била споделена 92 пати, била видена од вкупно 16 илјади корисници, а само во последните 24 часа, од 3 до 4 септември, од над 1.100 корисници на социјалната мрежа.
Инаку, според јавно достапни податоци засега не може да се провери првиот дел од содржината на постот, односно колку од вкупниот број издадени државјанства се во корелација со етничката структура на државјаните на Северна Македонија.
Бројките во овој пост во кој не се кажува за кој период станува збор, наводно, драстично се промениле, па така етничките Македонци наводно се застапени со 72,66 отсто, а етничките Албанци со 16,70 отсто, што е огромна разлика од бројките од пописот во 2002 година, кога етнички Македонци имало 65,17 отсто, а етнички Албанци 25,17 отсто (види на стр. 14).
Овој рецензиран пост може да доведе до погрешни заклучоци и да шири во јавноста говор на омраза по етничка основа. Фактите што ги провери „Вистиномер“ укажуваат на целосно поинаква состојба. (vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.