Намерно искривена изјава на Ахмети и ставена во расистички контекст

 

Неприфатливо е новинар да клевети, да менува изјави или да шири расизам, само за да нападне политичар. Ова е нешто најниско што може да направи еден медиумски работник. Дали е дозволена критика? Да, се разбира, не може да се нарече новинарство, ако само им „удоволи“ на функционерите, или ако не го крене својот глас против негативните појави и постапки или неисполнетите ветувања. Но, и критиката има некои принципи, кои доколку се прекршат, може да се претворат во навреди кон некоја личност или како во дадениот случај, кон цела една заедница.

Веста што ја рецензираме

Линк до оригиналниот напис: Али Ахмети ги нарекува цигани оние што немаат државјанство

Датум на објавување: 31.1.2021

Датум на рецензија: 3.3.2021

Рецензент: Наиле Даути

Расистички наслов

Насловот на оваа информација е крајно расистички и навредлив кон ромската заедница. Покрај тоа, насловот не ја одразува реалноста на изјавата дадена од лицето споменато во текстот. Изјавата е намерно искривена. Новинарот е тој што најмалку треба да има предрасуди. Наслов којшто би можел да ја отсликува вистината на веста би требало да биде: „Али Ахмети: Оние што најмногу немаат државјанства припаѓаат на ромската заедница“ или слично.

 

Содржина на „веста“

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, за време на едно медиумско појавување ги нарече манипулација, гласините дека Албанците се оние што немаат државјанство. Според Ахмети, најголем број граѓани кои се без државјанство се Роми, а не Албанци. Ова, инаку, имплицираше дека Али Ахмети ги навредил сите оние Албанци што немаат државјанство, нарекувајќи ги цигани – се вели во текстот.

Последната реченица е расистичка и навредлива. Со оваа реченица, новинарот најмногу од сè укажува на предрасудите што тој ги има кон Ромите. Нејасните изјави може и да се „преведат“, но оваа изјава не беше таква и не постои начин да се прочита меѓу редови, барем не во оваа форма.

Она што би можело да се посочи во овој случај е фактот дека кога еден функционер, (со големо влијание) знае оти оваа заедница е најдискриминирана – нема државјанство, не може да зборува од позиција како да е аналитичар или колумнист,  туку може да стори повеќе и да ги постави или адресира овие прашања до надлежните институции.

 

Целта на текстот е пропаганда

Предметниот текст продолжува со пропагандата:

Инаку, прашањето за државјанството беше актуализирано во последните неколку недели, бидејќи албанската опозиција, Алијанса за Албанците и Алтернатива, предложи измени и олеснување на постапките за добивање државјанство.

Сега е многу појасно зошто е употребена оваа форма на информирање. Манипулирајќи на најнизок можен начин, целта на оваа „вест“ била да пропагира за друга политичка партија.

Автоматски во овој случај имаме повреда на членот 14 од Етичкиот кодекс на новинарите, којшто вели:

Известувањето од политичките процеси, ОСОБЕНО од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

Вистинската изјава на Ахмети, всушност, е:

Повторно тука има манипулации, бидејќи не се Албанци. Оние што најмногу немаат државјанства припаѓаат на ромската заедница – изјави Ахмети.

Во овој случај, имаме флагрантно кршење на етички и морален начин на некои од принципите на Етичкиот кодекс на новинарите, и тоа:

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)

Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Како што е објаснето во Прирачникот на Критинк, за логичките недоследности и когнитивните пристрасности што се користат најмногу за манипулација со информации, авторот во овој случај, направил лажна аналогија, воспоставување врска помеѓу две работи што не се поврзани една со друга. Авторот намерно прави нелогични аналогии дека Албанците што немаат државјанство се нарекуваат Роми или како што ги нарекува авторот со навредливиот израз „цигани“. Една друга манипулација што ја користи анонимниот автор што стои зад овој портал е Лажната дихотомија. Според она што го напишал, иако изјавата е многу директна и нема друга опција, освен ако авторот намерно поинаку ја перципира!

 

За читателите:

Расизмот не му служи никому. Овој начин на известување нема никаква врска со етиката, принципите и вредностите на новинарството. Таквата форма на известување треба да биде осудена од сите, бидејќи создава омраза и предрасуди, кои, всушност, треба да се избегнуваат, елиминираат, а не да се потпалуваат уште повеќе. Ако еден новинар не може да ѝ помогне на ромската заедница, најмалку што може да нарави е да ја прикаже нивната положба на реален начин. Доколку е дискриминиран од институциите, да пријави, да го крене својот глас, но не и да застане на страната на дискриминаторите, расистите и сличните.