Министерот Филипче шетал без маска на отворено – ама во септември

Изместувајќи го контекстот на една фотографија, на јавноста ѝ се сугерира дека министерот за здравство Венко Филипче шета надвор без да носи маска како лична заштита, што е задолжителна мерка за сите граѓани

Во пост објава на Фејбук на македонски јазик на јавноста ѝ се сугерира дека министерот за здравство, Венко Филипче, не ги почитува мерките и уредбите на Владата, на министерство со кое раководи и ги предлага истите додека се шета во природа без да носи маска како заштита од корона вирусот.

Во текстот во постот се наведува:

Министер за здравство Венко Филипче во Македонија ,кој им вели на граганите носете маски на отворено(од десно првиот во бела маица)

Заедно со ваквиот текст е објавена фотографија на која се гледа министерот Филипче во група со некоку други лица како се шета по некој локален пат некаде во земјата.

Сугестијата во постот е јасна. Сите граѓани треба да носат маска на отворено, но Филипче како министер тоа не го почитува, вклучувајќи ги и другите лица што се во негова близина. Но, станува збор за манипулација, затоа што недостига контекстот на фотографијата, што авторот на постот, доколку би сакал постот да не биде манипулација, требало да го спомене.

Имено, фотографијата не е од сега, ноември или октомври 2020 година. Тоа може да се заклучи и по маичката со кратки ракави на Филипче и гардеробата и на другите лица околу него. А, потврда за тоа се добива и со пребарување на фотографијата на интернет.

„Вистиномер“ пронајде дека оваа фотографија оригинално е објавена во септември годинава во он-лајн медиумиот „Курир“ како илустрација на текст-коментар со наслов: „Граѓаните искарани и казнети, Филипче се смее: Министре, за вас не важат препораките кои сам ги кажувате?

Текстот во „Курир“ може да се толкува вака или онака, но факт е дека е објавен во септември 2020 година. Тогаш на сила сè уште беше уредбата на Владата за носење маска на отворено само како заштита од корона вирусот, само на оние места каде не е можно да се одбегне физичката дистанца. Во таа уредба, која стапи во сила во април 2020 година, се наведува:

Уредбата определува дека секое домашно или странско физичко лице на територија на Република Северна Македонија е должно да носи лична заштитна опрема на лицето при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично)

Иако може да се дебатира дали има два метри растојание од лице до лице на објавената фотографија и дали може ова движење на отворен простор (пешачење), да се толкува како спортување, тоа не е толку важно за рецензијата на овој пост.

Факт е дека станува збор за фотографија во текст објавен на 14 септември, кога сè уште не беше во сила новата законска мерка за задолжително носење маска на отворено во секоја прилика, освен ако лицето не спортува, се вози само во возило, итн.

Новите мерки за задолжителното носење маска на отврено стапија во сила на 29.10.2020 година, откако Собранието на РСМ ги усвои измените во Законот за за заштита на населението од заразни болести на 28.10.2020 година.

Според тоа, може да се оцени дека фотографијата што ја објавил авторот на постот што го рецензираме, заедно со текстот, е информација на која ѝ недостига контекст, со што самата по себе станува дезинформација за јавноста, наведувајќи ја на заклучок дека самиот министер не ги почитува мерките што ги донела Владата во која е член.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.