На социјалната мрежа „Фејсбук“ се споделува пост што содржи видео снимено во САД во кое полициски службеник од САД, кој се придружува кон протестен собир, јавно говори пред насобраната толпа луѓе повикувајќи ги „да не бидат овци“ во контекст на носењето заштитни маски. Во придружниот текст, пак, се вели „Не биди ОВЦА, фрли ја маската. #Народ се Буди. #Вашингтон порака.“
Во Република Северна Македонија заштитната маска, дистанцата и дезинфекцијата на раце, заедно со доследната примена на протоколите за водење на настаните во општествениот живот, претставуваат комбинација на мерки пресудни за тоа да се заштити здравјето на граѓаните.
„Не бидете овци”, им порачува на присутните шериф во униформа од Вашингтон, кој коментира одлука на гувернерот од соодветната сојузна држава во САД, а кој, пак, наложил и на отворено и на затворено да се носат заштитни маски.
Објавата, иако е прегледана над 11.000 пати во моментот на оваа рецензија, сепак, е еклатантно невистинита. Доколку се носи маска, тоа претставува одговорен чин на заштита на сопственото и на колективното здравје. Не е вистина дека оној што носи маска е овца, во преносната смисла на слепа послушност, како што тоа го имплицира содржината на видеото.
Владата на крајот од април донесе
Уредба со законска сила за задолжително носење маски на целата територија на државата при излегување надвор од домот, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде што се собираат повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично).
Министерството за внатрешни работи во рамките на своите надлежности секојдневно изрекува прекршочни казни во висина од 20 евра за непочитување на оваа мерка.
Најреномираната медицинска публикација, списанието „Лансет“, објавуви студија во која се тврди дека носењето маска заедно со физичката дистанца се ефектни во спречувањето на ширењето на корона-вирусот.
Здравствените власти на чело со министерот за здравство, Венко Филипче, водат засилена кампања за подигнување на јавната свест, во која главниот збор го имаат токму здравствените работници, кои носењето на заштитна маска го промовираат меѓу граѓаните како начин на кој тие му помагаат на здравствениот систем, на самите себеси и на своите најблиски. Под хаштагот Носи маска, Заштити се, Помогни ни, десетици здравствени работници, директори на здравствени установи, образложуваат дека оваа мерка е клучна, иако можеби за некого непријатна.
Министерот за здравство Венко Филипче во видеоматеријал во кој е прикажана примената на заштитните мерки од 19 август годинава, на својата официјална фејсбук-страница порачува:
Медицинските лица секојдневно, без исклучок, работат со заштитни маски и опрема. Но и во многу други професии, вработените работниот ден го поминуваат под маска. Не можеме и не смееме да бараме оправдувања за да не носиме маски и да не ги почитуваме мерките.
Кон овој негов повик се приклучуваат десетици други медицински работници.
Носам маска за да се заштитам себе, семејството, колегите, пациентите и сите со кои сум во директен или индиректен контакт. Сметам дека сите треба да ги почитуваме мерките за заштита. Задолжително да носиме маски, да одржуваме дистанца и да ја подигнеме личната хигиена на највисоко ниво, но и да избегнуваме затворен простор и многубројни собири.
Елизабета Стошиќ – Клиника за пластична и реконструктивна хирургија.
Како здравствен работник свесен сум дека сум во ризична категорија. Почитувајќи ги мерките, не дозволувам да го доведам во ризик моето семејство. Носам заштитна маска за да се заштитам и да не дозволам потенцијално да ја пренесам болеста. Носете маска, одржувајте дистанца од 2 метри и одржувајте лична хигиена.
Д-р Благоја Србов – Клиника за пластична и реконструктивна хирургија
Наспроти сите официјални релевантни препораки за носење заштитна опрема и наспроти силната јавна кампања за да се влијае на свеста на граѓаните за важноста на носењето на заштитната маска, во постот се дезинформира и се манипулира јавноста и таа се поистоветува со „овца” како метафора за слепа послушност. Ваквата содржина може да предизвика непоправлива штета и цели неосновано без аргументација, да предизвика масовно непочитување на мерката со што во ризик се става здравјето на граѓаните во борбата со непредвидливиот корона-вирус. Маските се неопходност не само во Македонија, туку и во другите држави, за што еден пример е меѓународниот авиосообраќај.
Корисниците на социјалните мрежи со скепса и со критички ум треба да пристапуваат кон содржини што заговараат неносење маска, кои најчесто доаѓаат од нерелевантни извори, немаат никаква, а камоли медицинска или епидемиолошка аргументација.(vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.