Насловот го нагрдил текстот

[Рецензија: Државата во распад Пендаровски за „ланскиот снег“: Бара да се инвестира во подигнување на свеста за климатските промени]

Насловот не соодветствува со самата содржина во текстот. Кога ќе почнете да го читате написот, сфаќате дека тој нема никаква врска со насловната конструкција. Имено тоа што насловот се обидува да им го наметне на читателите, не е поткрепено на ниту еден начин подолу во написот.

Линк до оригиналниот напис: Државата во распад Пендаровски за „ланскиот снег“: Бара да се инвестира во подигнување на свеста за климатските промени

Датум и време на објавување: 21.11.2019

Датум на рецензирање: 27.11.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Написот има бомбастичен наслов, особено во првиот дел, каде што вели дека „државата се распаѓа“. Насловот тврди дека во државата се случува нешто страшно, а претседателот зборел „за ланскиот снег“. Кога „ланскиот снег“ се користи како метафора, се мисли на некоја стара работа, односно нешто што се случило и завршило во минатото. Метафората во контекстот во кој е употребена не е соодветна. Имено, климатските промени во никој случај не можат да бидат „лански снег“, бидејќи тие се актуелни секоја година и сè повеќе се загрижувачки.

Содржинскиот дел од текстот е коректен – класично известување од настан. Во случајов станува збор за конференцијата „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“, на која професори и експерти од земјава и регионот дискутираа за постојните ризици и за решенијата за адаптација и ублажување на климатските промени. На оваа конференција, свое обраќање имаше и претседателот Стево Пeндаровски.

Целиот текст, всушност, е пренесување на дел од говорот и поентите на шефот на државата. Оттука е нејасно за каков распад на државата станува збор и каква врска има тоа со конференцијата за климатски промени? Тотално неповрзани работи.

Насловот, фактички, го нагрдил текстот.

Во државата нема никаков распад, нема ниту политичка ниту економска криза. Значи, насловот шири лаги.

Насловната конструкција, исто така, ги извртува тезите. На Пендаровски му се распаѓала државата, а тој зборел за „ланскиот снег“, односно за климатските промени, кои, пак, во никој случај не се „лански снег“.

Текстот, наместо да има едноставен и информативен наслов, се служи со политички манипулации со цел да се оцрни и дискредитира претседателот и  притоа воопшто не води сметка за новинарските и професионални стандарди.

Затоа, читателите треба многу да внимаваат кога читаат наслови, односно не треба да се задржуваат само на насловите и од нив да извлекуваат заклучоци, бидејќи може да се соочат со написи од ваков тип.