[Рајот на земјата: Шест часа работа само четири дена во неделата]
Финска пред нецел месец ја доби најмладата премиерка во светот, Сана Марин, за која се крена голема врева кога беше избрана околу составот на нејзиниот кабинет и за дел од политиките што сака да ги примени.
Десетици медиуми деновиве објавија дека новата финска премиерка Марин ќе воведе флексибилно работно време од четири дена во неделата, наместо пет како што е во поголемиот дел од светот. И не само тоа, туку ќе ги намалела и работните часови во денот од 8 на 6. Иако, ова звучи убаво и би сакале да се случи во вашата земја, сепак тоа не се случува ниту во Финска!
Линк до оригиналниот напис: Рајот на земјата: Шест часа работа само четири дена во неделата
Датум и време на објавување: 7.1.2020
Датум на рецензија: 9.1.2020
Рецензент: Симона Атанасова
Оваа вест е лажна. Медиумите во својата објава го цитираат „Дејли мејл“, кој е британски таблоид познат по објавување шпекулации и непроверени информации. Таблоидот го објавува овој текст и го поткрепува со изјавата на сегашната премиерка дадена во август минатата година, кога била министерка за транспорт.
Веста толку многу се прошири, што со појаснување мораше да излезе и финската влада.
Во програмата на Финската влада, не се спомнува ништо за 4-дневна работна недела. Прашањето не е на агендата на финската влада. Премиерката Сана Марин на кратко ја престави идејата на панел-дискусија минатиот август додека беше министерка за транспорт и оттогаш нема никаква активност околу ова прашање, се вели во реакцијата од финската влада објавена на „Твитер“.
In the Finnish Government´s program there is no mention about 4-day week. Issue is not on the Finnish Government’s agenda. PM @marinsanna envisioned idea briefly in a panel discussion last August while she was the Minister of Transport, and there hasn’t been any recent activity.
— Finnish Government (@FinGovernment) January 7, 2020
Ниту еден од медиумите што ја објавија информацијата не го пренесоа појаснувањето од финската влада.