Министерот Венко Филипче не оперира ноќе

[Рецензија: И додека некој спие министерот Венко Филипче оперира и спасува животи, ХЕРОЈ!!!]

Во Фејсбук групата за поддршка на министерот за здравство, неврохирургот д-р Венко Филипче, како и на приватен профил на член на оваа група, споделена е фотографија, на која министерот е во операциона сала, а во описот на фотографијата се наведува дека тој оперира и спасува животи додека некој спие. Информацијата, иако афирмативна за имиџот на министерот, не е вистинита.

Линк до оригиналниот напис: И додека некој спие, министерот оперира и спасува животи ХЕРОЈ!!!

Датум и време на објавување: 19.03.2020

Датум на рецензија: 21.03.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во конкретниот случај станува збор за очигледна намера да се пофали и поддржи министерот, но со погрешна информација проследена со фотографија. Фотографијата е веродостојна, но описот и дава погрешен контекст,  дека министерот Венко Филипче, ноќе оперира, а дење се справува со ковид 19. Илустацијата со ваквиот опис, односно дезинформацијата, со голема брзина се прошири на социјалните мрежи, доживеа голема виралност – споделена е 57 пати, од кои првиот пат во групата: „И јас сум Венко Филипче, поддршка“. Само во оваа група има над десет илјади активни членови, кои споделуваат пофални зборови за министерот и повремени информации за коронавирусот.

Но, оваа дезинформација, која е проширена без лоша намера од поддржувач на министерот, набрзо беше  и официјално демантирана.

Како што наведува самиот Филипче, фотографијата е од 2019 година, а во овој момент, тој целосно е фокусиран на справувањето со коронавирусот.

Интересно е да се забележи, дека не секогаш невистинитите информации имаат за цел да наклеветат јавна личност,  тие честопати имаат цел афирмативно да ја претстават во јавноста. Но, јавните функционери се оние кои решаваат дека е многу важно да се биде целосно транспарентен и да не се искористат таквите дезинформации за политички поени.