На Франција не ѝ паѓа на памет да ја легализира педофилијата, без оглед на лажната вест во овој напис која вели поинаку

 

[Рецензија: „Франција ја озакони педофилијата! Марионетката Макрон го легализира сексот на деца и возрасни!“]

 

„Франција ја озакони педофилијата! Марионетката Макрон го легализира сексот на деца и возрасни!“ Текст со ваков наслов, базиран врз проблематичен, политички обоен странски извор, деновиве се прошири по социјалната мрежа „Фејсбук“. Овој тенденциозен и невистинит напис беше споделуван и проследен со реакции на револт и индигнација, разбирливи кога ќе се земе предвид осетливоста на пошироката публика на оваа тематика, што очигледно била и интенцијата на медиумот што го објавил – не да информира, туку да шири политичка пропаганда.

Линк до оригиналниот напис: Франција ја озакони педофилијита! Марионетката Макрон го легализира сексот на деца и возрасни!

Датум и време на објавување: 5.8.2018

Датум на рецензирање: 7.8.2018

Рецензент: Југослава Дуковска 

 

„ВЕСТ“ СПОРЕД РЕЦЕПТИТЕ НА FAKE NEWS  КУЈНИТЕ

Овој напис, всушност, претставува речиси комплетен препис, односно превод на текст со нешто поинаков наслов: France Passes Law Saying Children Can Consent To Sex With Adults (Франција донесе закон кој вели дека децата можат да се  согласат на секс со возрасни) oбјавен на YourNewsWire.com, познат како веб-страница мамец за кликови на лажни вести (clickbait fake news web site), кој често се занимава со теории на заговор, така што легитимни информации меша со лажни вести. Дека не е само обичен сензационализам и отсуство на критички став кон изворот, туку смислено дезинформирање, може да се утврди ако се истражи потеклото на оваа информација.

Изворот е пропагандна веб-страница од Соединетите Американски Држави, кој се занимава и со актуелни теми од меѓународната политичка сцена. Неговиот сопственик е некогашен новинар на Би-би-си, кој се „прослави“ со објавување на „веста“ дека британската кралица Елизабета Втора ќе абдицирала доколку Британците не гласаат за брегзит и кој доживеа над 23 илјади споделувања на „Фејсбук“.

Доколку, пак, ја погледнеме интервенцијата во содржината на преведениот текст, која ја направил медиумот што го пренесува написот, каде што наместо „либерални активисти“, како што стои во оригиналот, е преведено „соросоидни активисти“, станува јасно дека објавувањето на оваа лажна вест во македонски медиум е мотивирано со потребата за оцрнување на политичката фигура на Џорџ Сорос на овие простори.

 

ЗАКОНОТ НА СКЈАПА – ПООСТРИ САНКЦИИ ЗА ПЕДОФИЛИТЕ

Владата на Макрон гласаше против ограничување на возраста за согласност за секс во Франција, со што стана најнова нација што се предаде пред притисокот на меѓународната мрежа на соросоидни активисти решени да ја нормализираат педофилијата и да го декриминализираат сексот со деца низ светот, јавува YourNewsWire.Com.

Оваа реченица е добра илустрација на тоа зошто овој напис е проблематичен – бидејќи манипулира со вистината, поаѓајќи од вистинити факти, истовремено користејќи недокажани обвинувања, и повикувајќи се на нерелевантен и необјективен извор. Проверката на содржините што можат да се најдат на интернет, поврзани со темата, кои доаѓаат од релевантни извори, фрла поинакво светло на текстот и неговата заднина. Со наслов: „Франција донесе нов закон за силување деца и за сексуално вознемирување“, Дојче веле го претстави новиот француски закон како „сигнал за длабоки социјални промени во општеството“, бидејќи со него „секој сексуален акт на возрасен со малолетно лице полесно ќе може да се квалификува како силување“.

Според новиот закон, судиите во иднина ќе можат да го квалификуваат сексуалниот акт со малолетник како силување доколку сексот бил резултат на „злоупотреба на ранливоста“. Конкретно, сексот помеѓу возрасни и деца под 15 години ќе се смета за силување доколку би се утврдило дека возрасното лице ја злоупотребило неспособноста на детето да го разбере тој чин“. Дополнително, овој закон им остава подолг временски период на жртвите на силување да можат да го тужат насилникот за силување откако ќе станат полнолетни, од досегашните 20 на 30 години!

Новиот француски закон, со кој се уредува и санкционира силувањето деца, во јавноста е познат уште и како „законот на Скјапа“ наречен по новата министерка за еднаквост на половите во владата на Емануел МакронМарлен Скјапа. Угледниот американски магазин „Тајм“ вака го квалификува:

Законот на Скјапа, кој содржи посилни казни за силувачите, мерки за справување со онлајн-злоупотребите како и за вознемирувањето на жените на улица, е еден од првите обиди да се преточи ентузијазмот произлезен од движења како „И мене“ (Ме тоо) во постојани законски промени. 

Сепак, францускиот Парламент не востановил законска граница на согласност за секс на малолетно лице, бидејќи предлог-законот што предвидувал таа да биде поставена на 15 години, според официјалното мислење од Уставниот суд на Франција, можел да биде сметан за решение спротивно на Уставот. Поради ова, без оглед што новиот закон, всушност, ги заострува законските санкции за кривичните дела, кои се однесуваат на секс со деца, во дел од француската јавносј беше дочекан со жестоки критики и протести.

Токму врз ова искажано незадоволство на дел од активистите за правата на децата и на дел од опозицијата во Франција се темели тврдењето искажано во текстот на YourNewsWire.com, бидејќи написот не го објаснува целиот контекст на новите законски решенија, односно изнесува само делумни вистини и манипулирајќи со фактите, создава лажна слика за што, всушност, се работи. Она што во овој текст, кој го пренесува и македонскиот медиум, намерно се премолчува, е и фактот дека старосна граница на малолетник за согласност за секс во Франција не постоела ниту пред донесувањето на овој нов закон, па според тоа не може да биде точно дека владата на Макрон се предала „пред притисокот на меѓународната мрежа на соросоидни активисти решени да ја нормализираат педофилијата и да го декриминализираат сексот со деца“!

 

ЗА ЖРТВИТЕ ПОЛЕСНО ДОКАЖУВАЊЕ НА СИЛУВАЊЕ

Она што во текстот што го рецензираме се премолчува е дека со новиот француски закон, всушност, се проширува дефинирањето на поимот „присилба“, со што на обвинителството му се дава поголем простор да обвини сексуални предатори за силување, а на судиите им се даваат одврзани раце за донесување пресуди во случаи на сексуални престапи на возрасни кон малолетни лица, кога е тешко да се докажат сите елементи на кривичното дело силување. Напротив, во написот се тврди дека

со Сојузниот закон во Франција сега нема законска возраст за согласност, што значи дека возрасните кои имаат секс со деца од која било возраст нема да бидат кривично гонети за силување ако детето жртва не е во можност да докаже „насилство, закана, принуда или изненадување

што, како што веќе објаснивме, не е вистина.

За манипулативноста на овој напис да биде поголема, авторите на оригиналниот и на пренесениот текст, кој е предмет на оваа рецензија, се служат и со чисто пропагандни методи. Имено, написот е „збогатен“ и со изјави на пропоненти на „правата на педофилите“, условно кажано, односно на лица со непозната репутација, од правната и научната сфера од Германија и од САД, но не и од Франција, кои нудат свои аргументи зошто „законите против педофилијата се застарени и треба да се укинат“. Не е јасно како токму овие „авторитети“ биле одбрани да го коментираат новиот француски закон, но јасно е дека се сакало да се создаде впечаток оти многу стручни лица во Европа благонаклонето гледаат на педофилијата, па затоа недостигаат спротивставени мислења од правната и научната фела, пред сè, од Франција.

Од сето тоа произлегува дека написот за кој станува збор е – лажна вест. Тешко може да се поверува дека медиумот што го превел и објавил во Македонија не бил свесен за невистинитоста и манипулативниот карактер на овој текст. Поверојатно е дека тенденциозно го пуштил во јавноста. Крајната цел е – оцрнување на угледот на филантропот Џорџ Сорос пред домашната публика. Излажаните читатели се само колатерална штета на патот кон целта.