Медиумите не смеат да бидат дел од црната кампања

Фото: meta.mk

До локалните избори на кои ќе бираме градоначалници и совети на општините нè дели цело лето, кое освен што е најавено дека ќе биде долго и топло, ќе биде жешко и на политичката сцена. Официјалната кампања формално не е започната. Таа според Изборниот законик ќе стартува 20 дена пред одржувањето на изборите кои ќе се одржат во втората половина на октомври. Но, неофицијалната веќе киниса

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Во овој период до започнување на официјалната кампања, законски е забрането платеното политичко рекламирање во печатените и електронските медиуми, ама тоа не ги спречува политичарите да бидат присутни на терен, а особено на социјалните мрежи и во медиумите. Во последните денови се почести се активностите на власта во општините низ земјата каде што може да видиме растрчани партиски функционери кои истовремено се и државни функционери.

Паралелно се води и црна кампања која е наменета да ги дискредитира првенствено партиите, а истовремено е насочена и индивидуално кон нарушување на угледот на можните кандидати за градоначалници. Оваа кампања се води пред сè на социјалните мрежи, но и преку медиумски написи кои се засновани на шпекулации, манипулации, големи дози на сензационализам и едностраност, како и коментаторски објави на кои им недостасуваат релевантни податоци и докази. Често се објавуваат и дезинформации, односно целосно неточни информации. Сето ова се прави за да се постигнат политички поени и поголем партиски рејтинг преку омаловажување и дискредитирање на дел од идните кандидати како и за поголема читаност на медиумот.

 

Изненадување, дезинформации, шпекулации

Море од дезинформации се проширија по најавата на ДУИ дека ќе соопштат изненадување на денот на роденденот на партијата. Веднаш започнаа шпекулации дека изненадувањето ќе биде поврзано со локалните избори. Се пишуваше дека изненадувањето, всушност е одлука на коалициските партии да кандидираат заеднички градоначалник за Град Скопје кој ќе биде етнички Албанец. Медиумите отидоа дотаму што лиферуваа и имиња, а најчесто се спомнуваа Имер Селмани и Изет Меџити. Сите овие информации беа неточни.

По овие медиумски написи, започнаа и шпекулациите дека Шилегов отпаднал од игра за градоначалник на главниот град и дека Заев го пуштил низ вода, што потоа беше демантирано од Шилегов кој потврди дека ќе бара втор мандат од скопјани.

Се покажа дека изненадувањето, кое го соопшти партискиот лидер Али Ахмети, немаше никаква врска со локалните избори, туку станува збор за одлука на ДУИ да ја прифати еколошката зелена агенда.

 

Црна пропаганда

Освен непроверени информации и ширење на шпекулации, почна и црна кампања со навреди, а не ретко и говор на омраза кон некои сегашни градоначалници за кои се претпоставува дека повторно ќе се кандидираат.

Еден медиум преку нивната платформа дури и најави „тепање“ на градоначалниците.

Досега, објавени се неколку вакви текстови кои се вулгарни, недолични, полни со навреди и говор на омраза. Освен тоа, се нафрлаат сериозни обвинувања за направен криминал, а за тоа нема никакви докази, ниту,пак, овие информации имаат кредибилен извор.

Во рамките на оваа црна пропаганда се измислената изјава на  струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко  – нeпиcмена си и не би те **ел“, како и наводната изјава на Ахмети  – „народ нека пати“.

Дел од неофицијалната кампања се и навивачки и целосно пристрасни текстови од медиуми кои покажуваат  наклонетост кон власта.

На долго и широко се пишуваше и шпекулираше за односот помеѓу актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски и разрушените односни со неговата партија СДСМ и лидерот Зоран Заев.

Се појави и лажна вест поврзана со градоначалникот на скопската Општина Карпош, Стефан Богоев. Неговиот потпис и печатот на општината беа фалсификувани на лажно соопштение кое наводно го испратила општината.

 

Медиумите и изборите

Медиумите треба да бидат очите и ушите на граѓаните. Тие мора да внимаваат дали ќе се повторува практиката од речиси сите претходни изборни циклуси кога државните и локалните функционери користеа службените ресурси како возила, обезбедување и слично, за предизборни активности односно партиски цели.

Исто така, за граѓаните да добијат појасна слика што сработеле нивните градоначалници во изминатите четири години, новинарите треба да проверат што од ветеното на градоначалниците е исполнето, а што не е. Вакви новинарски продукти ќе им завршат повеќе работа на граѓаните отколку сензационалистички објави за наводни недокажани афери на некои градоначалници.

Притоа медиумите треба да избегнуваат да известуваат навивачки, пристрасно, некритички и селективно како за активностите на власта така и за опозицијата. Известувањето, особено пред избори, треба да биде базирано на професионалните стандарди за навремено, објективно и непристрасно информирање, а медиумите во никој случај не смеат да си дозволат да се претворат во инструмент на партиските пропаганди.

Како се известува за време на избори е пропишано и во неколку членови на Новинарскиот кодекс, како што се на пример:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно. (член 1)

Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата. (член 3)

Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.(член 14)

За  бидат граѓаните  правилно информирани за изборите медиумите треба да известуваат точно, навремено, со информации проверени од неколку страни, а новинарските објави да бидат поткрепени со релевантни извори и ослободени од сензационализам.

Затоа, внимавајте доколку во текстовите нема ниту докази ниту извори, а се тврдат суштински работи, тогаш можеби сте паднале во замката на нечија пропаганда и партиска агенда. Доколку не можете информацијата да ја потврдите од барем уште еден извор, тогаш најверојатно станува збор за манипулација. А, вакви објави се очекува да има сè повеќе како што ќе наближува денот за избори.