Насловот треба да привлекува читатели, но не за сметка на вистината

 

[Рецензија: НОВО ПОСКАПУВАЊЕ НА ЦИГАРИТЕ – ЕДНА КУТИЈА ЌЕ ЧИНИ И ДО 300 ДЕНАРИ]

 

Телото (текстот) на рецензираната е вест е горе-долу во ред. Но она што боде очи и претставува проблем од професионална новинарска гледна точка е нејзиниот наслов. Ваков како што е, насловот, едноставно, претставува манипулација. Проблемот не е во она што е напишано, туку во она што е испуштено, што, пак, придонесува читателите да добијат извртена, а со тоа и погрешна претстава за темата што ја обработува веста. Точно е дека насловите по правило треба да бидат што е можно пократки и поударни за да го привлечат вниманието на читателите. Но, тоа не смее да се прави за сметка на вистината.

Линк до оригиналниот напис: НОВО ПОСКАПУВАЊЕ НА ЦИГАРИТЕ – ЕДНА КУТИЈА ЌЕ ЧИНИ И ДО 300 ДЕНАРИ

Датум и време на објавување: 13.3.2019

Датум на рецензирање: 14.3.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Информацијата дека поскапуваат цигарите и дека цената на една кутија ќе достигне 300 денари е манипулација со читателите. Ваквиот наслов има цел да привлече што е можно повеќе кликови, но ако некој не ја кликне веста, а го прочита само насловот, ќе биде погрешно информиран.

Имено, кога ќе го отворите текстот, ќе видите дека кутија цигари ќе достигне цена до 300 денари, но за неколку години, а не сега. И тоа е убаво објаснето во самата вест.

Според предвидениот план, цигарите од јануари 2017 година, па во наредните 6 години се планира да поскапуваат по 4 до 5 денари за кутија годишно. Тоа значи дека на крајот од циклусот во 2023 година една кутија може да чини и близу 200, а некои и до 300 денари.

Насловот на веста не е точен, односно пренесува погрешна информација и создава конфузија кај читателите.

Примарна задача на медиумите е точно да ја информираат јавноста и притоа да остават што е можно помалку простор за недоразбирање или погрешно толкување.

Како што веста треба да биде веродостојна, таков треба да биде и насловот. Тој треба да биде издржан и прецизен. Насловите имаат цел да ги привлечат читателите и колку тие се поинтересни, толку повеќе го привлекуваат вниманието на јавноста кон статиите. Но, тоа секогаш треба да биде засновано на точна информација. Сензационалноста, како во случајов, не е во согласност со новинарските стандарди и критериуми за известување.